72/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006).

2. Даница Станојковска од Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијати­ва­та, со оспорената законска одред­ба се доведувале во нерамно­прав­на положба инвалидите на трудот со преостаната работна способност чиј работен однос престанал поради други причини од Законот за работни односи, односно поради економски, технолошки, структурални и други промени. Имено, со оваа законска одредба инвалидите на трудот со преостаната работна способност чиј работен однос престанал поради стечај биле привиле­гирани во однос на иста категорија лица, но со поинаков основ за прес­танок на работен однос. Од овие причини, оспорената законска одредба не била во согласност со член 9 и член 35 од Уставот на Република Маке­до­ни­ја.

3. Судот на седницата утврди дека членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување предвидува дека во членот 61 став 2 се менува и гласи: „Кога на инвалид на трудот со преостана работна способ­ност му престане работниот однос поради стечај, средствата за исп­лата на паричните надоместоци од членот 54 какo паричен надоме­с­ток до вработување и за правото од членот 47 став 3 на овој закон, ги обезбедува Фондот, по престанок на правното лице“. По ставот 2 се додава нов став 3, кој гласи: „По исклучок од ставот 2 на овој член кога стечајната пос­тапка трае подолго од две години, инвалидот на трудот со преоста­на­та работна способност може да оствари право на паричен надоместок до вработување на товар на средствата на Фондот“, Ставот 3 кој станува став 4 се менува и гласи: „Правото на паричен надометок од ставовите 2 и 3 на овој член се остварува по престанок на правото на паричен надоместок во случај на невработеност“. Ставот 4 се брише.

4. Според членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се една­кви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уста­вот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Врз основа на овие уставни определби произлегува и правото на социјално осигурување, а во тие рамки и пензиското и социјалното осигурување, како едно од основните права на граѓаните.

Со членот 1 на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско оси­гурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, како и посебните услови под кои оддделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Според членот 47 од истиот закон, осигуреникот кај кого постои преостаната работна способност има право на: 1) работа со скратено работно време; 2) распоредување односно вработување на друга соодветна работа и 3) преквалификација или доквалификација. Индивидуалниот земјоделец не ги остварува правото од став 1 на овој член. По исклучок од став 1 на овој член физичкото лице кое врши дејност има право само на преквалификација или доквалификација и право на соодветно вработување.

Според член 54 од овој закон, осигуреникот кај кого постои преостаната работна способност има право на надоместок: 1) на пла­тата од денот на настанување на инвалидноста до денот на распоре­дувањето или вработувањето на друга соодветна работа, односно до упатување на преквалификација или доквалификација; 2) на платата за време на преквалификацијата или доквалификацијата, 3) на пла­та­та од денот на завршената преквалификација или доквалификација до денот на распоредувањето, односно вработувањето на друго соод­ветно работно место; 4) на платата поради работа со скратено работ­но време и 5) поради помала плата на друго работно место.

Тргнувајќи од анализата на оспорената законска одредба, може да се констатира дека со истата всушност се овозможува оства­рување право на паричен надоместок до вработување на товар на средствата на Фондот само на инвалидите на трудот со преостаната работна способност на кои работниот однос им престанал поради стечај, а стечајната постапка траела повеќе од две години. Оттука, произлегува заклучокот дека вакво право стекнуваат само оние инва­лидни лица со преостаната работна способност на кои основ за престанок на работниот однос е инсолвентноста, односно неспособ­носта на плаќање на правното лице каде тие биле вработени, одно­сно отворање на правното лице на стечајна постапка.

Меѓутоа, тоа, според Судот, не значи дека со определувањето на вакво право на социјално осигурување на одредена група на вработени лица, односно на инвалиди на трудот со преостаната работна способност, истите се доведуваат во привилегирана состојба во однос на работниците на кои работниот однос им престанал поради економски, структурални и технолошки промени и дека со тоа се повредува правото на еднаквост декларирано во членот 9 од Уставот, а на што се укажува во иницијативата.

Имено, ова од причина што со оспорениот член се креира социјалната политика за одредена група на вработени, односно се создава можност на инвалиди на трудот со преостаната работна способност на кои им престанал работниот однос поради стечај, средствата за исплата на паричните надоместоци, како паричен надоместок до вработување и паричен надоместок за време на преквалификација или доквалификација да ги обезбедува Фондот, по престанокот на правното лице, каде всушност настапила преостанатата работна способност, и кај истото (правното лице како работодавец) настапила неспособност за плаќање и истовремено престанок на правниот субјект. Оттука, не може да се прифати дека посочените лица во иницијативата со кои се врши компарација (работниците на кои работниот однос им престанал поради економски, структурални и технолошки промени) се во иста состојба со лицата кои се опфатени со сега оспорената одредба од Законот, односно дека станува збор за иста категорија на вработени лица.

Имено, според Судот, помеѓу овие две категории на лица има суштинска разлика бидејќи кај едните (инвалидите на трудот со преостаната работна способност) им престанува работниот однос поради инсолвентност на правниот субјект каде се во работен однос, односно негова платежна неспособност и престанок на правниот субјект, а додека пак кај другите (работниците на кои им престанал работниот однос поради економски, структурални и технолошки промени) доаѓа до престанок на работен однос поради укинување на некои работни места односно реорганизација на правниот субјект, но не и негов престанок. Оттука, не може да се прифати дека овие две категории на вработени се во иста состојба, за да може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспореното законско решение се доведувале во нееднаква положба овие лица и се повредувал членот 9 од Уставот.

Ова дотолку повеќе што по однос на посочената категорија на лица за компарација во иницијативата, Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) го апсорбира и ова прашање, односно ги регулира правата во случај на отказ од деловни причини.

Поточно, во членот 96 став 1 од Законот за работните односи се предвидува дека работодавачот, пред да го откаже договорот за вработување од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени), поради кои престанува потребата од вршење на определена работа, може на работникот да му понуди: 1) вработување кај друг работодвач без огласување, со преземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговарат на неговата стручна подготовка, односно квалификација; 2) стручно оспособување (обука, преквалификација или доквалификација за работа кај истиот или кај друг работодвач) или 3) нов договор за вработување. Според став 2 на овој член од Законот одредбата од ставот 1 точки 1, 2 и 3 на овој член не се однесува за вработување од трговско друштво, односно трговец поединец во државен орган, јавно претпријатие, јавна установа, единица на локалната самоуправа и градот Скопје, фондови, агенции, заводи и други правни лица основани со закон.

Членот 97 од истиот закон предвидува дека во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му исплати испратнина, и тоа:

1) до пет години поминати во работен однос – во висина од една плата;
2) од пет до десет години поминати во работен однос – висина од две плати;
3) од десет до 15 години поминати во работен однос – во висина од три плати;
4) од 15 до 20 години поминати во работен однос – во висина од четири плати;
5) од 20 до 25 години поминати во работен однос – во висина од пет плати и
6) над 25 години поминати во работен однос – во висина од шест плати.

Основицата за пресметка на испратнината е просечната плата на работникот во последните шест месеци пред отказот, но истата да не биде помала од платата врз основа на која се исплаќаат придонесите за социјално и здравствено осигурување.

Под работен однос, во смисла на ставот 1 од овој член, се смета времето поминато во работен однос кај ист работодавач и работниот однос кај претходниот работодвач, на кој поради настанатата статусна промена, правен следвеник е последниот работодвач.

Испратнината се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.

Барањето, односно давањето на согласност за откажување од правото на испратнина од страна на работодавачот, односно работникот се ништовни.

Оттука, јасно и логично произлегува дека Законот за работните односи обезбедува заштита на категоријата на лица на кои им престанал работниот однос по основ на технолошки и структурални промени, а дека пак Законот за пензиско и инвалидско осигурување обезбедува заштита на категоријата инвалиди на трудот со намалена односно преостаната работна способност.

Предвид на ова, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одредба од Законот се повредувал принципот на еднаквост предвиден во членот 9 и членот 35 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.72/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи