76/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членoвите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав­носта на член 33 ставовите 1 и 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005, 50/2006 и 129/2006).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 ставовите 1 и 2 и член 23 став 1 од Законот за вршење нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/1996) и член 1 став 2 и член 3 ставовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/1998).

3. Бранислав Михајловски, адвокат од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби се повредувало и ограничувало уставно даденото право на граѓанинот на слободен избор на работно место и вработување според своите можности, желби и способности.

Имено, според оспорените одредби на двата закона, секој граѓанин кој ги исполнувал условите да се вработи како нотар или извршител зависел од волјата на министерот за правда дали ќе биде именуван за нотар или извршител, што значело повреда на член 32 од Уставот на Република Македонија, односно повреда на уставното право на слободно вработување на граѓанинот од страна на извршната власт во државата.

Со оспорените одредби, исто така, подносителот на иницијативата смета дека се нарушувало и повредувало уставното право на граѓанинот на слободен избор на местото на живеалиште во Република Македонија бидејќи со законското овластување на министерот да именува граѓанин како нотар или извршител на точно определен град, се повредувал членот 27 од Уставот.

Со оспорените одредби од член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење нотарски работи, се повредувала одредбата на член 53 од Уставот и одредбите од Законот за адвокатурата, односно на нотарите им се давало својство на адвокат кое тие не можеле да го имаат додека не се впишат во Именикот на адвокати при Адвокатската комора на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 33 став 1 од Законот за извршување, министерот за правда го именува извршителот врз основа на конкурс, а согласно став 5 на истиот член, министерот за правда го врши изборот од кандидатите кои ги исполнуваат условите за именување.

Судот, исто така утврди дека Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 20 април 2007 година, го донесе Законот за нотаријатот, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2007.

Согласно член 150 од овој закон, со денот на неговото влегување во сила, престанува да важи Законот за вршење на нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/1996, 25/1998, 6/2002 и 66/2006).

Законот влезе во сила на 12 мај 2007 година, што значи дека на овој датум престанале да важат одредбите од Законот за вршење на нотарски работи, меѓу кои и оспорените членови со оваа иницијатива.

5. Според член член 8 став 1 али­неја 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, вла­де­ењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а согласно став 2 на истиот член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Со Законот за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска. Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, како и на извршување на брод и на воздухоплов (член 1).

Согласно член 2 став 1 од овој закон, основа за извршување претставува извршната исправа. Согласно став 3 на истиот член, извршување на извршната исправа може да се спроведува само кај еден извршител.

Согласно член 3 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.

Извршителот, заменикот на извршител и помошникот на извршител, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за извршување, се дефинирани како лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија.

Според член 31 став 2 од истиот закон, извршителот се именува за подрачјето на основен суд и извршува извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето за коешто е именуван, а при спроведување на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија. Согласно став 4 на истиот член, бројот на извршителите за подрачјето на основниот суд го определува министерот за правда врз основа на претходно прибавено мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд, а од Владата на Република Македонија податок за конечните управни одлуки кои гласат на парични побарувања кои би можеле да бидат предмет на извршување.

Условите за именување на извршител се утврдени со член 32 од Законот. Според одредбите на овој член, за извршител може да биде именувано лице кое ги исполнува следните услови: да е државјанин на Република Македонија; да е деловно способно и да има општа здравствена способност; да има завршено правен факултет; да има најмалку пет години работно искуство на правни работи или три години на извршни работи; да има положен испит за извршител според програмата што ја пропишува министерот за правда; активно да го владее македонскиот јазик; да не е осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеца, или да не му е изречена казна забрана за вршење на професијата извршител; да има опрема и простор кои се потребни и соодветни за вршење на извршни работи и да даде изјава пред нотар за својата имотна состојба, со сите последици од давање лажен исказ.

Постапката за именување на извршител е утврдена со член 33 од Законот. Така, со овој член се утврдува дека министерот за правда го именува извршителот врз основа на конкурс. Конкурсот за именување на извршители го објавува Министерството за правда во „Службен весник на Република Македонија“ и најмалку во два дневни весници. Рокот на конкурсот е 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Кон пријавите за конкурсот, кандидатите мораат да приложат биографски податоци и докази за исполнување на условите за именување на извршител. Министерот за правда го врши изборот од кандидатите кои ги исполнуваат условите за именување. Против решението на министерот за правда кандидатот кој не е именуван за извршител има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до надлежната Второстепена комисија при Владата на Република Македонија.

Согласно член 34 став 1 од Законот, по именувањето, извршителот е должен да даде свечена изјава пред министерот за правда. Согласно став 4 на истиот член, само извршителот именуван од страна на министерот за правда може да го користи називот извршител. Според став 8 на истиот член, именуваните извршители се запишуваат во Именикот на извршителите што го води Комората на извршители на Република Македонија.

Согласно член 35 став 1 од овој закон, извршителот има седиште во местото, кое територијално припаѓа на подрачјето на основниот суд за кое тој е именуван.

Причините за престанок на функцијата извршител се утврдени со член 62 од Законот. Така, со оваа одредба е утврдено дека функцијата на извршителот престанува со смрт; со исполнување на условите за старосна пензија; со писмена оставка; ако биде осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеца или ако му биде изречена казна-забрана на вршење на професијата извршител; ако без оправдани причини не започне со работа во рок од три месеца од објавувањето на неговото именување во „Службен весник на Република Македонија“ и со разрешување во случаите утврдени со овој закон.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, произлегува дека со Законот за извршување е востановен систем на присилно извршување на судски одлуки и на одлуки кои гласат на исполнување на парична обврска, донесени во управна постапка, според кој извршувањето е доверено на физички лица – извршители, кои вршат јавни овластувања утврдени со закон.
Според правната наука, јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверува на установи, организации и заедници и најчесто се однесува на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евиденција, издавање на јавни исправи и слично). Правото на овие субјекти да вршат јавни овластувања се пренесува со закон. По пренесувањето на јавното овластување, државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кои им е доверено тоа овластување.
Имајќи го предвид наведеното, пренесувањето на јавните овластувања во делот на присилното извршување на одлуките, од судовите, како што беше уредено со Законот за извршната постапка, кој престана да важи со денот на отпочнувањето на примената на Законот за извршување, врз извршителите, неминовно подразбира државата со закон јасно и прецизно да ги утврди условите под кои извршителите ќе ги вршат овие овластувања, како и нивните права, обврски и одговорности, вклучувајќи ја постапката за нивно именување и условите потребни за вршење и престанок на оваа функција.

Во оваа смисла, со Законот за извршување се утврдува дека извршителите се именуваат за подрачје на одреден основен суд и имаат надлежност да извршуваат извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето за коешто се именувани, со тоа што при спроведувањето на извршувањето можат да преземаат дејствија на територијата на Република Македонија. Ваквиот концепт на надлежност на извршителите, подразбира дека бројот на извршители за подрачјето на одреден основен суд е ограничен и треба да соодветствува на стварните потреби за спроведување на одлуките на тоа подрачје, поради што за определувањето на овој број извршители законодавецот го овластил министерот за правда, со тоа што го условил бројот на извршители да го определува врз основа на претходно прибавено мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд и од податокот добиен од Владата на Република Македонија за конечните управни одлуки кои гласат на парични побарувања кои би можеле да бидат предмет на извршување. Тоа значи дека државата утврдила концепт на извршување на одлуки кој е поврзан со подрачје на основен суд, за кој е потребен определен број на извршители, при што го задржала правото, преку министерот за правда, да го утврдува бројот на потребните извршители, што е во функција на обезбедување на услови за квалитетно функционирање на системот на извршување.

Од друга страна, во Законот не постои ограничување во смисла на тоа дека именувањето на извршителите е условено од местото на нивното живеалиште, туку само постои утврдена обврска за извршителот, да има седиште во местото кое територијално припаѓа на подрачјето на основниот суд за кој тој е именуван. Со оглед дека седиштето на извршителот е неговото работно место и тоа не е поврзано ниту условено со неговото живеалиште, туку е логична последица на системот на извршување и обезбедува поголема брзина и ефиксаност во извршувањето, според Судот, определбата на законодавецот да ги именува извршителите за подрачје на основен суд, не е во спротивност со уставно утврденото право на граѓанинот слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира своето живеалиште, како што се наведува во иницијативата, поради што, Судот оцени дека наведената регулатива е во согласност со член 27 од Уставот.

Законот утврдува дека именувањето на извршителите се врши врз основа на објавен конкурс од страна на Министерството за правда, со што се создадени нормативни претпоставки за достапност на оваа функција на сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат законските услови за нејзино вршење, без оглед на нивното живеалиште, со што, според Судот, законодавецот обезбедил остварување на уставно гарантираното право на слобода на работа, утврдено во член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, што подразбира право на граѓанинот слободно да го избира своето занимање и вработување, од една страна и достапност на секое работно место и функција во општеството под еднакви услови, од друга страна.

Овластувањето на министерот за правда утврдено со оспорениот член 33 ставовите 1 и 5 од Законот, да го врши именувањето на извршителот, односно да го изврши изборот од кандидатите кои се пријавиле на конкурсот, практично е крајната, завршна фаза од конкурсот и значи избор и именување на потребниот број извршители за подрачјето на определен основен суд, како што налага утврдениот систем на извршување. Во оваа смисла, законодавецот пропишал обврска за министерот, изборот да го изврши од редот на кандидатите кои ги исполнуваат законски пропишаните услови, што значи дека овластувањето на министерот не е неограничено, туку напротив е дозволено само под услови утврдени во самиот закон. Притоа, во ставот 6 на истиот член, законодавецот пропишал постапка за заштита на правото на кандидатите кои нема да бидат избрани на конкурсот, односно пропишал можност за поднесување на жалба до надлежната Второстепена комисија при Владата на Република Македонија, а кое нешто подносителот на иницијативата не го имал предвид во иницијативата.

Можноста за поднесување на жалба и примената на начелото на двостепеност во постапката за именување извршители е од особено значење за заштитата на правата на незадоволните кандидати и за функционирањето на принципот на еднаков пристап до секое работно место, под еднакви услови, со што, според Судот, законодавецот обезбедил нормативни претпоставки за заштита на правата на кандидатите од евентуално самоволно и арбитрерно одлучување на министерот при именување на извршителите, односно обезбедил претпоставки за тоа функцијата извршител, со оглед на нејзините специфики и значење, да им биде доверена на лица кои ќе ја вршат совесно, стручно, непристрасно и професионално.

Оттука, Судот оцени дека наводите во иницијативата, според кои од волјата на министерот зависело дали едно лице кое ги исполнува условите ќе биде именувано за извршител или не, се неосновани, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на член 33 ставовите 1 и 5 од Законот за извршување со член 32 од Уставот.
6. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека со влегување во сила на Законот за нотаријатот, престанале да важат оспорените член 11 ставовите 1 и 2 и член 23 став 1 од Законот за вршење нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/1996) и член 1 став 2 и член 3 ставовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење нотарски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/1998), Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.76/2007
4 јули 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи