Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за критериумите и постапката за распределба на финансиски средства на здруженијата на граѓаните и фондациите од Буџетот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/2000), донесена од Владата на Република Македонија.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била донесена врз основа на членот 18 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година, а во врска со член 61 ставови 4 и 5 од Законот за здруженија на граѓаните и фондациите. Меѓутоа, Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година се применувал и се однесувал само на 2000 година, што значи дека не можел да биде траен основ и извор за постоење и применување на оспорената одлука. Исто така, во членот 61 ставови 4 и 5 од Законот за здруженија на граѓаните и фондациите немало овластување за Владата на Република Македонија да може да ја донесе оспорената одлука .
Оттаму, Владата на Репу блика Македонија немала законско овластување со свој акт да ги утврдува критериумите и постапката за распределба на финансиски средства на здруженијата на граѓани и фондациите, бидејќи овие прашања можеле да се уредуваат само со закон, а не со одлуки или други подзаконски акти, како во случајот.
Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одлука се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и 4 и член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот на Република Македонија, како и член 61 став 4 и 5 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите.
3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 18 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македoнија за 2000 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/1999), а во врска со член 61 ставови 4 и 5 од Законот за здруженија на граѓаните и фондациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998), на седницата одржана на 18 јули 2000 година ја донела оспорената одлука.
Во член 1 од Одлуката е определено дека со неа се утврдуваат критериумите и постапката за распределба на финансиски средства на здруженијата на граѓаните и фондациите од Буџетот на Република Македонија (во натамошниот текст: корисници).
Во член 2 од Одлуката е определено дека распределбата на финансиските средства од член 1 од оваа одлука се врши според Листата на здруженијата на граѓани и фондациите која е составен дел на оваа одлука.
Во членовите 3 од Одлуката се дадени критериумите според кои се врши распределбата на финаниските средства, а во членот 4 од Одлуката е определено дека распределбата се спроведува врз основа на јавен повик кој се објавува во средствата за јавно информирање до 30 септември во тековната година.
Во членот 5 од Одлуката подробно е означена документацијата што треба да се достави за остварување на правото на користење на наведените финансиски средства.
Според членот 6 од Одлуката, корисниците се должни финансиските седства да ги користат исклучиво за намената за која им се доделени. Најдоцна 30 дена по реализацијата на проектот, корисниците се должни да достават соодветна финансиска документација за потрошените средства до Министерството за финансии.
Според член 7 од Одлуката, трансферот на финансиските средства до крајните корисници ќе се реализира согласно динамиката за реализација на проектот.
Според член 8 од Одлуката, доколку корисникот ги користи финансиските средства ненаменски, односно не достави извештај во определениот рок, го губи правото за користење на финансиските средства за наредната година.
Во член 9 од Одлуката е определено дека административно-техничките работи за распределба на средствата ќе ги врши Министерството за финансии.
Според член 10 од Одлуката, истата влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Во продолжение на оспорената одлука следува Листата на здруженијата на граѓани и фондациите. Од истата може да се утврди дека не содржи поединечно и поименично утврдува ње на конкретни здруженија на граѓани и фондации, корисници на средства од Буџетот на Република Македонија, туку ги дава областите во кои таквите здруженија и фондации се основани и делуваат.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 68 став 1 алинеја 2 и 4 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот.
Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Во членот 18 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/1999 од 31 декември 1999 година) беше предвидено дека, средствата утврдени во раздел 9002 потставка 443140 Здруженија на граѓани и фондации, ќе се користат врз основа на одлука на Владата.
Во член 61 став 4 од Законот за здруженијата на граѓаните и фонадациите („Службен весник на Републик а Македонија“ бр.31/ 1998 и 29/2007) е определено дека здруженијата на граѓани и фондациите можат да добиваат средства од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на Град Скопје. Според став 5 од истиот член од Законот, средствата од ставот 4 на овој член се добиваат врз основа на претходно изготвени програми (проекти) од здруженијата на граѓани или фондациите кои ќе бидат одобрени од Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на град Скопје, во согласност со закон.
Во конкретниот случај оспорената одлука неспорно повеќе нема законски основ во членот 18 од Законот за извршување на Буџе тот на Република Македонија за 2000 година, од причина што овој закон е од темпорален карактер и со истекот на 2000 година, на која и се однесувал, тој престанал да важи.
Меѓутоа, имајќи предвид дека оспорената одлука има и втор законски основ, како и тоа дека Собранието на Република Македонија за секоја календарска година донесува посебен закон за извршување на Буџетот за таа година, тоа би бил многу тесен и едностран пристап кон конкретната правна проблематика.
Според тоа, за целосно утврдување на фактичката и правна состојба по предметот беше неминовно Судот да утврди дали вториот законски основ е правно важечки и доволен за оспорената одлука да опстои во правниот поредок и дали законите за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2001, 2002, 2003, 2004, 2005, 2006 и 2007 година содрж ат некакво овластување за Владата на Република Македонија со одлука да го определи користењето на доделените средства за здруженија на граѓани и фондации.
Оттаму, ако за првиот законски основ (член 18 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година) се утврди дека е непостоечки основ за оспорената одлука, тоа не може да се каже и за член 61 став 4 и 5 од Законот за здруженијата на граѓаните и фонадациите, како втор означен законски основ за донесување на оспорената одлука, кој е правно важечки.
Имено, според оцена на Судот, во членот 61 ставови 4 и 5 од Законот за здруженијата на граѓаните и фонадациите не постои директно овластување на Владата со подзаконски акт да го операционализира користењето на средствата од Буџетот на Република Македонија за конкретна календарска година наменети за здруженијата на граѓани и фондации. Меѓутоа, врз основа на оваа одредба здруженијата на граѓани и фондациите врз основа на претходно изготвени програми (проекти) можат да користат средства од Буџетот на Република Македонија со одобрение од Владата на Република Македонија. Значи Владата на Република Македонија по повод изготвени програми/ проекти на здруженијата на граѓани и фондации изготвува акт со кој се одобруваат средства за реализација на тие програми или проекти.
Судот, исто така, утврди дека законите за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2001, 2002, 2003, 2004, 2005, 2006 и 2007 година содржат овластување за Владата на Република Македонија со одлука да го определ и користењето на доделените средства за здруженија на граѓани и фондации, пришто одделните одредби содржински се идентични (одредбата од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2001 година) или слични со членот 18 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година. Притоа, во сите нив е определено дека средстата од Буџетот на Република Македонија наменети за здруженијата на граѓаните и фондациите ќе се користат, секогаш врз основа на одлука на Владата.
При ваква состојба пред Судот се постави и прашањето за карактерот на оспорениот акт, односно што треба Владата на Република Македонија со него всушност да операционализира и дали со оспорениот акт постои навлегување на извршната власт во законодавната и утврди дека со оспорената одлука Владата на Република Македонија на општ начин го операционализира постапувањето на заинтересираните субјекти за користење на средства од Буџетот на Република Македонија, што значи дека истата по суштина е акт од оперативна природа. По однос на содржината на членовите 3 и 5 од Одлуката, Судот оцени дека не предвидуваат било какви обврски за можните корисници на буџетски средства, туку од нив се бара за учество на јавниот повик да приложат определени документи со кои тие располагаат.
Конкретната листа со поименично определување на корисници на буџетските средства со означување на доделениот износ од Буџетот на Република Македонија е предмет на уредување во друг независен акт од оспорениот, кој Владата на Република Македониј а го донесува секоја календарска година.
Оттаму, врз основа на направената анализа произлезгува дека Владата на Република Македонија пристапила кон невообичаен, но рационален начин за одржување во правна сила на оспорената одлука, бидејќи наместо врз основа на закон за извршување на буџетот за секоја календарска година, секоја календарска година да донесува нова одлука, од ваков карактер, таа се определила оспорената одлука, како акт од оперативна природа да биде актот за операционализација на законското овластување за донесување на одлука за користење на наведените средства од Буџетот на Република Македонија.
Судот, исто така го имаше предвид и директното уставно овластување на Владата на Република Македонија од член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, според кое Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а во конкретниот случај оспорената одлука е токму реализација на вака даденото уставно овластување.
Оттаму, не може да се прифати како основано и тврдењето од иницијативата за повреда на член 8 став 1 алинеја 4 и член 68 став 1 алинеја 2 и 4 од Уставот, односно навлегување на извршната во законодавната власт од причина што според сето изнесено оспорената одлука не содржи одредби што би можеле да се карактеризира како законско уредување или пак како донесување на републички буџет. Напротив истата има карактер на акт донесен во функ ција на извршување на законите, во овој случај закони што се однесуваат на извршувањето на буџетот на Република Македонија за секоја календарска година и тоа сметано од 2000 година се до денес.
Од наведените причини Судот оцени дека оспорената одлука е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и 4 и член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот на Република Македонија, како и член 61 ставови 4 и 5 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6 . Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.56/2007
4 јули 2007 година
С к о п ј е
мл
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи