117/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 15 точка 1 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006 и 18/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспореното законско решение, со кое се утврдува дека здравствените осигуреници можат да остварат право на надоместок на плата, ако здравственото осигурување траело најмалку шест месеци пред настапување на случајот, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување, било очигледно дека осигурениците од членовите 13 и 14 од Законот за здравственото осигурување не биле еднакво третирани, дека поголемиот дел од нив биле дискриминирани во однос на осигурениците кои остваруваат право на надоместок на плата во случаите на повреда на работа и професионално заболување, од причини што Законот не го условува остварувањето на нивното право на надоместок со времетраењето на осигурувањето. Ова особено од причини што задолжителното здравствено осигурување било востановено за сите граѓани на Република Македпониј заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон. Со наведената регулатива, законодавецот внел одредба со која се правела разлика меѓу граѓаните-осигуреници, со што се повредувал членот 9 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, се наведува дека иста таква законска одредба, како сега оспорената, постоела во Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 104/2000), која била укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, У. бр. 85/2000. Но, законодавецот не ја почитувал и извршил оваа одлука, со тоа што истата одредба повторно ја вовел со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005), со што била повредена и одредбата на член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Во случајов, со оспорената одредба особено се условувало-повредувало правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, со што грубо се повредувал член 42 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија, на штета на оваа категориј осигуреници.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативите смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11, член 9, член 34, член 35 став 1, член 42 ставoвите 1, 2 и 3, член 51, член 54 став 1 и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на устваноста на оспорената одредба.

На крајот, се наведува посебно барање, до донесување конечна одлука по оваа иницијатива, Уставниот суд на Република Македонија да донесе и посебно решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 15 точка 1 од Законот за здравственото осигурување, осигурениците од членовите 13 и 14 на овој закон можат да остварат право на надоместок на плата, ако здравственото осигурување траело најмалку шест месеци пред настанување на случајот, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување.

5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека Уставниот суд на Република Македонија веќе ја оценувал уставноста на одредбата од Законот што се оспорува со оваа иницијатива, при што со Решение У.бр.210/2005 од 13 септември 2006 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност, Судот оцени дека се исполнети условите за тоа иницијативата да се отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

Имено, според образложението на наведеното решение, постапка за оценување на уставноста на наведената законска одредба не е поведена, затоа што Судот оценил дека со неа не се ставаат во нееднаква правна положба осигурениците, ниту пак се врши дискриминација на осигурениците – жени кои користат породилно отсуство, како што се наведувало во тогаш поднесената иницијатива. При ваквата оценка, Судот го имал предвид фактот дека условот утврден во оваа одредба (здравственото осигурување да трае најмалку шест месеци пред настанување на случајот) се однесува еднакво на сите осигуреници и за сите основи поради кои може да се оствари право на паричен надоместок (болест, повреда, породилно отсуство).

Имајќи ги предвид причините и аргументите изнесени во оваа иницијатива со кои се бара оценување на уставноста на истата одредба, Судот оцени дека истите не се од влијание за поинакво одлучување од она што веќе одлучил со Решението У.бр.210/2005 од 13 септември 2006 година, поради што се оцени дека нема основи Судот повторно да одлучува по оваа иницијатива.

Судот така постапил и кога со Решение У. бр. 175/2006 ја отфрлил иницијативата за повторно оценување на уставноста на истата одредба.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.117/2007
4 јули 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи