89/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 и член 123-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 4/2005, 84/2005, 101/2005 и 70/2006).

2. Бранко Мушкарски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 17 став 1 и 123-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови не биле во согласност со Уставот затоа што условувањето на остварувањето на правото на старосна пензија со најмалку 15 години пензиски стаж (член 17 став 1) и условувањето на правото на пензиски стаж само за времето за кое е платен придонес за пензиско и инвалидско осигурување (член 123-а) биле спротивни на основната цел на Уставот, социјалната правда и на темелните вредности: хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и општо прифатените норми на меѓународно право. Декларативно, овие начела биле прифатени со основните одредби на Законот за пензиското и инвалидското осигурување за да во нормативен дел да бидат опструирани. Имено, според член 3 од Законот, правата по основ на пензиско и инвалидско осигурување по основ на работа се темелеле на начелата на социјална праведност и генерациска солидарност, а според член 4 се остварувале и стекнувале во зависност од должината и обемот на вложувањето на средства за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со закон. Меѓутоа, операционализацијата на овие начела и принципи во нормативен дел не само што било противуставно, туку и жалосно.

Имено, според подносителот на иницијативата при непостоење на шема, модел или принцип според кој ќе се пресметува социјалната праведност и генерална солидрност овие начела биле имагинарни и смислени со цел да се задржат или бранат стекнатите права и привилегии според еден апсурден пензиски систем кој немал врска со фондовското финансирање од причина што тие што го алиментирале фондот односно обврзниците за уплата на придонесот немале право на управување со него. Од друга страна, пак, осигурениците немале сигурност дека кога ќе ги исполнат условите за пензија ќе можат да остварат право по основ на вложените средства. Оттука според подносителот не се работело за генерациска солидарност туку за генерациска дискриминација.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека ако за генерациска солидарност односно дискриминација немало математички модел по кој можело да се објективизира, должината и обемот на вложувањето во пензискиот фонд, биле познати математички големини за кои имало регистрирано веродостојни податоци за секој осигуреник. Според тоа, се поставувало прашањето кој и во чие име донел закон според кој осигурениците со 15 години уплатуван придонес и 64 години ќе остварат право на пензија, а други со 14 години и 11 месеци уплатуван придонес на возраст од 64 години нема да остварат пензија ниту поврат на парите иако вложувале повисок износ.

Во контекст на наведеното подносителот укажува дека во земјите од Европа по чии концепт бил правен и донесен Законот, право на старосна пензија се остварувало со навршени 65 години старост и стаж на осигурување од 60 месеци (5 години) при што осигурениците со стаж на осигурување до 5 години под одредени услови можеле да доплатат или да си ги повратат вложените средства, на кој начин се реализирал принципот на правда и правичност, генерациска солидарност и обем на правото според времетраењето и висината на вложените средства.

Воедно, подносителот на иницијативата си го поставува прашањето за каква праведност и генерациска солидарност се работело ако од Буџетот на Република Македонија се покривале трошоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за исплата на највисоките пензии стекнати под привилегирани услови (25 години пензиски стаж) а со подоцна донесениот Закон за пензиското и инвалидското осигурување, осигурениците со 40 години пензиски стаж требало да чекаат право на пензија до наполнување на 64 години возраст.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека со условувањето на остварувањето на старосната пензија со минимум 15 години пензиски стаж, за кој период било нужно да се платени придонесите од пензиско и инвалидско осигурување се ускратувало правото на човекот и граѓанинот да го оствари правото на пензија поради фактот што некој друг – односно работодавачот не ја исполнил законската обврска и не го платил придонесот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Понатаму Судот утврди дека според член 123-а од наведениот закон во стаж на осигурување се смета времето поминато во задолжително осигурување под услов да е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

4. Судот, исто така, утврди дека членот 17 во целина и одделни ставови меѓу кои и став 1 кој е оспорен со иницијативата бил повеќе пати предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, при што, Судот изразил став дека нама основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведениот член.

Воедно, Судот утврди дека и член 123-а од Законот бил предмет на оценка пред Уставниот суд на Република Македонија, при што и за овој член Судот со Решение У.бр.55/2001 од 28 ноември 2001 година не нашол основи за изразување на сомнение за неговата уставност.

5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија ја оценувал уставноста на член 17 и член 123-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а по повод на предметната иницијатива не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.89/2007
4 јули 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи