Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2006).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.119/2006 од 18 април 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 4 од Законот со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 4 од Законот, поднесените барања до денот на влегувањето во сила на овој Закон за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност, ќе се решат според овој закон.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставнот поредок на Република Македонија е утврдено владеењето на правото.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективни договори.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Од наведените уставни одредби произлегува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата и дека во тие рамки вработените се еднакви во правата кои произлегуваат од работен однос како и при материјалната обезбедност за време на привремена невработеност.
Според член 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со овој Закон се уредуваат прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.
Во оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност е предвидено дека поднесените барања до денот на влегување во сила на овој закон за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност, ќе се решат според овој закон.
Операционализирајќи го уставното право на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, законодавецот има право со закон да ги утврди условите за остварување на ова право и во тие рамки да ги утврди начинот и критериумите, како и постапката на определувањето на тој надоместок.
Во конкретниот случај, од содржината на оспорениот член 4 од Законот произлегува дека поднесените барања до денот на влегувањето во сила на овој закон за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност, ќе се решат според новиот закон, што значи дека сите корисници на наведените права, (како што е на пример правото на паричен надоместок), кои овие права ги стекнале според Законот кој престанал да важи според оспорената одредба од Законот, користењето на тие права ќе ги користат според условите на новиот закон.
Според Судот, не е спорно дека законодавецот при промена на режимот на уредување на односите во одделна област може да го уреди преминот од стариот во новиот режим, како што впрочем и го направил со оспорената одредба од членот 4 од Законот. Меѓутоа, државата овој премин треба да го обезбеди на начин што нема да ги доведува во прашање, или да не се загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на кои тие се однесуваат.
Поаѓајќи од оспорената одредба од Законот, а имајќи ги предвид наведените уставни одредби, Судот утврди дека таа всушност утврдува дека поднесените барања до денот на влегувањето во сила на овој закон за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност, ќе се решат според овој закон, што практично претставува повреда на правната сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото од причини што барањата што се поднесени за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност треба да се решат според прописите кои важеле во моментот на поднесените барања. Всушност, денот на поднесувањето на барањето за остварување на одредено право, па и предметното право е оној момент кога подносителот на барањето го стекнува тоа право согласно законските прописи кои се во важност и никако не може да се доведува во прашање остварувањето на наведеното право поради законските измени што во меѓувреме можат да настанат, како што е случајот со оспорената одредба од членот 4 од Законот, кои, не се поповолни за граѓаните.
Според тоа, во принцип, ако се исполнуваат законските услови правата се стекнуваат во моментот на поднесувањето на барањата, а не кога тие ќе се решаваат, односно не може да се доведува во прашање остварувањето на одредено право за кое, поради одлагањето на процедурата на решавање се решава во време кога се извршени измени на законот што го регулира тоа право.
Со оспорениот член 4 од Законот, исто така, се доведува во прашање и остварувањето на легитимните очекувања, во конкретниот случај на корисниците на правата кои произлегуваат од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, согласно условите што во тогаш важечките закони биле утврдени за остварување на правата кои корисниците за кои тие поднеле барања. Ова, од друга страна значи дека со оспорениот член 4 од Законот се создава правна ситуација, односно можност законот да се применува и на односи – барања кои се поднесени пред неговото влегување во сила, со што Законот има и повратно дејство. Поради тоа, со оспорениот член 4 од Законот не само што се повредува принципот на владеењето на правото, туку и принципот на забрана на повратното дејство на законите утврден во членот 52 став 4 од Уставот.
При уставно правната анализа на оспорениот член 4 од Законот Судот ги имаше предвид и сите досегашни изменувања и дополнувања на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, од кои може да се констатира дека законодавецот утврдувал и соодветни преодни одредби. Така во членот 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2006), било утврдено дека невработеното лице кое на денот на почетокот на примената на овој закон е корисник на паричен надоместок или друго право, продолжува да го користи тоа право, а започнатите постапки за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност, ќе се завршат според законот кој важел во моментот на започнувањето на постапката.
Со членот 10 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005) било утврдено дека поднесените барања за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност, ќе се решат според Законот кој важел во моментот на започнувањето на постапката.
Од наведените преодни одредби од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност произлегува дека законодавецот, во сите измени на Законот, на корисниците на паричниот надоместок им овозможувал да продолжат да го користат тоа право, односно утврдил дека поднесените барања за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност, ќе се решат според законот кој важел во моментот на започнувањето на постапката.
Оттука, разгледувајќи го оспорениот член 4 на Законот, во однос на сите преодни одредби на законите со кои се вршени измени и дополнувања, произлегува дека законодавецот со предвиденото решение во оспорениот член 4 на Законот, отстапува од неговиот дотогашен приод, односно начин на решавање на преминот од стариот кон новиот систем во оваа област. Имено, законодавецот во овој случај различно постапил при уредувањето на преодниот режим за поднесените барања за остварување на правата од осигурување во случај на невработеност.
Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2006) не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.119/2006
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи