59/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлука за потврдување на Одлуката за доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2007 година на одбојкарскиот клуб „Аеродром“, број 07-1803/1 од 20 март 2007 година, донесена од советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.23/2007).

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на оштина Аеродром во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била донесена спротивно на членовите 50 и 62 од Законот за локалната самоуправа и членот 24 од Статутот на општината Аеродром. Ова од причина што градоначалникот на Општината, според наведените одредби бил надлежен за извршување на Буџетот на општината, а таква надлежност имал и според Одлуката за извршување на Буџетот на општината за 2007 година и тоа за трансфери до 30.000,00 денари, но доделувањето на паричните средства било извршено без јасно детерминирани критериуми за нивно издвојување, што оставало сомнение за привелегирање на одредена група граѓани по однос на останатите.

Во иницијативата се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на Одлуката поради опасноста од стекнување на определени привилегии за одредена група на граѓани на штета на жителите на општината Аеродром.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на членовите 50 и 62 од Законот за локалната самоуправа, член 24 од Статутот на општината Аеродром и Одлуката за извршување на Буџетот на општината Аеродром за 2007 година, Советот на општината Аеродром на 15 март 2007 година донел Одлука за потврдување на Одлуката за доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2007 година на одбојкарскиот клуб „Аеродром“.

Во членот 1 од Одлуката е определено дека со оваа одлука се потврдува Одлуката за доделување на средства од Буџетот на општина Аеродром за 2007 година на одбојкарскиот клуб „Аеродром“.

Во членот 2 од Одлуката е утврдено дека средства во износ од 15.000,00 денари се наменети за набавка на спортска опрема на наведениот клуб и ќе се издвојат од Потпрограмата со означување на бројот на поставката.

Според членот 3, Одлуката стапува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“, и е заведена под број број 07-1803/1 од 20 март 2007 година.

4. Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од содржината на оспорената одлука, Судот оцени дека таа не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, бидејќи со неа се доделуваат средства во износ од 15.000,00 денари за набавка на спортска опрема на точно дефиниран субјект, одбојкарскиот клуб „Аеродром“. Всушност оспорената одлука претставува поединечен акт кој има правно дејство само за наведениот, но не и за други неопределени субјекти во правото. Со доделувањето на точно определени средства на определен субјект за дефинирана намена, не може да се смета дека оспорената одлука ги задоволува критериумите на пропис подобен за уставносудска оцена.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.59/2007
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи