53/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1, точка 1, подточка 1.1. став 7 од Наредбата за преземање мерки за здравствена заштита на животните од заразни и паразитски болести и рокови за спроведување на наредените мерки во 2007 година, („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2007), донесена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

2. Свињарска фарма „Мак Месо СФ“ АД Таринци од с. Тринци, Штип, застапувана од Владимир Трајановиќ, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со членот 12 став 1 од Законот за ветеринарно здравство било уредено дека класичната чума кај свињите е особено опасна заразна болест, со членот 77 став 1 од овој закон било уредено дека минимален задолжителен обем на здравствена заштита на животните од заразни билести е систематска и превентивна заштита – вакцинација од определени заразни болести на животните од членот 12 од Законот, а со членот 82 став 1 точка 1 од Законот било предвидено дека според Програмата за користење на средства за здравствена заштита на животните Републиката во целост ги поднесува трошоците за минималниот задолжителен обем на заштита на животните од заразни болести од членот 77 став 1 точките 1, 3, 4, 5, 7, 9, 10, 11, 12 и 13 на овој закон.

Оттука, со одредбите од Законот било уредено дека вакцинирањето против класичната чума кај свињите е финансиски товар исклучиво на Републиката. Меѓутоа, наспроти ваквата законска регулатива со оспорената одредба од Наредбата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство било предвидено дека трошоците за вакцинирањето против класичната чума кај свињите се покривале во висина од 50% од Програмата, согласно членот 82 од Законот.

Со оглед на тоа што според оспорената одредба од Наредбата, Републиката не ги покривала во целост финансиските трошоци за вакцинирање против класичната чума кај свињите, произлегувало дека таа е во несогласност со наведените одредби од Законот за ветеринарното здравство и во несогласност со членот 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со иницијативата воедно се бара Судот да донесе времена мерка и со решение да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба од Наредбата.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1, точка 1, подточка 1.1., став 7 од оспорената Наредба трошоците за вакцинацијата против класичната чума кај свињите ќе бидат на терет на Програмата за користење средства за здравствена заштита на животните во висина од 50% согласно членот 82 од Законот за ветеринарното здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/1998).

4. Согласно членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за ветеринарното здравство во членот 12 став 1 точка 7 од листата А, како особено опасна заразна болест е предвидена класичната чума кај свињите.

Според членот 77 став 1 точка 1 од овој закон, во минималниот задолжителен обем на здравствена заштита на животните од заразни болести е предвидена систематската и превентивната заштита – вакцинација од определени заразни болести на животните од членот 12 на овој закон.

Со одредбите од Законот во VI дел е уредено прашањето за надоместоци и трошоци за здравствената заштита на животните.

Според членот 82 став 2 од овој закон, Републиката ги поднесува трошоците во износ од 50% за:

– Превенирањето и искоренувањето на болестите од членот 12 став 1 од листата А точките 7 и 8 и од листата Б точките 8, 15, 19, 22, 23, 26, 32, 46 и 58 на овој закон и

– Туберкулинизација на говедата.

Оттука, со Законот за ветеринарното здравство е предвидена класичната чума кај свињите како особено опасна заразна болест (член 12 став 1 точка 7 од листата А) и Републиката ќе ги поднесува трошоците во износ од 50% за превенирањето и искоренувањето на оваа болест (член 82 став 2 точка 1).

Според Судот минималниот задолжителен обем на заштита на животните од заразни болести во кој спаѓа вакцинацијата со средствата согласно член 82 став 1 може да се остварува соодветно на одредбата од ставот 2 на овој член, а не надвор од оваа одредба која се однесува за превенирањето и искоренувањето на класичната чума кај свињите и Републиката ги поднесува трошоците во износ од 50% за таа цел.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Наредбата за преземање мерки за здравствена заштита на животните од заразни и паразитски болести и рокови за спроведување на наредените мерки во 2007 година, донесена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, исто така е уредено дека трошоците за вакцинација на наведената болест кај свињите ќе биде на терет на Програмата за користење средства за здравствена заштита на животните во висина од 50% согласно членот 82 од Законот за ветеринарното здравство, Судот утврди дека оспорената одредба не е во спротивност со Законот.

Имено, со оспорената одредба како дел од целината на одребите од Наредбата се операционализираат законските норми и во тие рамки оспорената одредба од подзаконскиот акт е во согласност со Законот, па поради тоа не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека таа е незаконита, а со тоа и дека била неуставна односно спротивна на членот 51 став 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.53/2007
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи