У.бр.220/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– членот 101 став 3 точка б), освен во делот: „Во случај на бришење на осудата од точката б) на овој став, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.“ и точката в) од Законот за хартии од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.95/2005 и 25/2007).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
– членот 101 став 3 точка б), во делот: „Во случај на бришење на осудата од точката б) на овој став, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.“ и членот 183 став 3 точка г) и е) од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување пос­тапка за оценување на уставноста на повеќе одредби и делови од одредби од Законот за хартии од вредност, означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 101 став 3 точка б) и в) од Законот не бил во согласност со член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 став 1 и 2 и член 54 став 1 од Уставот затоа што правните последици од осудата не можеле да настапат автоматски по сила на закон, туку врз основа на конкретна правосилна судска одлука и натамошни последици што се состоеле во ограничување на правата на граѓаните не биле дозволени, освен ако тоа не било изречно утврдено со Уставот. Со оглед на тоа што според оспорената законска одредба правните последици од осудата настапувале по сила на закон, а не како казна (забрана) што ја изрекувал судот во рамките на видовите на казни, односно санкции, подносителот на иницијативата смета дека истите не биле во согласност со наведените одредби од Уставот.

По однос на оспорениот член 183 став 3 точка г) и став 5 точка е) од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека со него противуставно се ограничувало пасивното избирачко право од членот 22 од Уставот како и правото на учество во вршење на јавните функции од членот 23 од Уставот. Врз основа на наведеното смета дека се повредувале член 9 став 2, член 16 став 1, член 20 став 2, член 22 и член 23 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, Според член 101 став 1 од Законот за хартии од вредност, комисијата дава согласност за именување директот на брокерската куќа.

Во став 2 од истиот член од Законот е определено кои документи се поднесуваат заедно со барањето за именување на директор на брокерската куќа.

Според став 3 на истиот член од Законот, Комисијата дава согласност за именување на директор во рок од 60 календарски дена од денот на поднесување на барањето од став 2 на овој член, освен во случаите кога ќе утврди дека на предложениот кандидат:

а) му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија;

б) му е изречена казна затвор и тоа:
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.

Во случај на бришење на осудата од точката б) на овој став, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.

в) доколку е правосилно осуден за кривично дело предизвикување стечај на правно лице и

д) дал лажна информација во документите кои се поднесуваат согласно со ставот 2 на овој член.

Според член 183 став 1 од Законот, претседателот и комисионерите ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија.

Според став 2 од истиот член од Законот, функцијата претседател може да престане единствено со поднесување оставка на претседателот или негово разрешување од страна на Собранието на Република Македонија како комисионер. Во случај на поднесување оставка од страна на претседателот, неговата функција како комисионер продолжува и понатаму, а Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија, избира нов претседател за остатокот од манадатот.

Во став 3 од истиот член од Законот е определено дека за комисионер (член) може да биде избрано лице кое исполнува повеќе наброени услови, меѓу кои да:

г) не е член на органи на политичка партија

Според став 5 од истиот член од Законот, Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија го разрешува претседателот, односно комисионерот (член), меѓу другото, ако:

е) стане член на орган на политичка партија.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според членот 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде осуден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена судска одлука.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на граѓаните можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот.
Законот за хартии од вредност во членот 1 го дефинирал предметот на уредување во кој е и уредувањето на начинот и условите за издавање и тргување со хартии од вредност.

Во областа на пазарот на капитал, со Законот е основана Комисија за хартии од вредност која го регулира и контролира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија, има својство на правно лице, и се избира и разрешува од Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија.

Според член 2 точка 18 од Законот за хартии од вредност, „Комисија“ е Комисија за хартии од вредност, која преставува самостојно и независно регулаторно тело со јавни овластувања утврдени со овој закон, Законот за инвестициони фондови, Законот за преземање на акционерските друштва и на сите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони.

Како хартии од вредност со Законот се определени: акции во трговските друштва, обврзници, инструменти на пазарот на пари, акции и уреди во инвестиционите фондови што работат според Законот за инвестициони фондови, деривативни финансиски инструменти, потврда за странска хартија од вредност и други финансиски инстру-менти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност (член 2 точка 43 од Законот).

Според член 181 став 1 од Законот, во областа на пазарот на капитал се основа Комисија за хартии од вредност која преставува самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон.
Според член 182 став 1 од Законот, Комисијата е составена од пет комисионери (членови) од кои еден е претседател.

Според одредбите од Законот, произлегува дека брокерската куќа се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија, согласно со овој закон и Законот за трговските друштва (член 98 став 1). Брокерска куќа се основа од најмалку две физички или правни домашни или странски лица, освен во случаите кога основачот е банка или осигурително друштво (став 2). Брокерската куќа треба да има најмалку две лица во редовен работен однос кои поседуваат дозвола за работење на брокер или дозвола за работење на инвестиционен советник издадена од Комисијата (став 3). Комисијата ја пропишува задолжителната структура и начинот на пресметка на основната главнина за брокерската куќа (став 4).

Исто така, од содржината на членот 99 од Законот, произлегува дека брокерската куќа мора во секое време да поседува и одржува главнина чиј износ во зависност од видот на дозволата за работа се движи од 75.000 до 500.000 евра во денарска противвредност.

Во оспорениот дел на членот 101 став 3 точката б), без втората реченица на алинејата 2 од Законот е определено дека Комисијата за хартии од вредност нема да даде согласнот за именување на директор на брокерската куќа кога ќе утврди дека на предложениот кандидат му е изречена казна затвор и тоа:

– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
– во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.

Тргнувајќи од анализата на оспорената одредба произлегува дека со неа се предвидува правна последица на осудата, што се состои во недавање можност, за стекнување на наведената функција, поврзана со пазарот на хартии од вредност, секогаш кога станува збор за лице кое е осудено на казна затвор и тоа за точно дефиниран временски период, што се протега од правосилноста на пресудата, до денот на издржаната казна и уште пет, односно десет години по издржаната казна во зависност од тоа дали е осудено до три или над три години казна затвор.

Притоа, компарирајќи ја првата група на оспорени одредби од Законот, со содржината на член 101 став 1 и 2 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006 и 73/2006), произлегува дека истата ги задоволува критериумите од Законикот по однос на осуда на казна затвор и предвиденост на правните последици на осудата со закон.

Меѓутоа, во оваа одредба не се предвидуваат правни последици на осудата кога е во прашање простена или застарена казна затвор, од што се поставува прашање дали законодавецот сметал дека во случај на простена и застарена казна затвор не можат да се трпат правни последици на осудата, без оглед на дадената општа рамка во членот 102 став 2 од Кривичниот законик.

Исто така, Судот утврди дека во оваа оспорената одредба и правните последици на осудата се поврзуваат со казна затвор до, односно над три години, без да притоа е од значење за каков вид на кривичното дело е осудено лицето, па се поставува прашање дали секое кривично дело го прави лицето неподобно за вршење на функциите опфатени со овие одредби.

Во оспорениот член 101 став 3 точка г) од Законот е содржана формулацијата лицето да не е осудено за кривично дело предизвикување стечај на правно лице.

Од анализата на оваа одредба од Законот, произлегува дека осудуваноста за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице без оглед на времето кога лицето било осудено и независно од видот на изречената санкција од судот е причина предвидена со законот лицето да не може да биде директор на брокерската куќа, без оглед на времето кога лицето било осудено, дали трпи правни последици на осудата и независно од видот на изречената санкција од судот.

Според тоа, со оваа одредба од Законот не се дозволува остварување на право на граѓанинот да ја врши наведената функција и истата генерално се однесува на сите кои се осудени за кривичното дело предизвикување на стечај, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на изречената санкциите и нејзината висина.

Од анализата на наведените одредби и делови од одредби од Законот, произлегува дека станува збор за правна последица на осудата како специфичен правен институт што има како таков големо значење за статустот на осуденото лице, но и за општествените интереси и кој секогаш резултира со ограничување на правата на осудените лица или значи забрана за стекнување на одредени права на лица осудени за одредени кривични дела. Оттаму, правните поседици на осудата како еден вид посебна статусна мерка тешко го погодува осуденото лице, некогаш потешко и од изречената казна затвор, имајќи предвид дека истите најчесто значат губење на одредени права или пак забрана за нивно стекнување за одреден временски период.

Според оцена на Судот, така поставениот правен институт невлегува во сверата на правните последици на осудата кои настапуваат по сила на закон, иако тие не можат да се настапуваат авто­матски по сила на закон, туку казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во огра­ничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Воедно, според оцена на Судот, казнено правниот однос се исцрпува во релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител, од каде натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека со овие одредби, се ограничува по сила на закон правото едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука формулациите на одредбите се недоволно прецизни и јасни и како такви не обезбедуваат правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото, според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

При оценување на уставноста на оспорените законски одредби како основен критериум Судот го имаше во вид постоењето на двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело што се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Оттука, ако се има во предвид фактот дека со оспорените законски одредби се врши ограничување на правото за вршење на работа на лице кое било осудувано за кривично дело, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на тоа одредбите од Законот, означени во точката 1 од ова решение, би можеле да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, како и со членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51.

6. Посебна тематска содржина е втората реченица на алинејата 2 од членот 101 став 3 точка б) од Законот. Во него е содржана формулацијата дека во случај на бришење на осудата од точката б) од истиот став, соодветно се применуваат одредбите од Крвичниот законик.

Вака изнесената законска формулација, според оцена на Судот, не може да биде ставена под сомнение по однос на нејзината согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, од причина што има карактерот на упатна норма, а не на норма што уредува права, од каде со ништо не се повредуваат одредбите од Уставот.

7. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Согласно член 20 став 1 и 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 22 став 1 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање (став 2). Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Во оспорениот член 183 став 3 точка г) и став 5 точка е) од Законот за хартии од вредност е определено дека за комисионер (член) на Комисијата за хартии од вредност не може да биде избрано лице кое е член на органи на политичка партија, односно дека преседателот на Комисијата или нејзините комисионери (членови) се разрешуваат од Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија, меѓу другото, ако станат членови на орган на политичка партија.

Од анализата на наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот, избирачкото право го условува со полнолетноста на граѓаните и нивната деловна способност. Од друга страна Уставот во повеќе одредби утврдил неспојливост на поедини фукции тргнувајќи од претпоставката дека има функции чие вршење е неспојливо со други функции. Во зависност од конкретната функција, Уставот определува неспојливост на таа функција со други јавни функции или професии, други политички функции или пак со забрана за членување во политичките партии, со цел непристрасно, објективно и совесно вршење на доверените функции, без оптовареност со припадноста кон одредена политичка партија. По однос на останатите функции Уставот оставил со закон да се уреди прашањето на неспојливоста на функцијата. Понатаму, Уставот гарантира слобода на здружувањето помеѓу другото и заради остварување и заштита на политичките права и уверувања, гаранција за достапност во вршењето на јавните функции на сите граѓани.

Оттаму, спротиставувајќи го оспорениот член 183 став 3 точка г) и став 5 точка е) од Законот на наведените уставни одредби произлегува дека истиот не може да биде дoведен под сомнение по однос на неговата уставност.

Имено, овие одредби не се поставени како апсолутен услов од кој ќе зависи стекнувањето на функцијата член на Комисијата за хартии од вредност, или ќе зависи губењето на функцијата претседател или член на Комисијата, туку до тоа доаѓа, според замислата на законодавецот, само во случаите кога лицето е член на орган на политичка партија но не и член на партија.

Оттаму, апсолутна забрана за членување во политичка партија, односно остварување на уставно гарантираното пасивно избирачко право во оваа оспорена одредба не е содржано.

Забраната или негативниот услов се состои во неспојливоста на наведените функции со членувањето во органите на политичките партии, што според оцена на Судот е уставно оправдано заради позицијата што ја имаат овие лица на пазарот на хартии од вредност кој се основа од Комисија за хартии од вредност како самостојно и независно регулаторно тело со јавни овластувања.

Според оцена на Судот вака поставената заштитна, законска формулација е реално потребна од причини што во спротивно би постоела можност или опасност носителите на наведените функциите во Комисијата, при вршењето на своите работни обврски истовремено и политички да се организираат и да дејствуваат во својство на членови на органи на политичките партии на кои им припаѓаат. На овој начин, според Судот, се обезбедува непристрасно, објективно и совесно вршење на доверените функции, без оптовареност со обврските што произлегуваат од учеството во работата на органите во одредена политичка партија.

Ваквото законско решение, иако содржи извесна доза на ограничување, во исто време не води кон дискриминација на граѓаните по ниту еден основ и не ги ограничува: слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, правото на слободно здружување во политички партии и пристапување кон нив, избирачкото право воопшто, како и правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавните функции.

Според Судот, оспорениот член 183 став 3 точка г) и став 5 точка е) од Законот за хартии од вредност е во согласност со член 9 став 2, член 16 став 1, член 20 став 2, член 22 и член 23 од Уставот на Република Македонија.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседа­те­лот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.220/2005
27 јуни 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи