16/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за критериумите за утврдување на организационите единици во јавните здравствени установи кои не можат да се издаваат под закуп („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2006 и 4/2007), донесен од министерот за здравство на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Цветанка Пехческа, Оливера Аџиоска, Цветанка Биџоска, Велика Апостолоска, Каролина Спиркоска, Виолета Ангелеска, Мена Јакимоска, Весна Пацаноска, Марика Караџоска и Христина Трајчевска, сите од Прилеп, поднесена лично и преку полномошник Симон Петрески, адвокат од Прилеп и по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.16/2007 од 8 и 9 мај 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 9 и членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 55 став 1, членот 56 став 1 и членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 9 од Правилникот, во јавните здравствени установи не се издава под закуп службата за превентивна стоматолошка заштита на деца со еден стоматолошки тим (доктор на стоматологија и асистент) за секои 4.500 деца до 14 годишна возраст.

Судот на седницата, исто така, утврди дека со Правилникот се утврдуваат критериумите врз основа на кои се уредува кои организациони единици во јавните здравствени установи кои вршат итна медицинска помош, домашно лекување, итна стоматолошка помош, превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца до 18 години, поливалентна патронажа и делови од службите на медицина на трудот не можат да се издаваат под закуп. Притоа, во овие одредби се содржани критериуми како што се: возраста на пациентите, бројот на населението, бројот на медицинските тимовите и нивниот состав и огранизациски елементи како работа во смени или дежурства, вработен возач или пак поседување на возило од одреден вид и други. Во зависност од овие критериуми зависи дали во приватни или јавни здравствени организацините единици ќе се оствари правото на здравствена заштита на граѓаните и положбата на вработените во тие единици.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Маке-донија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена неврабортеност. Според став 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според став 5 од истиот член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот на Република Маке-донија, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според член 200-к став 1 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007), деловите од објектите и опремата на постојните јавни здравствени установи во кои се врши примарна здравствена заштита, стоматолошка здравствена заштита и фармацевтска дејност се трансформираат, односно се приватизираат по пат на издавање под закуп на простор и опрема, под услов закупецот да основа приватна здравствена установа за вршење на соодветната дејност, во согласно со овој закон.

Според став 2 од истиот член од Законот, за вршење на дејноста од ставот 1 на овој член во јавните здравствени установи под закуп се издаваат просторот и опремата на деловите кои претставуваат организациона, просторна, техничка и функционална целина, (во натамошниот текст: организациона единица).

Оттаму, во овие одредби најнапред се определува кои делови од објектите и опремата на примарната здравствена заштита, стоматолошката здравствена заштита и фармацевтската дејност, како организациони единици во јавните здравствени установи, се издаваат под закуп, пришто, издавањето под закуп се врши под единствен услов закупецот да основа приватна здравствена установа за вршење на соодветната дејност.

Според став 3 од истиот член од Законот, Владата на Република Македонија, по предлог на Министерството за здравство може да донесе одлука по пат на закуп да се трансформираат, односно приватизираат и други делови од јавните здравствени уставнови. Оттаму, во оваа одредба, како втор услов е определено дека деловите од објектите и опремата треба да претставуваат организациона, просторна, техничка и функционална целина, односно организациона единица.

Според став 4 од истиот член од Законот, под закуп не можат да се издаваат организациони единици во јавните здравствени установи што вршат итна медицинска помош и домашно лекување, итна стоматолошка помош, превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца до 18 години, поливалентна патронажа, дел од службите на медицина на трудот, превентивна стоматолошка заштита и организационите единици на Стомато-лошкиот клинички центар, според критериумите кои со општ акт ќе ги утврди министерот за здравство.

Карактеристично за ставот 4 на членот 200-к од Законот, е дека прави разграничување по однос на возраст и тоа до 18 години само по однос на превентивната здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, од каде произлегува заклучокот дека возраста како критериум не е застапена по однос на останатите органи-зациони единици што не се издаваат под закуп, меѓу кои и превентивната стоматолошка заштита.

Врз основа на вака направената анализа произлегува дека законодавецот се определил од целината на стоматолошката здравствена заштита да не се издава под закуп превентивната стоматолошка заштита, вклучувајќи ги тука и организационите единици на Стоматолошкиот клинички центар.

Како критериум за издавање на стоматолошката здравствена заштита, (без превентивната стомато-лошка заштита и организационите единици на Стоматолошкиот клинички центар) во Законот е определе но закупецот да основа приватна здравствена установа за вршење на соодветната дејност, а деловите од објектите и опремата да претставуваат организациона, просторна, техничка и функционална целина.

Наспроти тоа, од содржината на членот 200-к став 4 од Законот, како и воопшто од анализата на Законот во целина, во претходната постапка Судот утврди дека не постојат општи критериуми и параметри како што се: одреден број на пациенти, нивната возраст или број на медицински тимови врз основа на кои ќе може да се определи кои делови од објекти на превентивната стоматолошка заштита нема да се издаваат под закуп, кои критериуми се среќаваат во оспорениот член 9 од Правилникот.

Оттаму, со ваквото пропишување, од страна на министерот за здравство, во оспорениот член 9 од Правилникот изворно се утврдуваат критериумите за организацините единици што не се издаваат или се издаваат под закуп, за што не постои законска рамка што согласно Уставот е надвор од ингеренциите на извршната власт. Според тоа станува збор за прешироко, надвор од Устав и закон искористено овластување кое, според Судот, значи навлегување на извршната во законодавната власт со што се повредува принципот за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

Потоа, како критериуми за неизадавање на организаци-оните единици на превентивната стоматолошка заштита во оспорениот член 9 од Правилникот е определена категоријата деца и тоа само до 14 годишна возраст, еден стомато лошки тим (доктор на стоматологија и асистент) и бројот од 4.500 деца до наведената возраст.

Според тоа, возраста на корисникот на превентивната стоматолошка заштита, бројот на тимови и бројот на население се критериумите од кои зависи дали одредена организациона единица ќе може да биде издадена под закуп или не, кои како такви се утврдени со подзаконски акт, а не со закон. Ова понатаму се рефлектира и по однос на положбата на лицата кои вршат превентивна стоматолошка заштита, од причина што во зависност од околноста дали ќе бидат исполнети критериумите од членот 9 од Правилникот тие ќе ја вршат дејноста во приватна или пак во јавна здравствена установа.

Оттаму, станува збор за одредба од подзаконски акт во која се определуваат критериуми, од кои зависи положбата на вработените во превентивната стоматолошка заштита што не е во согласност со членот 32 став 5 од Уставот, кој определува дека положбата на вработените се уредува со закон и колективен договор, но не и со подзаконски акти.

Воедно, заради вака определените критериуми, според оцена на Судот се создава и состојба на нееднаквост на граѓаните на Република Македонија, како крајни корисници на превентивната стоматолошка заштита. Ова од причина што во зависност од тоа дали во одредени средини ќе бидат исполнети или не предвидените критериуми од членот 9 од Правилникот ќе зависи дали граѓаните ќе имаат можност да ја остварат оваа заштита во јавна или во приватна организациона единица, или пак ќе имаат можност да бираат. Ова уште повеќе ако се има предвид концептот на Законот за здравственото осигурување во чии одредби е определено дека за извршување на здравствените услуги Фондот склучува договори со здравствените установи, што значи можност за целосно учество на граѓните во трошоците на лекување доколку тоа го остварат во приватна здравствена установа што не склучила договор со Фондот.

Ова од причини што членот 9 од Уставот на граѓаните им гарантира еднаквост во правата без оглед на нивната возраст или место на живеење, што не може да се каже дека е запазено со оспорениот член 9 од Правилникот.

Во Правилникот не е сосема јасно утврдено кои организациони единици на превентивната стоматолошка заштита и под кои услови ќе се издаваат, односно нема да се издаваат под закуп, што наведува на заклучокот дека станува збор за норма со нејасна содржина што не е во согласност и со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што создадената норма не треба да биде лесно разбирлива само за оној што ја креирал, туку и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува, а во овој случај тоа е една широка популација на граѓани даватели и приматели на здравстени услуги.

Анализирајќи ја уставноста и законитоста на оспорениот член 9 од Правилникот, врз основа на член 14 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот не можеше да не ја земе предвид и содржината на останатите одредби од Правилникот.

Ова, пред се, од прич ина што Судот оцени дека и за нив законодавецот во целината на Законот за здравствената заштита и посебно во членот 200-к став 4 не ги предвидел како решавачки критериум за издавање или пак неиздавање под закуп: возраста на пациентите, бројот на населението, бројот на медицинските тимовите и нивниот состав, огранизациските елементи како: работа во смени или дежурства, вработен возач или пак поседување на возило од одреден вид и така натаму. Понатаму, во зависност од овие критериуми, според целината на Правилникот зависи дали правото на здравствена заштита на граѓаните и положбата на вработените во тие единици ќе се остварува во приватни или во јавни здравствени организациони единици.

Имено, од анализата на целината на Законот за здравствената заштита произлегува дека во него како услови или пак критеиуми се среќаваат: еден или повеќе здравствени работници со високо образование, приоритет по однос на здравствените работници кои се распоредени на работни места во организационата единица најмалку шест месеца пред денот на влегувањето во сила на овој закон и другите работници кои закупецот со договорот за закуп ги презел, што донекаде, но не во целост ја дава преставата за тоа што би претавувал критериумот еден медицински или стоматолошки тим утврден во Праилникот. Меѓутоа, по однос на останатите критериуми како што се возраста на пациентите, бројноста на населението, број на тимови, организираност во смени во Законот не се среќава поблиско определување.

Потоа, според оцена на Судот постои истата непрецизност во нормирањето на останатите одредби од Правилникот што се среќава како и кај оспорениот член 9. Исто така, поради истите причини изнесени по однос на оспорениот член 9 од Правилникот, Судот оцени дека и со целината на одредбите од Правилникот, граѓаните што се корисници на здравствени услуги се доведуваат во нееднаква положба, а правата и положбата на вработените во итната медицинска помош, домашнто лекување, итната стоматолошка помош, превентивната здравствена заштита на предучилишни и училишни деца до 18 години, поливалентната патронажа и деловите од службите на медицина на трудот наместо со закон и со колективен договор, во овој случај, се уредени со подзаконски акти.

Оттаму, сумирајќи ја направената анализа Судот оцени дека покрај оспорениот член 9 од Правилникот и Правилникот во целина не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 9, член 32 став 5 и член 91 алинеја 1 од Уставот.

Воедно заради навлегувањето во изворно утврдување на критериумите од кои зависи дали одредени организациони единици ќе бидат или нема да бидат издавани под закуп, а со тоа и какви ќе бидат правата и положбата на корисниците на здравствените услуги и вработените во здравствените установи, постои и несог-ласност на оспорениот член 9 од Правилникот и Правилникот во целина со членовите 55 став 1, 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ова од причина што со актите што ги донесува министерот во функција на извршување и разработк а на одделни одредби од законите не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, што овде не е случај.

Поради сето наведено, Судот оцени дека Правилникот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 9 и членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 55 став 1, членот 56 став 1 и членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.16/2007
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи