Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместоци на координаторите на советнички групи, бр. 07 -1836/1, донесена од Советот на општина Аеродром на 15 март 2007 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.23/2007).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точка 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива од Кирил Тодоровски градоначалник на општина Аеродром, со Решение У.бр.64/2007 од 18 април 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 ставовите 1 и 4 од Уставот на Република Македонија и со членовите 45 и 100 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002). Истовремено, Судот го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, до донесување на конечна одлука од Судот.
5. Советот на општина Аеродром како доносител на оспорената одлука не достави одговор на наводите содржани во Решението за поведување на постапката.
6. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката „на координаторите на советнички групи им се утврдува надоместок во износ од 10% месечно од просечна месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци“.
Според член 2 од Одлуката „оваа одлука стапува на сила на 1 март, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“. Понатаму, Судот утврди дека Одлуката е донесена на 15 март 2007 година, а објавена е на 22 март 2007 година.
7. Според член 52 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1) и не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека прописите прво се донесуваат, па објавуваат и потоа влегуваат во сила, односно предизвикуваат правни последици. Од претходното правило може да постои исклучок само доколку е поповолно за граѓаните.
Со оглед на тоа што член 2 од Одлуката предвидува нејзино влегување во сила на 1 март 2007 година, а тоа значи пред да се донесе (15 март 2007 година) и пред да се објави (22 март 2007 година), при што нејзината содржина не предвидува поволности за граѓаните, туку за членовите на советот, Судот утврди дека таквата одредба не е во согласност со означените уставни одредби.
8. Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Согласно член 100 од Законот, кој е систематизиран во Глава „Преодни и завршни одредби“, до донесувањето на законот од членот 45 од овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Од изнесените законски одредби произлегува дека членовите на советот, вклучително и координаторите на советнички групи, имаат право на надоместок за присуство на седници и право на надоместок на патни и дневни трошоци, во висина определена со овој закон до донесување на посебен закон со кој поблиску ќе се определи висината на овие надоместоци, при што Законот не предвидува право на посебен надоместок за членовите на советот кои се координатори на советнички групи во врска со работата на советот.
Поради тоа, Судот утврди дека определувањето со општински пропис право на посебен надоместок за координаторите на советнички групи во врска со работата на советот не е во согласност со наведените законски одредби.
9. Имајќи го предвид член 73 од Деловникот на Судот, се оцени дека се исполнети условите за поништување на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
10. Со оглед на тоа што со донесувањето на оваа одлука престануваат причините за постоење времена мерка, Судот одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
12. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.64/2007
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи