Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2007 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок за патни и дневни трошоци за членовите кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на град Скопје бр.07-1799/1 донесена од Советот на општина Аеродром на 15 март 2007 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.23/2007).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Кирил Тодоровски – градоначалник на општина Аеродром со Решение У.бр.61/2007 од 8 и 9 мај 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот за локалната самоуправа.
5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената Одлука на членовите на Советот на општина Аеродром кои учествуваат при склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје им се утврдува надоместок во износ од 80% месечно од просечна месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци.
Според член 2 Одлуката стапува на сила на 1 март, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.
Со стапување во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката бр.07-6958/6 од 21 декември 2006 година.
6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.
Според член 32 од Законот, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.
Во членот 45 од Законот е утврдено дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Во членот 50 од Законот, се утврдени надлежностите на градоначалникот меѓу кои градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот.
Согласно членот 51 став 1 од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.
Според ставот 2 од овој член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Во ставот 3, пак, од овој член, се предвидува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. Во ставот 4 од овој член од Законот е утврдено дека иницијативата од ставот 3 на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Согласно членот 100 од овој закон, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Имајќи ја предвид содржината на цитираните законски одредби произлегува дека законодавецот определил право на членовите на советот да примаат надоместок за присуство на седница и овој надоместок го ограничува со горен лимит најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесување на посебниот закон да им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Наведените одредби не предвидуваат посебно право на надоместок на членовите на Советот за нивното ангажирање во деновите кога се склучуват бракови. Оттаму, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос на одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека членовите на Советот немаат право на посебен надоместок во деновите кога учествуваат во склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје, поради што оспорената Одлука, не е во согласност со наведените законски одредби.
Со оглед на фактот што оспорената Одлука е донесена на 15 март 2007 година, објавен во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.23/2007 од 22 март 2007 година, а согласно член 2 од нејзината содржина е предвидено дека таа стапила на сила на 1 март 2007 година што значи пред нејзиното објавување, Судот оцени дека во конкретниов случај, станува збор за повратно дејство на нејзината примена.
Со оглед на тоа што во овој случај не станува збор за повратно дејство што е поповолно за граѓаните како што определил членот 52 став 4 од Уставот, туку за повратно дејство поповолно за конкретно определен помал број на лица – членови на Советот на точно определена единица на локалната самоуправа, Општина Аеродром, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност и со член 52 став 1 од Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
8. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.
У.бр.61/2007
20 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи