151/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 6 и 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.151/2006 од 2 мај 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Законот со член 9 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 6 од оспорениот Закон, во членот 72 по ставот 3 се додава нов став 4, кој гласи:

„Вдовица која склучила брак со корисник на пензија, односно осигуреник кој ги исполнувал условите за пензија, постар од 64 години, стекнува право на семејна пензија доколку бракот траел најмалку пет години“.

Според член 7 од истиот Закон, во членот 73 по ставот 3 се додава нов став 4, кој гласи:

„Вдовец кој склучил брак со корисник на пензија односно осигуреник кој ги исполнувал условите за пензија постар од 62 години стекнува право на пензија доколку бракот траел најмалку пет години“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верскиото уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба од член 9 произлегува дека при уредување на одредени односи Уставот го обврзува законодавецот тие односи да важат за сите граѓани под еднакви услови што се наоѓаат во таква положба.

Имено, правото на еднаквост кое Уставот го изразува преку гаранцијата дека граѓаните се еднакви независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните се еднакви пред законите, е едно од најзначајните права и како такво претставува и темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и по својата суштина ги негира дискриминацијата, привилегиите, повластувањата од секаков вид и по сите основи.

Рамноправноста и еднаквоста, независно од општествената положба е обврска за државата во нормативното уредување на односите во општеството да не допушти дискриминација, ниту привилегии по основ на образование, имотна положба ниту по основ на возраст. Принципот „сите се еднакви пред законот“ посебно го обврзува законодавецот со забрана во законите да внесува одредби со кои се прави разлика меѓу луѓето.

Членот 30 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Членот 34 од Уставот, утврдува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според членот 40 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи на бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.

Во членот 1 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004 и 83/2004-пречистен текст) се предвидува дека со овој закон се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, нарушените односи и насилството во бракот и семејството, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови.

Според членот 6 од Законот за семејството, бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството. Односите меѓу брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно пчитување и заемно помагање.

Тргнувајќи од уставната определба, законодавецот во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, меѓу другите прашања, го уредува и прашањето за семејната пензија, кое е едно од основните права во пензискиот систем. Имено, со задолжителното пензиско и инвалидско осигурување во случај на смрт на осигуреникот, односно корисникот на пензија, се обезбедува семејна пензија за членовите на семејството.

Со членот 70 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е утврден кругот на членовите на семејството кои можат да остварат право на семејна пензија. Според цитираната одредба од Законот, семејна пензија можат да остварат членовите на семејството:

1) брачниот другар;
2) децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени, посиноци кои ги издржувал осигуреникот, внучињата и другите деца без родители кои ги издржувал осигуреникот) и
3) родителите (таткото и мајката, очувот и маќеата) и посвоителот, што ги издржувал осигуреникот.

Според ставот 2 на членот 70 од овој закон, семејна пензија може да оствари и брачниот другар од разведен брак, ако со судска одлука му е утврдено право на издржување.

Од анализата на ставот 1 на наведената одредба од Законот, произлегува дека при остварување право на семејна пензија за одредени членови на семејството се бара услов тие лица да биле издржувани од осигуреникот.

Со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, исто така, е утврдено дека семејна пензија се остварува, само доколку осигуреникот исполнил и одредени услови во однос на пензискиот стаж, што е утврдено во членот 71 од Законот.

Според членот 71 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија ако умрениот осигуреник:

1) наполнил најмалку пет години стаж на осигурување или најмалку десет години пензиски стаж, или

2) ги исполнил условите за старосна или инвалидска пензија, или

3) бил корисник на старосна или инвалидска пензија.

Во ставот 2 од членот 71 од Законот, се предвидува дека ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигуреникот.

Од наведените одредби во Законот, јасно произлегува дека истите ги регулираат општите услови за остварување право на семејна пензија и тие се однесуваат на умрениот осигуреник и доколку се истите исполнети, членовите на семејството ќе остварат право на пензија и ако ги исполнат посебните услови од членовите 72-78 од Законот.

Според член 72 од Законот, вдовица стекнува право на пензија ако:

1) до смртта на брачниот другар вдовицата да наполнила 45 години живот;
2) до смрттта на брачниот другар вдовицата да била неспособна за работа или таква неспособност да настапила во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;
3) по смртта на брачниот другар да останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца.
4) до смртта на брачниот другар имала наполнети 40 години, кога ќе наполни 45 години живот – или ако во тие години станала неспособна за работа.

Според ставот 2 од овој член од законот, вдовицата која во текот на користењето на правото по основа на вршење на родителската должност (став 1 точка 3) стане неспособна за работа или наполни 45 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија. Вдовицата која го загубила правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 40 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 45 години живот (став 3).

Според ставот 4 од членот 72 на овој закон односно член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој став со иницијативата се оспорува, вдовица која склучила брак со корисник на пензија, односно осигуреник кој ги исполнувал условите за пензија, постар од 64 години, стекнува право на семејна пензија доколку бракот траел најмалку пет години.

Од анализата на цитирната законска одредба на членот 72 од Законот, произлегува дека со истиот се утврдуваат посебните услови под кои вдовицата стекнува право на семејна пензија во случај на смрт на брачниот другар.

Понатаму со членот 73 од Законот, се уредуваат посебните услови под кои може вдовецот да оствари право на семејна пензија. Имено, вдовецот стекнува право на семејна пензија ако:

1) до смртта на брачната другарка да наполнил 55 години живот;
2) до смртта на брачната другарка бил неспособен за работа или таквата неспособност да настанала во рок од една година од денот на смртта на брачната другарка;
3) по смртта на брачната другарка да останало едно или повеќе деца кое имаат право на семејна пензија по таа брачна другарка, а вдовецот ги врши родителските должности спрема тие деца, и
4) до смртта на брачната другарка имал наполнети 50 години, кога ќе наполни 55 години живот или ако во тие години станал неспособен за работа.

Според ставот 2 на членот 73 од Законот, вдовецот кој во текот на користењето на правото по основа на родителска должност, стане неспособен за работа или наполнил 55 години живот, трајно го задржува правото на семејна пензија.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, вдовецот кој го загубил правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 50 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 55 години живот.

Според ставот 4 на членот 73 од Законот, односно член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот вдовец кој склучил браок со корисник на пензија, односно осигуреник кој ги исполнувал условите за пензија, постар од 62 години, стекнува право на семејна пензија доколку бракот траел најмалку пет години.

Според член 78 став 1 од Законот, правото на семејна пензија им припаѓа првенствено на брачниот другар и на децата на осигуреникот, односно корисникот на пензија.

Тргнувајќи од уставното начело дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, пензиското и инвалидското осигурување како дел од социјалното осигурување, се уредува со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Имено, со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување. Оттука, право е на законодавецот да уреди законско решение со кое се обезбедува поголема заштита и сигурност на осигурениците, но и на оние на кое што им припаѓа правото, по овој закон, на семејна пензија.

Во рамките на ова свое овластување при димензионирање на правата, но и на ограничувањето на правото на стекнување на семејна пензија, како што е сторено во оспорените членови од Законот, според Судот, законодавецот го пречекорил своето овластување, во смисла што во Законот внел одредби, какви што се оспорените, со кои се прави разлика меѓу луѓето, односно меѓу осигурениците и нивните брачни другари.

Тргнувајќи од сфаќањето на уставната гаранција за еднаквоста на граѓаните во правата независно од времетраење на брачната заедница, според Судот со овој посебен услов регулиран во оспорените законски одредби се повредува начелото на еднаквост, како едно од основните граѓански и политички слободи и права на граѓанинот. Оттука, при уредување и предвидување како на општите, така и на посебните услови за стекнување право на семејна пензија, Уставот го обврзува законодавецот истите подеднакво да се однесуваат за сите граѓани што се наоѓаат во таква положба. Меѓутоа, во конкретниов случај, законодавецот со одредувањето на посебниот услов во оспорените законски одредби за стекнување на право на семејна пензија, го пречекорува своето уставно овластување и на брачниот другар на осигурениците кои се со ист статус (брачна заедница) без оглед на времетраењето на бракот, му го ограничува правото на стекнување на семејна пензија.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека во конкретниов случај, оспорените одредби на членовите 6 и 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не се во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.151/2006
20 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи