У.бр.239/2006

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок за патни и дневни трошоци за членовите кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на град Скопје, донесена од Советот на општина Аеродром број 07-6958/6 од 21 декември 2006 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.17/2006).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, со Решение У.бр.239/2006 од 18 април 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

5. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената одлука е предвидено дека на членовите на Советот на општина Аеродром кои учествуваат при склучување на бракови во матичната служба на град Скопје им се утврдува паричен надоместок за патни и дневни трошоци, за деновите кога учествуваат во работата на матичната служба од 1200,00 денари.

Според членот 2 оваа Одлука стапува на сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1 ноември 2006 година и ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.

Според член 32 од Законот, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Во членот 45 од Законот е утврдено дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Во членот 50 од Законот, се утврдени надлежностите на градоначалникот меѓу кои градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот.

Согласно членот 100 од овој закон, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Имајќи ја предвид содржината на цитираните законски одредби произлегува дека законодавецот определил право на членовите на советот да примаат надоместок за присуство на седница и овој надоместок го ограничува со горен лимит најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесување на посебниот закон да им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Наведените одредби не предвидуваат посебно право на надоместок на членовите на Советот за нивното ангажирање во деновите кога се склучуват бракови. Оттаму, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос на одредбите од член 45 и член 100 од Законот за локалната самоуправа, Судот утврди дека членовите на Советот немаат право на посебен надоместок во деновите кога учествуваат во склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје, поради што оспорената Одлука не е во согласност со наведените законски одредби.

Исто така, оспорената Одлука е донесена на 20 декември 2006 година и објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.17 на 21 декември 2006 година, а се предвидувало да биде во примена од 1 ноември 2006 година наместо по објавувањето, поради што Судот утврди дека во конкретниот случај станува збор за повратно дејство на нејзината примена, што ја прави оспорената Одлука несогласна и со членот 52 став 4 од Уставот. Имено, во овој случај не станува збор за повратно дејство што е поповолно за граѓаните како што определил наведениот член од Уставот, туку за повратно дејство поповолно за конкретно определен помал број на лица – членови на Советот на точно определена единица на локалната самоуправа, Општина Аеродром.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.239/2006
20 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи