Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
– Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Детален Урбанистички План за „Буњаковец 1“ на урбан модул М22, парцела 22.9 – Скопје, Бр.07-466/1 донесена од Советот на Општина Центар, на седницата одржана на ден 18.02.2005 година („Службен гласник на град Скопје“ бр.2/2005),
– Решението за локациски услови Бр.18-02-2124/2 од 27.07.2006 година, и
– Одобрението за градење Бр.18-02-2594/5 од 29.09.2006.
2. Македонка Давидова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Законот за простоно и урбанистичко планирање и со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот.
Како причини за оспорување на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање и со означените правилници подносителката на иницијативата наведува дека во текот на јавната анкета, која се организирала во два наврати, подносителката на иницијативата доставила писмени забелешки до организаторот на јавната анкета. Со оглед на тоа што не била известена за причините поради кои не се прифатени нејзините забелешки за да може да се обрати до повисок орган, ниту пак извештајот од јавната анкета и бил презентиран, таа смета дека со тоа е повредена постапката за донесување на Деталниот урбанистички план и е постапено спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен бесник на Република Македонија“ бр.4/1996 кој бил во сила во време на донесување на Деталниот урбанистички план), истото детално утврдено во Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002).
Исто така, според подностителката на иницијативата, дополнувањата на урбанистичкиот план не смееле да ја намалат вредноста на околниот простор односно условите за живот и работа на луѓето утврдени со урбанистичкиот план кој е предмет на менувањето.
Деталниот урбанистички план морал да биде усогласен со Генералниот урбанистички план на град Скопје, и од овие причини потребно било да се изврши увид во Генералниот урбанистички план на град Скопје и да се констатира фактичката состојба.
Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 став 1 од оспорената одлука е предвидено дека со оваа одлука се вршат изменувања и дополнувања на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за “Буњаковец 1“ урбани модули M1, M6, M7, M12, M13, M14, M16, M17, M20, M22 i M23 – Скопје, (“Службен гласник на град Скопје” бр.9/2002). Во ставот 2 на овој член е утврдено дека Одлуката за измени и дополнувања ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996), Правилникот за поблиска содржина и начин на графичка обработка на плановите (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).
Во членот 2 од оспорената Одлука се утврдува површината и границите на просторот за кој се донесуваат измените и дополнувањата на Деталниот урбанистчки план.
Според членот 3 од оспорената Одлука, измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план содржат Текстуален дел и Графички прилози кои заедно со Параметрите за уредување на просторот и Извештајот од јавната анкета со Освртот на Стручната консултација, се составен дел на Одлуката.
Во членот 4 е предвидено дека оспорената Одлука се заверува со печат на Советот на општината Центар и потпис на претседателот на Советот на општината.
Во членот 5 од оспорената Одлука се определува рокот во кој ќе се обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ, а во членот 6 се определува органот кој ќе ја чува и ќе се грижи за реализација на Одлуката.
Во членот 7 од оспорената Одлука е определено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот Суд на Република Македонија со Решение У.бр.72/2005 од 22 јуни 2005 година не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за “Буњаковец 1” урбани модули М1, М6, М7, М12, М13, М14, М16, М17, М20, М22 и М23 – Скопје, бр.07-466/1 донесена од Советот на општина Центар, на седницата одржана на ден 18 февруари 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.2/2005).
Притоа Судот утврдил дека имајќи ги предвид изнесените законски одредби, како и фактот дека во конкретниот случај по нацртот на изменувањата и дополнувањата на Деталниот урбаниситчки план е организирана јавна анкета во траење од 10 дена, дека е изготвен извештај за спроведената јавна анкета со образложение за неприфатените забелешки, дека има извештај за извршена стручна ревизија и дека надлежното министерство дало согласност на Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, Судот утврди дека оспорената одлука со која се извршени изменувањата и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Буњаковец 1“ е донесена согласно постапката утврдена во Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност и со членот 11 од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, за кој се наведува дека не бил правилно применет во случај на планирање на објектот на парцелата сопственост на подносителот на иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорената одлука со тој правилник. Ова од причини што согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува само за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективините договори со Уставот и со законите, а не и за меѓусебната согласност на прописи со иста правна сила.
5. Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценил уставноста и законитоста на оспорената Одлука, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот Суд на Република Македонија за отфрлање на ицицијативата во тој дел.
Во однос на наводите во иницијативата дека Решението за локациски услови Бр.18-02-2124/2 од 27.07.2006 година како и Одобрението за градење Бр.18-02-2594/5 од 29.09.2006 биле неосновани и незаконски, Судот утврди дека наведените акти не преставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку поединечни акти за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот едногласно го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.
У.бр.218/2006
20 јуни 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи