3/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УАЕ бр.9, Урбан блок 9/2, кварт 1 и кварт 2 во Прилеп бр.07-1100/4, донесена од Советот на општина Прилеп на 1 јуни 2006 година и објавена во („Службен гласник на општина Прилеп“ бр. 6/2006).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на оспорената Одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.

3. Кирил Тавчиоски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека подносителот на иницијативата на организираната јавна анкета поднел анкетен лист со забелешки и предлози по однос на Нацрт-планот, кои се однесувале на новопроектираната урбанистичка (градежна) парцела 8.34, меѓутоа од страна на Стручната комисија не добил одговор за евентуално прифаќање или неприфаќање на забелешките, што било спротивно на член 24 точка 6 и 8 од Законот за просторно планирање според кој комисијата била должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Во иницијативата понатаму се наведува дека со оспорената Одлука со која е донесен наведениот план била формирана нова урбанистичка (градежна) парцела 8.34, со површина од 21 м2, во најголем дел била дадена под објект како самостоен, а со висина од 5,0 м2 што одговарало на објект изграден на два ката и тоа приземје и поткровје, што било спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот.

Наведениот објект кој што пости на урбанистичката парцела 8.34 бил дивоградба и се водел како помошна просторија.

Изработувачот на урбанистичкиот план и комисијата не го почитувале тоа што со формирањето на урбанистичката парцела 8.34, се навлегувало во градежно земјиште кое било во сопственост на подносителот на иницијативата. Оваа урбанистичка парцела 8.34, била дел од КП.14673 во површина од 52 м2 од која подносителот на иницијативата бил сопственик на 7/11 од површината на таа катастарска парцела, а за која не бил прашан и не дал согласност. Со ваквото дејствие му било одземено неговото градежно земјиште за да се формира нова урбанистичка парцела, како доказ се наведува имотниот лист бр.34529.

Врз основа на изнесеното, се бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената Одлука се донесува Детален урбанистички план за УАЕ бр. 9, урбан блок 9/2, кварт 1 и кварт 2 во Прилеп, како што е означено во графичките прилози кои што се составен дел на оваа Одлука.

Планот го опфаќа локалитетот: на север граница по осовина на Бул. „Маршал Тито“, на запад по осовина на Ул. „Димо Наредникот“, на исток по осовина на ул. „Борка Талески“, на југ граница по осовина на Ореовечка Река, во површина од 14,95 ха.

Во членот 2 од оспорената Одлука се содржани прилозите на планот, со членот 3, 4, 5 и 6 од оспорената Одлука е предвидено дека планот се заверува во 7 примероци, органот кој ќе го спроведе планот и доставувањето на Планот до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.

Во членот 7 од оспорената Одлука е предвидено дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Прилеп“.

5. Во членот 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).

Во Главата VI Преодни и завршни одредби на овој закон, во членот 80 е утврдено дека постапката за донесување урбанистички планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година), ќе продолжи според одредбите на Законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја помести фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Имајќи го предвид изнесеното, анализата на правната и фактичката состојба во однос на постапката за донесување на оспорената одлука се врши во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој бил во сила во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на оспорената Одлука.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според став 3 од истиот член, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Според членот 17 став 1 од Законот плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 3 на овој член од Законот по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета. Во ставот 5 од овој член од Законот е утврдено дека стручната расправа по просторниот план на општина и на Град Скопје и по генералниот урбанистички план, како и јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, ги организира општината, односно градот Скопје. Согласно ставот 7 на овој член, одлука за организирање на јавна анкета по нацрт детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината донесува градоначалникот на општината, односно градоначалникот на градот Скопје по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација. Според ставот 8 од овој член како и институциите особено од областа на заштитата на спомениците на културата, во текот на изработката на плановите од членот 7 на овој закон, доставуваат свои барања со предлог на мерки и режим на планирање и уредување на просторот.

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Според ставот 4 од овој член, извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината, односно градот Скопје.

Согласно членот 19 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа, односно јавната анкета, се врши стручна ревизија. Според ставот 2 на овој член стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 став 1 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 ставовите 6 и 7 и член 23 од овој закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби и утврдената фактичка состојба врз основа на доставена документација, Судот утврди дека постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за УАЕ бр.9, урбан блок 9/2, кварт 1 и кварт 2 во Прилеп бр.07-1100/4 од 1 јуни 2006 година, донесен од Советот на општина Прилеп е спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи во постапката за изготвување и донесување на оспорената Одлука за наведениот Детален урбанистички план се испочитувани сите фази на постапката предвидена во овој закон, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Судот, посебно го имаше во предвид наводот на подносителот на иницијативата дека Стручната комисија не одговорила на неговите забелешки, но од Извештајот по јавната анкета бр.09-331/1 од 23 февруари 2006 година, изготвен од Општина Прилеп е утврдено дека од Извештајот може да се констатира дека на подносителот на иницијативата Кирило Тавчиоски, кој доставил анкетен лист бр. 5, забелешката за кварт 2, уп. 2.8, уп.8.32, за градежната парцела и објектите градени со одобрение за градење, во голем дел му е прифатена, со што како што се наведува во Извештајот„ќе биде дефинирана градежната парцела, како што е документот за сопственост, а површините за градба ќе бидат дефинирани согласно членот 15 од Правилникот“.

6. Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената Одлука не била во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, Судот оцени дека не е надлежен да ја оцени согласноста на оспорената одлука со наведениот Правилник од причини што согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на прописите од ист правен ранг.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Имајќи го предвид фактот дека оспорената Одлука е од ист правен ранг со наведениот Правилник и имаат карактер на прописи и подзаконски акти со иста правна сила, согласно наведената одредба од Деловникот, иницијативата во овој дел ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.3/2007
20 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи