У.бр.195/2006-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јуни 2007 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на измените на дел од Генералниот урбанистички план за крајбрежно подрачје – секција Црн Дрим Струга бр.07-443/43, донесена од Советот на општината на 19 јуни 2001 година и објавена во „Службен гласник на општината Струга“ бр.6/2001.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“

4. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.195/2006 од 4 април 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на одлуката со Уставот и законот.

5. Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување на измените на Генералниот урбанистички план за крајбрежно подрачје – секција Црн Дрим – Струга е донесена од Советот на Општина Струга под бр.07-443/43 од 19 јуни 2001 година.

Според член 1 од оспорената Одлука, со неа се донесуваат измените на Генералниот урбанистички план за крајбрежно подрачје – секција Црн Дрим – Струга.

Според членот 2 од Одлуката, Генералниот урбанистички план содржи: Текстуален дел/книга, Графички дел, Стручна ревизија, Одговор на стручна ревизија, Извештај од стручна расправа.

Според член 3 од Одлуката извештајот од стручната расправа ќе биде составен дел на оваа Одлука.

Во член 4 од оспорената Одлука е утврдено дека предмет на измена на дел од ГУП за крајбрежно подрачје – секција Црн Дрим – Струга ги опфаќа следните граници:

– од југ патот Р-419 и мостот (Мороишта) на реката Црн Дрим,
– од исток реката Црн Дрим во должина од 1000 м.,
– од запад дел до регионалниот пат Р-418 во должина од околу 1000 м.,
– од север реката Шум од мостот на истата до вливот во реката Црн Дрим во должина од околу 100 м.

Овој простор е со неправилна издолжена форма во правец север – југ со површина од 6,9 ха.

Според член 5 од Одлуката Генералниот урбанистички план ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски подрачна единица – Струга, по добивање на Согласноста издадена од страна на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.

Според член 6 од Одлуката Генералниот урбанистички план се заверува со печат и потпис од страна на изготвувачот и потпис и печат од Претседавачот и Советот на општина Струга, а во членот 7 од Одлуката е утврдено дека таа влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга“.

6. Во членот 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).

Во Главата VI Преодни и завршни одредби на овој закон, во членот 80 е утврдено дека постапката за донесување урбанистички планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година), ќе продолжи според одредбите на Законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја помине фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Имајќи го предвид изнесеното, анализата на правната и фактичката состојба во однос на постапката за донесување на оспорената одлука, Судот ја изврши во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој бил во сила во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на оспорената Одлука.

Генералниот урбанистички план според членот 10 став 1 од Законот, се донесува за подрачје на населено место, стопански комплекс и за други подрачја предвидени за градба. Според ставот 2 на овој член од Законот, генералниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните единици и блокови и за инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните блокови, решенија на генерални видови и објекти на сообраќајна и друга инфраструктура. Билансните показатели содржат: податоци за површините и намените, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните блокови согласно со соодветните стандарди и нормативи. Генералниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со просторниот план.

Според ставот 3 на овој член од Законот, документацијата на генералниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставува документациона основа на планот, која заедно со нацртот на планот се доставува на стручна ревизија според членот 19 на овој закон.

Според членот 17 став 1 од Законот плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 2 на овој член од Законот, по нацртот на просторниот план на Републиката, просторните планови на регион, национален парк, Град Скопје и на општината, генералниот урбанистички план, се организира стручна расправа, со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот. Во ставот 5 на овој член од Законот е утврдено дека стручната расправа по просторниот план на општина и на Град Скопје и по генералниот урбанистички план, како и јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, ги организира општината, односно градот Скопје.

Согласно ставот 7 на овој член, одлука за организирање на јавна анкета по нацрт детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината донесува градоначалникот на општината, односно градоначалникот на градот Скопје по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација. Според ставот 8 од овој член како и институциите особено од областа на заштитата на спомениците на културата, во текот на изработката на плановите од членот 7 на овој Закон, доставуваат свои барања со предлог на мерки и режим на планирање и уредување на просторот.

Според член 18 од Законот, јавната анкета по генералниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

Согласно членот 19 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа, односно јавната анкета, се врши стручна ревизија. Според ставот 2 на овој член стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 став 1 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 став 6 и 7 и член 23 од овој закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби и утврдената фактичка сотојба врз основа на доставената документација, Судот утврди дека постапката за донесување на Одлуката за изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план за крајбрежното подрачје – секција Црн Дрим – Струга бр.07-443/43 од 19 јуни 2001 година, донесена од Советот на општина Струга не е спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, од одговорот на Советот на општината произлегува дека се потврдуваат наводите во иницијативата дека измените на Генералниот урбанистички план не биле истакнати во зградата на општината за време на одржувањето на јавната анкета, како и тоа дека извештајот за неприфатените, односно прифатените забелешки од јавната анкета не бил доставен до Советот на општината на седницата при донесувањето на оспорената одлука што е спротивно на цитираните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Исто така, имајќи ја предвид одредбата од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот од која произлегува дека при уредување и хуманизација на просторот се бара почитување на законски прописи кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата, според Судот во постапката за донесување на урбанистички планови општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, треба да ги почитуваат и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро со кои овие езера како добро од општ интерес се споменици на природата и се под посебна заштита.

Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро нивните води, крајбрежија, извори и водотеци, поради карактеристичните одбележја и природни убавини, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки, лимнолошки и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставаат под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриските објекти.

Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежјата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините: Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека езерата се споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се под посебна заштита и истите не смеат да се загадуваат, меѓу другото, и со внесување на непречистена отпадна вода од населените места поради што произлегува и обврската при донесување на урбанистичките планови кои предвидуваат градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата, претходно да се прибави мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Имајќи предвид дека во конкретниот случај Советот на општина Струга во постапката која претходела на донесување на оспорената Одлука за изменување на Генералниот урбанистички план не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот утврди дека таа не е во согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.195/2006
6 Јуни 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи