У.бр.184/2006-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јуни 2007 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување на зони на зелен појас и определување простор за изградба на рекреативни површини, број 07-4070/7 од 28 јули 2006 година, донесена од Советот на општина Струга („Службен гласник на општина Струга“ бр. 7/2006)

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од „Проминг“ ДООЕЛ с. Враништа, преку полномошник адвокат Јован Костовски од Охрид, со Решение У.бр.184/2006 од 18 април 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со одребите од Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Струга, на седницата одржана на 28.07.2006 година, донел Одлука за утврдување на зони на зелен појас и определување простор за изградба на рекреативни површини, заведена под број 07-4070/7.

Според член 1 на оваа одлука, со оваа одлука се утврдува зона на зелен појас и се определува простор за изградба на рекреативни површини, и тоа: североисточно од регионалниот пат Струга – Дебар на потегот од објектот Фабрика ЕМО до спојот со реката Шум и реката Црни Дрим (Шумски мост) на КП. бр. 1142/1 КО Враништа, и просторот помеѓу реката Црни Дрим и регионалниот пат Струга – Дебар на потегот од Авто-сервисот ДООЕЛ компани „Бонанца“ до Мостот Мороишки КП бр. 2812/1 КО Струга.

Според член 2 од истата одлука, се задолжува општинската администрација да отвори постапка за експропријација и отстранување на времените објекти што се лоцирани на катастарската парцела наведена во член 1 на оваа одлука, а според член 3 од оваа одлука, се утврдува обврска за изработка на детален урбанистички план во деловите каде што е утврдена зоната на зелен појас за изградба на рекреативни површини, каде што ќе бидат поставени лесна урбана опрема, клупи, корпи за отпадоци, чадори за сонце изработени од челични профили, пониклувани и дрво, изградба на фонтана, изградба на чешма, паркинг простор и хортикултурно и партерно уредување за засадување алеи на цвеќе, дрвореди, поставување на суви санитарни јазли и сл. и Детален урбанистички план на потегот од објектот на Сојузот на возачи Струга до мостот кај Медицински центар – Црква Св. Петка.

Според член 4 од оваа одлука, Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга“.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005), се предвидува дека со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 2 став 1 од овој закон, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Согласно член 3 од истиот закон, изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови, се утврдени како работи од јавен интерес.

Со член 5 од истиот закон е утврдено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, при што под ‘’просторен план’’ се подразбира план за намена и користење на просторот на територијата на Републиката, под ‘’урбанистички план’’ се подразбира план за уредување и користење на просторот во рамките на планскиот опфат на град, село или друго подрачје утврдено во планот, а под ‘’услови за планирање на просторот’’ се подразбира извод од простор­ниот план во кој се наведени поблиските услови за изработка на плановите од пониско ниво.

Согласно член 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови, и тоа: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Генерален урбанистички план, согласно член 10 од истиот закон, се донесува за градот Скопје и за градовите кои се седишта на општини утврдени со закон. Генералниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, како и билансни показатели. Графичките прикази содржат: граница на планскиот опфат која претставува граница на градот, граници на зони според намената на земјиштето и општиот режим на градење и употреба, примарна сообраќајна мрежа со нивелманско решение, примарни водови и градби од сите градски инфраструктури, граници на урбани подрачја за детално планирање на просторот и други податоци потребни за планските решенија. Текстуалниот дел на генералниот урбанистички план содржи : цел и средства на планските решенија, општи и посебни услови за просторен развој, параметри за спроведување на планот, плански услови за детално планирање на просторот, стратешка процена на влијанието врз животната средина, заштитни мерки и други податоци за планските решенија.

Согласно член 11 став 1 од овој закон, детален урбанистички план се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план.

Според член 22 на овој закон, Урбанистичките планови од член 7 на овој закон, се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и како предлог на план.

Согласно член 23 став 1 од истиот закон, по нацртот на генералните урбанистички планови се организира стручна расправа, со учество на претставници на стручни и научни институции од областа на урбанистичкото планирање, органите на државната управа, институциуи надлежни за заштита на спомениците на културата, комуналните претпријатија, други институции и лица од подрачјето опфатено со планот и невладини организации.

На генералниот урбанистички план, деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, изработени во форма на предлог на план, согласно член 25 став 1 од овој закон, се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Со член 26 од истиот закон е утврдено дека Собранието на Република Македонија го донесува Просторниот план на Републиката, Советот на градот Скопје донесува генерален урбанистички план на градот Скопје, советите на општините во градот Скопје донесуваат детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, советите на општините со седиште во град донесуваат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, а советите на општините во село донесуваат урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, произлегува дека уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што, во функција на операционализација на оваа определба, со закон целосно се утврдува и разработува постапката за просторното и урбанистичко планирање, која подразбира изработување, донесување и спроведување на просторен план и на урбанистички планови.

Од увидот во документацијата за донесување на оспорената одлука, доставена во фазата на претходна постапка, Судот констатира дека Советот на општина Струга, со Одлука број 07-443/43 од 19.06.2001 година, има донесено Генерален урбанистички план за крајбрежно подрачје – секција Црни Дрим Струга. Видно од графичкиот приказ на овој план, на просторот кој е опфатен со планот, се предвидува зона на зелен појас со широчина од 20 метри и простор на кој е предвидено постоење на индустриски објекти (бензинска пумпа „Уникат“, објекти на ЗИК „Струшко поле“, фабрика „ЕМО“ Охрид, ПП „Планум“ – складиште и ПП „Проминг“ – складиште).

Со член 1 од оспорената одлука донесена од Советот на општина Струга на седницата одржана на 28.07.2006 година, се утврдува зона на зелен појас и се определува простор за изградба на рекреативни површини на просторот кој со Генералниот урбанистички план предвидува постоење на зелен појас и индустриски дел. Во оваа смисла, се наложува на општинската администрација да отвори постапка за експропријација и отстранување на времените објекти што се лоцирани на наведениот простор (член 2), како и да изработи детален урбанистички план во деловите каде што со одлуката се утврдува зона на зелен појас, за изградба на рекреативни површини (член 3).

Од анализата на оваа одлука произлегува дека со членот 1 од Одлуката, се менува генералниот урбанистички план за крајбрежното подрачје – секција Црни Дрим Струга, без да се спороведе законски пропишаната постапка за донесување, односно изменување на генерален урбанистички план.

Фактот што Одлуката е донесена од Советот на општина Струга, кој е надлежен орган и за донесување на генералниот урбанистички план, не е доволен аргумент за оправдување на Одлуката, затоа што законодавецот, имајќи го предвид значењето на просторното планирање, пропишал посебна постапка за донесување на генералните урбанистички планови, која во овој случај не била почитувана.

Известувањето доставено од општина Струга за тоа дека градоначалникот на општина Струга има поднесено иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија, за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Генералниот урбанистички план за крајбрежно подрачје – секција Црни Дрим Струга (кој се менува со оспорената одлука), според Судот, не е од значење за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука. Ова од причини што Одлуката, со оглед на содржината и постапката за нејзиното донесување, не може да биде замена за генерален урбанистички план. Притоа, за ова прашање е ирелевантно каква ќе биде одлуката на Уставниот суд во однос на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Генералниот урбанистички план за крајбрежно подрачје – секција Црни Дрим Струга.

Во оваа смисла, и наводите во одговорите на општина Струга, доставени до Уставниот суд на Република Македонија со акт бр. 03-0103 од 31.10.2006 година, акт бр. 03-460/1 од 07.03.2007 година и акт бр. 03-6103/2 од 15.03.2007 година, дека согласно оспорената одлука, само се отвара постапка за донесување на урбанистички план, во која смисла општинската администрација отпочнала постапка за донесување Урбанистички план за крајбрежје – секција Црн Дрим, според Судот, не се од значење за оценката на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

Наводите, пак, во иницијативата дека со оспорената одлука, објектите изградени во 1994 година, погрешно се прикажувале како времени објекти, Судот оцени дека претставуваат прашање кое е во надлежност на редовните судови, а не на Уставниот суд.

Оттука, според Судот, со вака донесената одлука се доведува во прашање начелото на владеење на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, поради што Судот оцени дека наведената одлука не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, како и со одредбите на член 22, 23 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање со кои е утврдена постапката за донесување на генерален урбанистички план.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.184/2006
6 јуни 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи