24/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јуни 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување минимална и максимална граница за изнесување на сметот по м2 за домаќинствата, донесена од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани, бр. 0202-867 од 28.11.2006 година, со Заклучокот за давање согласност на Одлуката, донесен од Советот на општина Кочани, бр. 07-2362/1 од 27.12.2006 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Љубомир Јанев, градоначалник на општина Кочани, со Решение У. бр. 24/2007 од 18 април 2007 година поведе постапка за оценување на законитоста на актите означени во точка 1 на оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани, на III-та редовна седница одржана на 28.11.2006 година, донел Одлука за утврдување минимална и максимална граница за изнесување на сметот по м2 за домаќинствата, број 0202-867.

Согласно оваа одлука, се утврдува дека минималната граница за утврдување единечни цени за изнесување и депонирање на сметот по м2 да изнесува 85м2 нето станбена површина, максималната граница за утврдување единечни цени за изнесување и депонирање на сметот по м2 да изнесува 100м2 нето станбена површина, а за дворна површина максималната граница да изнесува 120м2. Минималната и максималната граница за изнесување на сметотот по м2 за станбена нето површина и максималната за изнесување и депонирање на сметот за дворна површина ќе се применува по добивањето согласност од Советот на општина Кочани.

Советот на општина Кочани, на седницата одржана на ден 27.12.2006 година, донел Заклучок Бр. 07-2362/1, со кој се дава согласност на Одлуката на Управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани за утврдување минимална и максимална граница за изнесување на сметотот по м2 за домаќинствата, бр. 0202-867 од 28.11.2006 година. Овој заклучок влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Кочани“.

Градоначалникот на општина Кочани, оценувајќи дека Заклучокот на советот на општината бил даден на одлука која е спротивна на Законот за комунални дејности, врз основа на член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, донел Решение за запирање на објавувањето на Заклучокот, број 08-121/1 од 19.01.2007 година.

Меѓутоа, Советот на општина Кочани, по разгледување на ова решение, согласно член 51 став 2 од Законот за локалната самоуправа, донел Заклучок број 07-241/1 од 02.02.2007 година, со кој го потврдил донесувањето на Заклучокот за давање согласност на Одлуката на Управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани за утврдување минимална и максимална граница за изнесување на сметот по м2 за домаќинставата. Овој заклучок на Советот на општината влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Кочани“ (Заклучокот е објавен во „ Службен гласник на општина Кочани“ од 7 февруари 2007 година). Со тоа, сметано од 15 февруари 2007 година, оспорената одлука на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани почнува да произведува правно дејство.

5. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, нациналното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Вршењето на комуналните дејности е уредено со Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004).

Според член 1 од овој закон, со овој закон се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности.

Согласно членот 2 од Законот, вршењето на комунални дејности е од јавен интерес.

Во членот 3 од Законот се утврдени видовите на комунални дејности. Во таа смисла, во точката 6 како комунална дејност е утврдено обработка и депонирање на комунален цврст отпад, под што се подразбира селектирање, собирање, транспортирање и обработка на комунален цврст отпад од населението и индустријата, негова рециклажа и преработка, депонирање на уредени депонии, како и одржување на депониите. Во точката 8 од истиот член, под одржување на јавна чистота во градски и други населби, како комунална дејност, се утврдува чистење (миење и метење) на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игреалишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови.

Според член 5 од Законот, комуналните дејности од членот 3 на овој закон можат да ги вршат домашни и странски физички и правни лица, кои се должни да обезбедат трајно и квалитетно вршење на комуналните дејности, како и одржување на објектите и опремата на комуналната инфраструктура во функционална состојба.

Согласно член 14 од Законот, комунална дејност може да се врши со основање на јавно претпријатие за комунална дејност, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност.

Според член 26 став 1 од Законот, средства за вршење на комунални дејности се остваруваат од цената на комуналните услуги.

Според член 27 од Законот, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот.

Според член 29 алинеја 6 од Законот, плаќањето на комунални услуги – одржувањето на хигиената во градски и други населби се врши во мерна единица – денар по метар квадратен, а според алинеја 8 од истиот член, мерна единица за плаќањето за собирање и транспортирање на комунален цврст отпад е денар по метар квадратен.

Од наведените законски одредби произлегува дека комуналната дејност – изнесување и депонирање на смет, можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општините, кои како даватели на услугите, се овластени да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласност на основачот.

Од содржината на оспорената одлука донесена на 28.11.2006 година, може да се констатира дека управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани, утврдил минимална и максимална граница по м2 како критериум за утврдување единечни цени за комуналната услуга – изнесување и депонирање на смет по м2 нето станбена, односно дворна површина. Притоа, минималната граница за утврдување единечни цени по м2 за станбена површина ја определил на 85м2, а максималната граница ја определил на 100м2. Максималната граница за дворни површини ја утврдил на 120м2.

Оттука, произлегува дека со оспорената одлука, цената за собирање и депонирање на смет за домаќинствата се определува во зависност од извршено групирање на корисниците на услугите по просечна минимална и максимална станбена и дворна површина, а не по метар квадратен за реално извршена комунална услуга.

Со ваквиот начин на утврдување на цената, според Судот, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните, бидејќи оние кои располагаат со станбена површина помала од 85м2, ќе бидат доведени во ситуација да плаќаат надоместок за услуга за површини што ги немаат, а оние што користат станбени површини поголеми од 100м2, односно дворни површини поголеми од 120м2, ќе ја користат услугата за целата површина со која располагаат, а нема да плаќаат за услугата во целост.

Таквиот начин на утврдување на надоместокот за комуналните услуги определен со оспорената одлука, не е во согласност со законската определба дека плаќањето на комуналната услуга се врши според мерна единица на метар квадратен, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 29 алинеја 8 од Законот за комунални дејности.

6. Согласно оспорената одлука, определувањето на цената на комуналната услуга во зависност од минималната и максималната граница за изнесување на сметот по м2 за станбена, односно дворна површина, ќе се применува по добивањето согласност од Советот на општина Кочани. Ова произлегува од одредбата на член 27 од Законот за комунални дејности, каде е утврдено дека согласноста на одлуката од советот на општината, како основач на јавното претпријатие, е услов одлуката да произведува правно дејство.

Во оваа смисла, Советот на општина Кочани на 27.12.2006 година, го донел оспорениот заклучок, со кој дал согласност на Одлуката за утврдување минимална и максимална граница за изнесување на сметот по м2 за домаќинствата.

И покрај тоа што оспорениот заклучок, според неговата содржина, не претставува пропис подобен за уставно судска оцена, со оглед дека не содржи општи норми на однесување и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин, како правни елементи кои го определуваат прописот, фактот што донесувањето и објавувањето на заклучокот е услов за произведување правно дејство на оспорената одлука, истиот го прави составен дел на одлуката, поради што тој ја дели судбината на истата.

Оттука, според Судот, незаконитоста на оспорената одлука го опфаќа и оспорениот заклучок.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука, во однос на Одлуката, Судот ја донесе едногласно во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на Заклучокот, одлуката е донесена со мнозинство гласови.

У.бр.24/2007
6 јуни 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи