Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јуни 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за систематизација на работните места на Министерството за животна средина и просторно планирање, бр.01-1081/02, донесен од министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија на 16 февруари 2007 година.
2. Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, непредвидувањето во означениот правилник звање-државен советник, во ситуација кога тоа звање постоело во претходниот правилник, кога не се намалува нивниот број, кога овој орган на државната управа своите надлежности ги извршува врз основа на начелата на законитост, одговорност, ефикасност, економичност, транспарентност, еднаквост и предвидливост кои ги остварувале државните советници, кога тие звања се востановени и постојат во член 7 од Законот за државни службеници, а укинувањето на цел организационен облик во Правилникот водело кон правилници во кои ќе фалат цели делови од законски пропишаната структура за внатрешната организација на органите на државната управа и отварање можност за воведување нови звања вон законските (на пр. началници, шефови на кабинети,…), не било во согласност со член 56 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, ниту со член 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека содржината на Правилникот е изнесена на 244 страни. Поделена е на пет дела: I – Основни одредби (потребен број на вработени во Министерството; називот и распоредот на работните места по организациони облици; посебните услови потребни за вршење на работните задачи; описот на работното место); II – Систематизација на работите и задачите по организациони облици (на пример: сектор за Европска унија – раководител на секторот и помошник раководител на секторот и услови за тие работни места; па, одделение за усогласување со правото на Европска унија и преговарање – раководител на одделение, советник за хоризонтално законодавство, советник од областа на води, отпад, шуми, воздух, бучава, … и услови за тие работни места; …); III – Опис на работните места (одделно по сектори и одделенија и за секое работно место посебно – има 64 раководни државни службеници, 341 стручен државен службеник, 53 стручно-административни државни службеници и 2 вработени кои немаат статус на државни службеници); IV – Посебни услови за работа (во викенди, на празници, за итни и неодложни работи, …); V – Преодни и завршни одредби (влегување во сила, согласност од Агенцијата за државни службеници).
4. Според член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста на подзаконските прописи и колективните договори.
Со оглед на тоа што оспорениот правилник уредува прашања за внатрешна организација и работа на Министерството за животна средина и просторно планирање, а не права и обврски на граѓаните во определени сфери, Судот утврди дека Правилникот не претставува пропис во смисла на член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, поради што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да постапува по иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.99/2007
6 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи