Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 23 став 2 и член 26А став 2 од Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани, донесено од Управниот одбор на Јавното претпријатие на 26 јануари 2007 година, со Заклучокот за давање согласност на Статутарната одлука за измена и дополнување на Статутот на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ Кочани, донесен од Советот на општина Кочани бр.07-234/1 на 2 февруари 2007 година.
2. Димитар Костадинов од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови од Статутот на ЈКП „Водовод“ Кочани како и Заклучокот донесен од Советот на општина Кочани не биле во согласност со членовите 23 став 3 и 24 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија како и со член 36 од Законот за локалната самоурава. Ова затоа што во оспорените членови е предвидено дека покрај директор во јавното претпријатие има и заменик директор кој го избира, односно разрешува основачот врз основа на јавен конкурс, кој за својата работа одговара пред основачот, а од наведените законски одредби не произлегува можност за избор на заменик директор во јавното претпријатие од страна на советот на општината односно од основачот.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 23 од Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Јавното комунално претпријатие „Водовод“ Кочани со кој се менува член 26 од Статутот на наведеното јавно претпријатие е предвидено дека „со работа на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани раководи директор што го избира односно разрешува градоначалникот на општината и изборот се врши врз основа на јавен конкурс“.
Во оспорениот член 23 став 2 е предвидено дека директорот има заменик што ги избира односно разрешува основачот, изборот се врши врз основа на јавен конкурс.
Во оспорениот член 26 А став 2 од измените на Статутот е предвидено дека „заменик директор на КЈП „Водовод“ за својата работа одговара пред основачот“.
Судот исто така утврди дека Советот на општина Кочани на седницата одржана на 2 февруари 2007 година донел Заклучок за давање согласност на Статутарната одлука на Управниот одбор на КЈП „Водовод“ Кочани за изменување и дополнување на Статутот на КЈП „Водовод“ Кочани.
4. Според член 16 од Законот за јавни претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1996, 6/2002, 40/2003 и 49/2006) органи на управување на јавно претпријатие се: управен одбор, надзорен одбор за контрола на материјалното и финансиското работење и директор.
Според член 23 став 1 од Законот, со работата на јавното претпријатие раководи директорот што го избира Управниот одбор. Директорот на јавното претпријатие може да определи вработен кој во негово отсуство го заменува и го води работењето на јавното претпријатие.
Според став 3 на наведенииот член со работата на јавното претпријатие основано од страна на општината односно градот Скопје раководи директор што го избира односно разрешува градоначалникот на општината односно градот Скопје. Изборот се врши врз основа на јавен конкурс.
Според член 50 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) градоначалникот на општината, покрај другото избира директор на јавните служби кои ги основа општината врз основа на јавен конкурс.
Според член 24 став 2 од Законот за јавни претпријатија, директорот на јавното претпријатие основано од општината, односно градот Скопје за својата работа одговара пред градоначалникот на општината односно градот Скопје. Директорот склучува договор со градоначалникот на општината, односно градот Скопје за уредување на односите со јавното претпријатие во кој поединечно се утврдуваат правата, одговорностите и овластувањата согласно со закон.
Според член 29 од Законот за јавните претпријатија со статутот на јавното претпријатие поблиску се уредува организацијата, управувањето и раководењето со јавното претпријатие, општите акти, постапката за нивно донесување како и други прашања од значење на јавното претпријатие.
Од наведените законски одредби произлегува дека директорот на јавното претпријатие го избира управниот одбор на претпријатието, а во отсуство на директорот него го заменува вработен што ќе го определи директорот. Меѓутоа, кога се работи за јавно претпријатие основано од општината, директорот го избира и разрешува градоначалникот на општината, односно градот Скопје, при што не е предвидено дали во овие претпријатија има или не заменик директор и кој го бира, или поточно речено законодавецот согласно член 29 препуштил тоа прашање поблиску да се уреди со Статутот на Јавното претпријатие.
Од увидот во Статутот на ЈКП донесен од Управниот одбор на 2 мај 1997 година е утврдено дека тој е донесен согласно член 19 и 29 од Законот за јавните претпријатија и со него поблиску се уредуваат, организацијата, управувањето, раководењето со комуналното претпријатие, дејноста, општите акти и постапката за нивно донесување, информирањето, планирањето, заштитата и унапредувањето на животната средина како и други прашања од значење за комуналното претпријатие.
5. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по инницијативата.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи го предвид законскиот основ за донесување на Статутот на ЈКП „Водовод“ – Кочани, како и неговата содржина, односно прашањата што се уредуваат во него, Судот смета дека Статутот не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, туку е интерен акт со кој во согласност со закон се уредуваат прашања од значење за организацијата и работењето на ова Јавно претпријатие, поради што Судот не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорените одредби од Статутот со Уставот и со закон.
6. Во однос на наводите од иницијатиата дека оспорениот Заклучок за давање согласност на измените и дополнувањата на Статутот на ЈКП не бил во согласност со Законот за јавните претпријатија и Законот за локална самоуправа, Судот утврди дека тој не претставува пропис подобен за уставно судска оцена. Ова затоа што актот за давање согласност во суштина претставува инструмент со кој се потврдува дека актот за кој се дава согласност е донесен во постапка предвидена со закон и дури по дадената согласност тој станува полноважен.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.39/2007
30 мај 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи