У.бр.82/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71, а во врска со членот 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Илија Мавков од Скопје за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со Решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.6980/06 од 30 ноември 2006 година.

2. Илија Мавков од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Според наводите на подносителот на барањето со Решението на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.6980/06 од 30 ноември 2006 година му било повредено правото на сопственост кое било утврдено со Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија У.бр.2433/03 од 1 јуни 2004 година, поради што Уставниот суд на Република Македонија треба да го укине наведеното решение.

3. Судот на седницата утврди дека Основниот суд Скопје I Скопје постапувајќи по тужбата на тужителот Бранко Саздовски од Скопје против тужениот Илија Мавков од Скопје за нарушено владение на 19 април 2006 година донел Решение П.бр.2968/01-1 со кое: го усвоил тужбеното барање на тужителот Бранко Саздовски, и утврдил дека тужениот Илија Мавков (сега подносител на барањето) на неколку наврати во текот на 2001, 2002 и 2004 година со преземање на градежни активности извршил смеќавање на владение на тужителот на КП.2469/2 КО Центар 2 со површина од 168 м2 на Ул. „Славејко Арсов“, го задолжил тужениот да го затрупа ископот со земја и да ја отстрани плетената жица и даските, му забранил во иднина да врши смеќавање на владение на тужителот на наведената КП и да ги надомести трошоците во постапката.

Незадоволен од донесеното Решение на Основниот суд Скопје I Скопје тужениот поднел жалба до Апелациониот суд Скопје кој со Решение Гж.бр.6980/06 од 30 ноември 2006 година ја одбил жалбата како неоснована, а Решението на Основниот суд Скопје I Скопје П.бр.2968/01 од 19 април 2006 година го потврдил.

Апелациониот суд Скопје при донесување на Решението Гж.бр.6980/06 од 30 ноември 2006 година (кое подносителот на барањето предлага Уставниот суд на Република Македонија да го поништи) го имал предвид фактот што тужениот Илија Мавков има одобрение за градба на деловен објект издаден од Министерството за транспорт и врски бр.34-16-282 од 6 мај 2003 година за кое во управна постапка во втор степен и во постапка пред Врховниот суд на Република Македонија било констатирано дека е донесено согласно Законот за инвестициони објекти.

Од увидот извршен во Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија У.бр.2433/03 од 1 јуни 2004 година е утврдено дека на лицето Илија Мавков Министерството за транспорт и врски му издало решение за одобрение за градба бр.34-16-282 од 6 мај 2003 година. Против ова решение било поднесена жалба до Владата на Република Македонија – Комисија за решавање на управна постапка од лицето Бранко Саздовски при што Владата на Република Македонија Комисија за решавање во втор степен… со Решение бр.31-1511/3 од 23 октомври 2003 година ја одбило жалбата како неоснована.

Незадоволен од решението на Владата на Република Македонија Комисија за решавање на управна постапка во втор степен лицето Бранко Саздовски со тужба до Врховниот суд на Република Македонија покренал управен спор.

Врховниот суд на Република Македонија со Пресуда У.бр.2433/03 од 1 јуни 2004 година ја отфрлил тужбата на тужителот како неоснована при што утврдил дека оспореното решение е донесено согласно законот и дека како носител на правото на сопственост на недвижност покрај другите е и лицето Илија Мавков.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити­ слободите и пра­вата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и заб­раната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од два месеци од денот на доста­вувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од де­нот на дознавање за преземање дејстие со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Согласно член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ги штити сите утврдени со Уставот основни слободи и права на човекот и граѓанинот, туку само оние кои се децидно наведени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Од наводите содржани во барањето произлегува дека во суштина барањето се однесува на испитување од страна на Уставниот суд на уставноста и законитоста на Решението на Апелациониот суд во Скопје и негово поништување во спор по основ за нарушено владение во кој подносителот на барањето е незадоволен од причини што во управен спор Врховниот суд со пресуда утврдил дека тој има правосилно решение за одобрение за градба. Или поточно речено целта на подносителот на барањето е преку интервенција на Уставниот суд на Република Македонија и укинување на решението на Апелациониот суд да воспостави владение на КП на која со решение во управна постапка потврдено со Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија му било утврдено право на градба на деловен објект.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека поднесеното барање не претставува барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот ги штити Уставниот суд, туку претставува барање Уставниот суд да одлучува како инстанционен суд за права и интереси на странка по конкретни предмети по различни основи од надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.82/2007
30 мај 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи