Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 122 став 2 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) и на уставноста и законитоста на Упатството за утврдување на границите на износот на паушалот во прекршочната постапка, донесен од министерот за правда на Република Македонија на 6 март 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2007).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законската одредба и на упатството означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, законското овластување за министерот за правда со подзаконски пропис да ги утврди границите на износите на трошоците за водење на прекршочната постапка, како и непостоење на законски критериуми и рамки за тоа, значело оставање „широк законски простор за мешање на извршната во законодавната власт, како и можност за арбитрерност и нееднаков третман… на лицата кои се должни да го платат паушалот“, поради што со член 122 став 2 од Законот за прекршоците се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 33, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеи 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, како и Амандман XXV точка 1 на Уставот. Покрај тоа, се наведува дека означеното упатство не било во согласност, освен со наведените уставни одредби, и со член 56 став 3 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, затоа што уредувало законска материја со оглед дека утврдувало права и обврски за граѓаните.
3. Судот на седницата утврди дека членот 122 став 2 од Законот за прекршоците е систематизиран во делот трети, глава посветена на трошоците на прекршочната постапка. Притоа, во ставот 1 се набројани трошоците: издатоци за сведоци, вештаци, преведувачи, толкувачи, …; за приведување; за службени дејствија и службени лица; за лекување на обвинетиот; за патни трошоци на обвинетиот; паушал; награда за бранителот; издатоци за оштетениот…;). Во оспорениот став 2 на член 122 од Законот се определува дека „паушалот се утврдува во границите на износите утврдени со пропис на министерот за правда во однос на траењето и сложеноста на постапката и во однос на општата состојба на она лице кое е должно да ја плати“.
Исто така, Судот утврди дека наведеното упатство е донесено врз основа на член 122 став 2 од Законот за прекршоците, при што во член 1 се определува дека „паушалот во однос на траењето и сложеноста на постапката се утврдува во границите на износите од 1.000 денари до 5.000 денари, додека во однос на општата состојба на лицето кое е должно да ја плати, паушалот се утврдува во границите на износите од 1.000 денари до 2.000 денари“.
4. Според член 96 од Уставот на Република Македонија, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека надлежноста на органите на државната управа се определува, покрај со Уставот, и со законите и дека овие органи нивните работи ги вршат во рамките утврдени со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што оспорената законска одредба ја определува надлежноста на орган на државната управа односно на министерот за правда со пропис да ги утврди границите на износите на паушалот за трошоците на прекршочната постапка, при што се утврдени законски рамки на таквото овластување (член 122 ставовите 1 и 2 и членовите 123-127), Судот утврди дека таа одредба не е во несогласност со означената уставна одредба, па поради тоа ниту со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51 и со членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Исто така, неможе да се постави прашањето за согласноста на член 122 став 2 од Законот со член 33, член 91 алинеи 1 и 5 и член 95 став 3 од Уставот, како и со Амандман XXV точка 1 на Уставот наведени во иницијативата, од изнесените причини.
5. Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002) министерот, меѓу другото, донесува упатства за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 3 од овој закон со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите, а според член 61 став 1 од истиот закон, со актите кои ги донесува министерот неможе за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски.
Од изнесените законски одредби, како и од претходно наведената уставна одредба, произлегува дека органот на државната управа односно министерот може да донесува, меѓу другото, упатства за извршување на законите кога за тоа има законско овластување, при што со нив го уредува начинот на постапувањето во извршувањето на законските одредби без да излезе надвор од законските рамки.
Со оглед на тоа што наведеното упатство се заснова на законско овластување и што неговата содржина уредува материја во рамките определени со Законот (член 122 ставовите 1 и 2 и членовите 123-127), Судот утврди дека Упатството не е во несогласност со означените уставни и законски одредби, па поради тоа ни со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот наведени во иницијативата. Покрај тоа, неможе да се постави прашањето за согласноста на Упатството со член 33, члeн 91 алинеи 1 и 5 и член 95 став 3 од Уставот, како и со Амандман XXV точка 1 на Уставот на кои посочува подносителот на иницијативата, од изнесените причини.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.57/2007
30 мај 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи