76/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 мај 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 83 став 2 во делот „најмногу до први кат“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Марија Мирчевска од Скопје, со Решение У.бр. 76/2006 од 21 февруари 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 83 став 2 во делот „најмногу до први кат“ од Законот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на делот на ставот 2 од членот 83 од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 83 од Законот се уредува употребата на градежниот објект и пренамената. Во таа смисла, во ставот 1 на овој член е утврдено дека објектот се употребува, согласно неговата намена.

Во оспорениот став 2 на овој член од Законот е утврдено дека по исклучок од ставот 1 на овој член, дел од објект што претставува стан, дел од стан или повеќе станови, помошна станбена или заедничка просторија најмногу до први кат, во зависност од дејноста, може да се адаптира со пренамена во деловен простор или обратно, ако ги исполнува условите утврдени со овој и друг закон.

Во наредните ставови од 3 до 8 на член 83 од Законот се утврдува документацијата што треба да се поднесе со барањето за издавање на одобрение за адаптација со пренамена и постапката за издавање на ова одобрение.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, а според ставот 2 од овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата. Според ставот 3 од овој член на Уставот, никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001) се уредува правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот.

Според член 2 од овој закон, правото на сопственост се стекнува под услови и на начин предвидени со овој и друг закон, а според член 5 од Законот, правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени со Уставот и законите.

Во член 8 став 1 од наведениот закон утврдено е дека сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи или да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице.

Според член 9 од истиот закон, сопственикот го остварува своето право на сопственост во согласност со природата и намената на стварта, како и со општиот интерес утврден со закон. Забрането е вршење на правото на сопственост спротивно на целта заради која е со закон признато и установено, или спротивно на моралот на општеството.

Со Законот за градба, чија одредба се оспорува со иницијативата, се уредуваат градењето, основните барања на градбата, правата и обврските на учесниците во изградбата, проектната документација и други прашања од значење за градењето (член 1).

Согласно член 2 точка 6 од Законот, употреба на градежен објект е вршење активности во градежен објект согласно со неговата намена утврдена со решението за локациски услови и основниот проект.

Употребата на градежниот објект посебно е уредена во рамките на Глава VIII од Законот насловена како „Употреба, одржување и отстранување на градежен објект“, во која глава е лоцирана и оспорената законска одредба.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека сопственоста е право кое се гарантира со Уставот, а условите и начините под кои може да се стекнува правото на сопственост се уредуваат со закон, меѓу кој е и Законот за сопственост и други стварни права. Со овој закон, меѓу другото, се уредува и содржината и правното дејство на сопственоста. Содржината на правото на сопственост согласно овој закон ја сочинува правото на сопственикот да ја држи, да ја користи и да располага со својата ствар, односно предмет, првенствено по сопствена волја. Меѓутоа, законодавецот определувајќи ја содржината на правото на сопственост, во овој закон истовремено го определил и начинот на остварувањето на ова право и во таа смисла како општо правило утврдил дека сопственикот своето право на сопственост го остварува во согласност со природата и намената на стварта.

Остварувањето на правото на сопственост во согласност со природата и намената на стварта е прифатено и утврдено и во Законот за градење. Така, според член 83 став 1 од Законот правило е градежниот објект да се употребува согласно со неговата намена, додека само по исклучок, кој е утврден во оспорената законска одредба, сопственикот може дел од објектот да го употребува и за друга намена.

Имајќи го предвид наведеното, а во тој контекст разгледувајќи ја содржината на оспорената законска одредба, Судот утврди дека во конкретниот случај пренамената на дел од објектот што претставува стан, дел од стан или повеќе станови, помошна станбена или заедничка просторија во деловен простор и обратно, всушност значи промена на основната намена на дел од објектот под одредени услови утврдени со овој или друг закон. Оттука, според Судот со оспорената законска одредба не се врши ограничување на правото на сопственикот да го поседува, да го користи согласно неговата намена или да располага со дел од објектот што е негова сопственост, поради што во овој случај не станува збор за одземање на сопственоста или за ограничување на правата што произлегуваат од сопственоста во смисла на членот 30 став 3 од Уставот.

Меѓутоа, тргнувајќи од причините наведени во иницијативата поради кои се оспорува уставноста на членот 83 став 2 од Законот, Судот утврди дека одредбата на овој член во делот „најмногу до први кат“ e проблематична од аспект на членот 9 став 2 од Уставот, затоа што со ограничувањето на пренамената на дел од објектот да може да се врши најмногу до први кат, а не и на другите катови, граѓаните се доведуваат во нерамноправна положба во поглед на користењето на правото за пренамена утврдено во оспорената законска одредба. Имено, според Судот користењето на ова право не може да се условува со катот на кој се наоѓа стан, дел од стан и сл., туку со објективните услови преку кои ќе се изврши пренамената од станбен во деловен простор, бидејќи иако овој услов е објективен, сепак не може да се прифати дека со ограничувањето на пренамената на станбен простор во деловен и обратно најмногу до први кат се обезбедува правото на мирно и непречено користење на становите од страна на поширок круг на лица – сопственици на станови што живеат во ист објект, а што според известувањето на Министерството за транспорт и врски било од поширок интерес, односно од интерес на заедницата, кој се заштитувал со оспорената законска одредба. Според тоа, за Судот не е прифатливо мислењето дека оспорената законска одредба е во функција на заштита на општиот интерес, па затоа оваа одредба не може да се оправда и од овој аспект.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 83 став 2 од Законот во делот „најмногу до први кат“ не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 став 2 и членот 51 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека по влегувањето во сила на Законот за градење надлежните органи ги одбивале барањата за пренамена на станови во повисоките катови, иако Законот за сопственост и други стварни права, како системски закон тоа го дозволувал со член 101, Судот утврди дека овие наводи во иницијативата се ирелевантни за оценување на уставноста на оспорената законска одредба, односно не се од влијание за нејзината согласност со Уставот, па од тие причини не се впушти во нивна оценка.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.

У.бр.76/2006
16 мај 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи