Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 мај 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за потврдување на Одлуката за отворање на деловодна книга за работа на Советот на општина Аеродром бр.07-1802/1 објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.23/07 од 22 март 2007 година.
2. Кирил Тодоровски – градоначалник на општина Аеродром на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата донесената одлука била во спротивност со членот 31 од Законот за локалната самоуправа кој не можел да претставува основ за донесување на оваа одлука. Од овие причини, градоначалникот на општина Аеродром согласно член 51 од истиот закон, донел решение за запирање на објавувањето на Одлуката за отворање на деловодна книга за работа на Советот на општина Аеродром, со број 08-776/1 од 9.02.2007 година. Причина повеќе за донесување на ова решение, според иницијтивата било тоа што членот 2 од Одлуката предвидувал дека истата влегува во сила со донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“, што значи дека истата била во спротивност со 52 од Уставот на Република Македонија, кој предвидувал дека законите и прописите се објавуваат пред да влезат во сила. Во став 3 од истиот член се предвидувало дека законите и прописите не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
На својата педесет и седма седница, одржана на 21.02.2007 година, Советот на општина Аеродром донел одлука која што ја насловил како Одлуката за потврдување на Одлуката за отворање на деловодна книга за работа на Советот на општина Аеродром, и при разгледување на оваа одлука, се утврдило дека не станува збор за одлука со која се потврдува Одлуката за отворање на деловодна книга за работа на Советот на општина Аеродром, туку за донесување на нова одлука од причина што со истата се менувал членот 2 од Одлуката за отворање на деловодна книга за работа на Советот на општина Аеродром на начин што зборот „донесувањето“ се заменува со зборот „објавувањето“.
Според подносителот на иницијативата, и оваа одлука се засновала на погорецитираниот член 31 од Законот за локалната самоуправа.
Со оглед на сето погоре изнесено, сметајќи дека станува збор за донесување на нова одлука која е во спротивност со погоренаведените одредби, согласно член 51 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот на општина Аеродром, со решение број 08-1242/1 од 26.02.2007 година, го запрел објавувањето на Одлуката за потврдување на Одлуката за отворање на деловодна книга за работа на Советот на општина Аеродром.
На својата педесет и осма седница, одржана на ден 15.03.2007 година, Советот на општина Аеродром, донесе Одлука за потврдување на Одлуката за потврдување на Одлуката за отворање на деловодна книга, која сега се спори пред Уставниот суд на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 31 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), член 19 од Статутот на општина Аеродром („Службен гласник на град Скопје“ бр.7/2005) и член 9 од Уредбата за канцелариско работење („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/1996), Советот на општина Аеродром на својата педесет и осма седница одржана на 15.03.2007 година, ја донел оспорената одлука.
Според член 1 од оспорената одлука, се потврдува Одлуката за потврдување на Одлуката за отворање на деловодна книга за работа на Советот на општина Аеродром, број 07-994/3 донесена на педесет и седмата седница на Советот на општина Аеродром, одржана на 21.02.2007 година, во која во член 2 зборот „донесувањето“ се заменува со зборот „објавувањето“.
Согласно член 2 од оваа одлука, Одлуката стапува на сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, Судот оцени дека во конкретниов случај оспорената одлука нема карактер на пропис, поради што, како таква, не е подобна за уставно-судска оцена.
Имено, оспорената Одлука има карактер на интерен акт со кој се востановува отворање на деловодна книга за работата на Советот на општина Аеродром, како единица на локалната самоуправа.
Со оглед на фактот што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, за што Судот не е надлежен за оценување на согласноста на оспорената одлука со Уставот и со Законот за локалната самоуправа, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.
У.бр.65/2007
16 мај 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи