215/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 180-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005 и 70/2006).

2. Елизабета Баковска, Арлинда Идризи, Слободанка Матакова Лакинска, Верица Андреевска и Јулијана Анчевска, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на членот 180-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената законска одредба било предвидено основицата за пресметување и плаќање на придонес од плата, односно основицата на осигурување не може да биде повисока од три просечни плати по работник во Републиката објавена во тековниот месец. Со ваквата законска определба вработените кои имале примања поголеми од три просечни плати биле ставени во нерамноправна положба во однос на останатите вработени, бидејќи им било ограничено правото да плаќаат придонес за пензиско и инвалидско осигурување врз основа на своите реални приходи. Овие работници во иднина биле лишени и од нивното право на пензиски надоместок кој ќе соодветствувал на реалните приходи кои ги остварувале за време на својот работен век. Од овие причини, според иницијативата, оспорената законска одредба била во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со членот 8, став 1 алинеи 1, 6 и 8 според кои темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста; потоа со членот 9 став 1 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните во слободите и правата; со членот 30 кој се однесува на гаранцијата на правото на сопственост кое никому не може да му биде одземено или ограничено освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон; и со членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член од Законот е предвидено за осигурениците кои ќе пристапат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, основицата за пресметување и плаќање на придонесот од плата, односно основицата на осигурување, не може да биде повисока од три просечни плати по работник во Републиката објавена во тековниот месец.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.136/2006 од 1 ноември 2006 година, Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата од членот 180-а од Законот за пензиското и инвалидско осигурување, врз основа на уставносудската анализа на одредбата во целост која со иницијативата била оспорувана од истите причини поради кои се оспорува и со иницијативата во овој предмет.

Судот во наведеното решение оценил дека задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност функционира врз принципот на меѓугенерациска солидарност, при што лицата со повисоки приходи плаќаат за лицата со пониски приходи. Имено, лицата кои имале високи плати и плаќале придонес на цел износ, сепак добиваат пензија чија висина со законот е ограничена, а не пензија која соодветствувала на уплатата. Утврдувајќи ја највисоката пензија, законодавецот се раководел токму од начелото на социјалната праведност со цел пензијата на одделни осигуреници да се определува зависно од реалните финансиски можности на Републиката, а не од нивната пензиска основа, а притоа и со вака определената пензија на оваа категорија граѓани да не им се наруши материјалната и социјалната сигурност. Според тоа, не е случајна и определбата на законодавецот во овој закон да го вгради начелото на социјалната праведност како основно начело врз кое се заснова и целиот систем на задолжителното пензиско и инвалидско осигурување (член 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување).

Во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, сите уплатени придонеси кои се акумулираат се водат на индивидуална сметка на членот и му припаѓаат на членот по исполнувањето на условите за пензионирање. На тој начин и пензијата на оваа категорија на осигуреници е во непосредна зависност со обемот на вложените средства. Меѓутоа, со оглед на тоа што средствата се инвестираат, односно акумулираат и создаваат принос кој не може однапред да се определи бидејќи зависи од идни и честопати неизвесни настани, за оваа категорија на осигуреници не е можно однапред ограничување на висината на пензијата, поради што со оспорената одредба од Законот се воведува ограничување на највисоката основица, што индиректно значи лимитирање на пензијата.

Токму заради обезбедување на еднаквост на граѓаните, постои ограничување за сите осигуреници во пензискиот систем, со таа разлика што за осигурениците во едностолбниот систем има ограничување на пензијата, додека за осигурениците во двостолбниот систем има ограничување на највисоката основица за плаќање на придонес, што индиректно значи и лимитирање на идната пензија. Со воспоставувањето на тростолбниот пензиски систем, ќе се даде можност на лицата со повисоки плати да плаќаат дополнително, заради остварување повисиоки идни пензии.

Законското лимитирање на основицата за пресметување и плаќање на придонесот од плата, односно основицата на осигурување, на три просечни плати по работник во Републиката, како што е тоа определено во членот 180-а од Законот, се однесува за сите граѓани, односно осигуреници што се наоѓаат во еднаква правна положба, односно на сите осигуреници кои ќе пристапат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување поради што, според Судот, не можат да бидат прифатени приговорите дека се вршело дискриминација помеѓу осигурениците.

Поради наведените причини, пред Судот не се поставило прашањето за согласноста на член 180-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со одредбите од Уставот.

Со оглед на тоа што Судот со наведеното Решение не повел постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, Судот оцени дека за истата работа веќе одлучувал а нема основи за поинакво одлучување поради што иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.215/2006
2 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи