15/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 10 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007 ).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Владимир Стефановски, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.15/2007 од 14 март 2007 година, поведе постапка за оценување на актот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, се менува и дополнува членот 40 од Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ број 76/2004).
Имено, со ставот 1 на овој член, се менува воведната реченица во ставот 1 на член 40 од Законот за политичките партии, така што се утврдува дека глоба во износ од 800 до 4.800 евра во денарска противвредност ќе се изрече на политичка партија.

Согласно ставот 2 на овој член, во членот 40 став 1 од Законот, по алинејата 1, се додава нова алинеја 2, во која се предвидува нов прекршок за политичката партија која „во определениот рок нема да поднесе до судот список на членови согласно со членот 11 став (3) од овој закон.“

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 5 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Согласно ставот 3, програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост. Според ставот 4 од оваа уставна одредба, забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Со Законот за политичките партии поблиску се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрирање и престанок на политичките партии.
Така, согласно член 2 од овој закон, политичката партија е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта. Политичките партии своите цели ги остваруваат преку демократско формирање и изразување на политичката волја со учество на избори, како и на друг демократски начин.

Со членот 11 од овој закон, се утврдуваат условите под кои може да се основа политичка партија, како и условите за опстојување на политичката партија во Република Македонија.

Така, се утврдува дека политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија. Се утврдува дека член на политичка партија може да биде секој полнолетен и деловно способен граѓанин кој ќе даде потпис за доброволно членство во политичката партија. Исто така, со ставот 3 на овој член, се утврдува дека политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до основниот суд поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број на потписи потребни за основање на политичка партија. Со исправка објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 8/2007, ставот 3 на овој член се менува, во смисла дека политичката партија е должна пред истекот на секои две години од денот на регистрацијата да достави до основниот суд поединечно дадени потписи пред службено лице на Министерството за правда според местото на живеење на членот на политичката партија, со број на потписи потребни за основање на политичка партија. По истекот на наведениот рок, во рок од осум дена, основниот суд е должен да ја извести политичката партија да постапи согласно со рокот утврден во ставот 3, а политичката партија е должна во рок од осум дена од денот на добивањето на известувањето од основниот суд, да постапи согласно ставот 3 на овој член. Ако политичката партија не постапи во овој рок, основниот суд по службена должност ќе донесе решение за бришење на политичката партија од судскиот регистар и по правосилноста на решението за тоа ќе го извести Основниот суд Скопје 2 – Скопје заради бришење на политичката партија и од Едниствениот судски регистар на политички партии. Бришењето на политичката партија од судскиот регистар и од Едниствениот судски регистар на политички партии се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ и во најмалку две јавни гласила од кои едно е на службен јазик различен од македонскиот, кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, во рок од 15 дена од денот на бришењето на политичката партија од судскиот регистар.

Во главата III Од Законот за политичките партии, насловена како „Престанок на политичките партии“, во членот 29 се утврдува дека политичката партија престанува да постои со бришење од судскиот регистар: кога политичката партија ќе поднесе барање за бришење од судскиот регистар; врз основа на правосилно решение за бришење на политичката партија од судскиот регистар, донесено од страна на судот врз основа на овој закон; кога на политичката партија и е забрането дејствување со правосилно решение, во согласност со одредбите на овој закон; кога органот утврден со статутот на политичката партија ќе донесе одлука за спојување со друга политичката партија; кога е намален бројот на членовите на политичката партија определен во членот 11 од овој закон и кога Уставниот суд на Република Македонија ќе утврди дека програмата или статутот на политичката партија не се во согласност со Уставот.
Со членот 40 од Законот, кој се наоѓа во главата IV Прекршочни одредби, се утврдуваат санкции за прекршок, кои можат да им бидат изречени на политичката партија и на одговорното лице во партијата. Со оспорениот член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, со кој се менува и дополнува овој член, се врши усогласување на паричните казни со решенијата од новиот Закон за прекршоците, како и се воведува нов прекршок за кој ќе се казни партијата и одговорното лице на партијата, а тоа е случајот кога политичката партија во определениот рок нема да поднесе до судот список на членови согласно со членот 11 став 3 од овој закон, со што би се потврдил условот за опстојување на политичката партија.

6. Од наведените уставни одредби произлегува дека политичкото здружување и дејствување на граѓаните е слободно и дека таа слобода се изразува и во делот на основање на политички партии, и во делот на пристапување или истапување од политичките партии. Слободата на граѓаните на здружување заради остварување политички права, спаѓа во категоријата основни слободи и права на човекот и граѓанинот кои претставуваат темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што нивното остварување е уставно заштитено.
При постоење на наведената уставна и законска регулатива, се поставува прашањето дали неподнесувањето до надлежниот суд на доволен број потписи на членови како услов за опстојување на една политичка партија, може да претставува противправно дело за кое се изрекува прекршочна санкција на политичката партија и одговорното лице во неа и дали со тоа законодавецот не го повредил уставното начело на слободно здружување на граѓаните заради остварување и заштита на политичките права.

Имено, политичката партија претставува организирана група на идејни истомисленици кои на демократски начин се борат да ја освојат државната власт или ако власта е освоена, се борат за нејзино задржување што е можно подолго време, со цел да се обезбеди владеење на идеите и интересите на нејзиното членство.
Основањето, пристапувањето и истапувањето од политичка партија претставува доброволен чин на заинтересираните граѓани и Уставот не дозволува тие да трпат последица во вид на санкција за таквото свое постапување.
Политичката партија има својство на правно лице, кое ова својство го стекнува со денот на уписот во судскиот регистер, од кога се стекнува со право да започне да работи и да ги остварува целите за кои е основана. Законодавецот децидно ги утврдува условите потребни за основање на политичка партија, што е негово неспорно уставно право, меѓу кои е и определувањето на долната граница на членството на една партија која како политички субјект, покрај другото и преку својата бројност ја покажува сериозноста за учество или освојување на власта, како и определбата за тоа дека бројот на членовите на политичката партија мора да биде постојан, во смисла да не се намалува под бараниот минимум.
Намалувањето на бројот на членови на политичката партија под законски пропишаниот минимум, повлекува бришење на партијата од судскиот регистер и нејзино заминување од политичката сцена. Притоа, одржувањето, зголемувањето или намалувањето на членството на една политичка партија зависи од тоа колку политичката партија успева да ги задоволи и оствари политичките интереси на своите членови и способноста да привлече нови членови.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорената определба на законодавецот, партијата и одговорното лице на партијата да бидат парично казнети за прекршок доколку во определен рок партијата не достави доказ до надлежниот суд дека има доволен број на членови неопходни за натамошно опстојување на политичката сцена, всушност значи инкриминирање на вршењето на слободата на истапување од политичка партија, што во еден момент довело до намалување на бројот на членовите на политичката партија под законскиот минимум. Со тоа, според Судот, се попречува остварувањето на демократскиот карактер на политичката партија во еден од суштинските аспекти на слободата на политичкото здружување и организирање, имено истапувањето од политичка партија, експлицитно наведено во член 20 став 2 од Уставот.

Оттука, имајќи ја предвид уставно гарантираната слобода на граѓаните на здружување заради остварување на политички права, произлегува дека недоставувањето до надлежниот суд список на неопходен број на членови потребни за регистрација на политичка партија, како доказ за опстојување на една политичка партија на политичката сцена, може да претставува основ за бришење на партијата од судскиот регистер, но не може да се смета како противправно дело за кое може да се изрече прекршочна санкција на политичката партија и одговорното лице на партијата. Поради тоа, Судот оцени дека определувањето на наведеното дејствие како прекршок во правниот поредок на Република Македонија го доведува во прашање и начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Покрај тоа, при постоење на регулатива дека во случај на недоставување доказ за минимален број на членови на политичката партија пред истекот на секои две години од денот на регистрацијата, основниот суд по службена должност ќе донесе решение за бришење на политичката партија од судскиот регистер, произлегува дека санкцијата за оспорениот прекршок треба да се изрече на политичка партија која престанала да постои. Нелогичноста и неприменливоста на ваквата одредба, исто така, го доведува во прашање уставното начело на владеење на правото.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 10 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, со кој се пропишува дека на политичката партија ќе и се изрече глоба за прекршок доколку во определениот рок нема да поднесе до судот список на членови согласно со членот 11 став (3) од овој закон, не е во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 и член 20 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.15/2007
2 мај 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи