Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на
а) Одлуката за измена и дополнување на составот на комисиите и работните тела на Советот, бр.07-1156/9 донесена од Советот на општина Демир Хисар на 25 аввгуст 2006 година („Службен гласник на општина Демир Хисар“ бр.7/2006), и
б) Решението за формирање на комисија за процена и утврдување на штети од елементарни и други непогоди бр.07-1156/8, донесена од Советот на општина Демир Хисар на 25 август 2006 година („Службен гласник на општина Демир Хисар“ бр.7/2006).
2. Љупчо Најдовски градоначалник на општина Демир Хисар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените акти не биле во согласност со член 32 став 3 и 4 од Законот за локалната самоуправа и член 41 од Статутот на општина Демир Хисар, затоа што при формирање на: Комисијата за финансии и буџет; Комисијата за склучување на бракови; Комисијата за јавни и комунални дејности; Комисија за урбанизам, комунална дејност и ЗШС; Комисија за општествена дејност; Комисија за обележување на празници и манифестации; Комисија за работно ангажирање на корисници на социјална помош; Статутарно правна комисија; Надзорен одбор за материјално финансиско работење; Управен одбор на Радио Демир Хисар, Училишен одбор во ОУ „Гоце Делчев“; Општинскиот совет за безбедност на Собранието и Посебно решение за формирање на комисија за процена и утврдување на степенот на елементарни и други непогоди не бил почитуван принципот на пропорционална застапеност на политичките партии во советот.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 43 и 45 од Статутот на општина Демир Хисар, Советот на општина Демир Хисар на 25 август 2006 година донел Одлука за измени и дополнување на составот на комисиите и работните тела на Советот. Имено во оваа одлука поименично се утврдени членови на комисиите и е утврдено нивната политичка припадност и тоа во следни комисии: Комисија за финансии и буџет; Комисија за склучување на бракови; Комисија за јавна комунална дејност; Комисија за урбанизам; Комисија за општествена дејност; Комисија за обележување на празници, манифестации и доделување на награди и признанија; Комисија за работно ангажирање на корисници на социјална помош; Статутарно правна комисија, Наддзорен одбор за материјално финансиско работење на општината; Комисија за изготвување на Програма за работа на Советот; Надзорен одбор во ЈКП „Комуналец“; Управен одбор во ЈРДП „Радио Демир Хисар“; Совет за безбедност во сообраќајот во општина Демир Хисар, Училиштен одбор на ОУ „Гоце Делчев“; Училишен одбор на ОУ „Даме Груев“, Управен одбор на Детска градинка „2-ри Септември“ Демир Хисар; Училиштен одбор на ЈОУ „Крсте Петков Мисирков“; Управен одбор на Домот на културата „Илинден“ Демир Хисар и Надзорен одбор во Домот на културата „Демир Хисар“.
Судот исто така утврди дека на истиот датум Советот на општина Демир Хисар донел Решение за формирање на Комисија за проценка и утврдување на штети од елементарни и други непогоди во кое е утврден поименично составот на комисијата и политичката припадност на членовите на оваа комисија.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби во однос на содржината на оспорените акти Судот утврди дека тие се поединечни акти за избор на членови во соодветни комисии на Советот на општина Демир Хисар, а не се прописи со кои на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања кои се однесуваат на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристика на секој вид на пропис.
Со оглед на тоа што оспорените акти не се прописи, туку конкретни акти, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нивната согласност со член 32 став 3 и 4 од Законот за локалната самоуправа и член 41 од Статутот на општината, а кои според подносителот на иницијативата не биле почитувани во постапката за избор на претседатели и членови на комисиите.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.183/2006
18 април 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи