10/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.1/2000).

2. Ана Софрониевска, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот правилник не бил во согласност со член 184-г од Законот за авторското право и сродните права, од причини што доносителот на актот, Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) и покрај законската обврска во цитираниот член од Законот, не го усогласил Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела со овој закон.

Подносителот на иницијативата смета дека одредбите од оспорениот Правилник биле во целост спротивни на одредбите од Законот за авторското право и сродните права, поточно на членовите 146 и 146-б од Законот, во кои прецизно бил регулиран начинот и постапката на пресметување на надоместокот кој што треба да го плаќаат корисниците.

Имено, членот 5 од Правилникот бил во целост спротивен на членот 146 од Законот за авторското право и сродните права, бидејќи со оваа одредба од оспорениот акт, наместо да се даде прироитет на договореното уредување на односите помеѓу страните и договореното утврдување на висината на надоместокот, предвидено било наплатување на надоместокот согласно тарифата која е составен дел на Правилникот, што било спротивно на член 146 од Законот. Со ваквата одредба, според подносителот на иницијативата, всушност се суспендирало договорното утврдување на надоместокот кое било предвидено во Законот.

Одредбите од членовите 8, 9 и 10 од Правилникот и Тарифникот број 30 од Тарифата, исто така, бил во спротивност со членот 146-б од Законот за авторското право и сордните права, бидејќи начинот на утврдување на висината на надоместокот во овие одредби од Правилникот и во процентуален износ од вкупниот месечен бруто приход во паушален износ, како и начинот на утврдување на основицата за пресметка на надоместокот бил во спротивност со членот 146-б од Законот.

Оттука, подносителот на иницијативата наведува дека наспроти прецизните одредби за пресметување на висината на надоместокот за користење на авторски музички дела утврдени во членовите 146,146-а, 146-б, 146-в и 146-г од Законот за авторското право и сродните права, Правилникот содржел низа одредби кои предвидувале поинаков начин на пресметување на овој надоместок, што го чинел оспорениот Правилник незаконски и неуставен.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник со тарифа за користење на авторски музички дела содржи 17 (седумнаесет) члена, а согласно член 1 се утврдува дека со овој Правилник се определуваат условите под кои правно или физичко лице може јавно да изведува, односно објавува музички дела што ги штити ЗАМП на територијата на Република Македонија во согласност со Законот за авторскотто право и сродните права и Статутот на ЗАМП.

Во членот 5 од овој Правилник се предвидува дека за јавно изведување, односно објавување на делата што ги штити ЗАМП се наплатува надоместок во висина определена со Тарифата.

Висината на надоместокот може да биде определена и со договор меѓу корисникот и ЗАМП.

Со членот 8 од Правилникот се предвидува дека висината на надоместокот за јавно изведување, односно објавување се утврдува во процент од приходот што корисникот го остварува при изведувањето, односно објавувањето, во процент од надоместокот на изведувачите или во паушален износ.

Членот 9 од истиот Правилник предвидува дека основа за пресметка на надоместокот претставува бруто приходот остварен при јавното изведување, односно објавувањето кога се врши наплатување на влезници или друго наплатување (дотации, спонзорство, реклами, резервации, консумации и сл.).

Надоместокот се утврдува во процент од надоместокот на изведувачите, доколку е тој поголем од приходот од влезници и други наплатувања или кога влезот е слободен.

Ако при изведувањето, односно објавувањето не се врши наплатување на влезници или други наплатувања, или ако изведувачите не примаат надомест, корисникот плаќа минимален надоместок, во паушален износ.

Билетите кои се даваат на спонзорите или донаторите од страна на организаторите на концерти и забави се пресметуваат во бруто приходот за соодветниот концерт или забава. ЗАМП признава до 10% гратис од вкупниот број на билети.

Во членот 10, пак, од Правилникот се предвидува дека надоместокот на паушален износ се изразува во бодови, а вредноста на бодот (1 бод) се изразува во денари.

Вредноста на бодот во тарифниот дел од Правилникот изнесува 2,50 днеари.

Вредноста на бодот се усогласува годишно со порастот на цените на мало, според објавените статистички податоци.

Ако порастот на цените на мало е поголем од 10% во однос на почетокот на годината вредноста на бодото може да се усогласи и во текот на годината.

Тарифата за користење на музички дела, содржи 3 глави и тоа: под А „Јавни изведби“, под Б „Надомест за повремено или постојано изведување на музички дела“ и под В „Јавно емитување“.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на акт чие дејство престанало да важи, според Судот во случајов се исполнети процесните услови за примена на цитираната деловничка одредба.

Имено, ова од причина што оспорениот Правилник со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.1/2000) престанал да важи со донесувањето, односно давањето на согласност на Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела донесен на 12.10.2005 година од Собранието на ЗАМП, а објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007.

Оттука, со оглед на фактот дека оспорениот Правилник повеќе не е дел од правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување, поради што одлучи иницијативата да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.10/2007
18 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи