Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Известувањето бр.09-898/1 од 7 февруари 2007 година, донесено од министерот за правда на Република Македонија.
2. Македонската партија, застапувана од нејзиниот претседател Тодор Петров, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дописот означен во точката 1 од ова решение.
Со поднесената иницијатива, подносителот на иницијативата го спори дописот на министерот за правда кој бил доставен до подрачните одделенија на Министерството за правда. Најнапред, во иницијативата се цитираат одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007) и исправката на истиот закон објавена во Службен весник на Република Македонија бр.8/2007, за да потоа подносителот се надоврзува и наведува дека министерот со оспореното известување испратено до сите подрачни одделенија на Министерството за правда, во својата точка 3 создавал нов пропис за потврдување на регистрација на политичката партија, која по содржина била поинаква од членот 1 став 3 од Законот.
Оттука, според подносителот на иницијативата, министерот можел да ја формулира точката 3 на неговиот допис само онака како било предвидено во Законот, и никако поинаку, бидејќи на тој начин се нарушувал темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, а правните субјекти се доведувале во правна несигурност. Поради овие причини, се предлага Уставниот суд да ја поништи точката 3 од дописот на министерот за правда на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека Известувањето на министерот за правда на Република Македонија број 09-898/1 од 7 февруари 2007 година е допис кој е доставен до подрачните одделенија на Министерството за правда и во кој со 6 точки се дадени одредени укажувања.
Имено, оспореното известување, меѓу другото, го содржи следново:
1) Според Законот, политичка партија можат да основаат најмалку 1000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање на една политичка партија.
Собирањето на потписите за основање на политичка партија се врши на „Образец 1“, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2007 и на интернет страната на Министерството за правда, а како примерок може да се земе и од подрачните одделенија на Министерството за правда.
2) Политичката партија која е регистрирана е должна пред истекот на секои две години од денот на регистрацијата да достави 1000 потписи, до основниот суд според седиштето на партијата (Битола, Тетово, Скопје-II Скопје, Струмица и Штип). Потписите се собираат во подрачните одделенија на Министерството за правда и месните канцеларии во нивен состав. Собирањето на потписите за членувње во политичк апартија се врши на „Образец 2“, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2007 и на интернет страната на Министерството за правда, а може да се земе и како примерок од подрачните одделенија на Министерството за правда.
3) Политичките партии регистрирани до денот на примената на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии да достават 1000 потписи за членување во политичка партија до надлежниот основен суд. Постапката за собирање на потписи започнува на 9 февруари 2007 година и трае до 22 март 2007 година.
4) Обрасците за собирање на потписи ги обезбедува во доволен број примероци политичката партија и ги доставува до подрачното одделение на Министерството за правда и месни канцеларии во нивен состав во кои ќе ги собира потписите, со известување за која политичка партија се спроведува постапката за собирање на потписите.
5) Заедно со обрасците, политичката партија до Министерството за правда доставува и овластување од претседателот или генералниот секретар на партијата заверено на нотар за лицето (лицата) што ќе ја следи постапката за собирање на потписи. Само овластеното лице (лица) може да контактира со вработените лица во подрачното одделение (да го следи процесот за собирање на потписи и да ги собира обрасците) и да одлучува кога ќе заврши постапката за собирање на потписи.
6) Потписите граѓаните ги даваат во подрачните одделенија на Министерството за правда според официјалното место на живеење, запишано во личната карта или патната исправа. Во последниот извод од Избирачкиот список се заокружува редниот број на избирачот, за да се избегне злоупотребата при давањето на потписите. За лицата кои не се запишани се спроведува постапка за запишување во Избирачкиот список врз основа на Изборниот законик.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставно судска оцена.
Имено, според содржината на оспорениот акт, според Судот истиот не е пропис, туку претставува само интерен акт на Министерството за правда, со кој се даваат напатствија на вработените во подрачните одделенија за начинот на нивното постапување и работење во примената на новините од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии.
Со оглед на тоа дека оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, туку оперативен, интерен акт на Министерството за правда, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот допис со Уставот, поради што се утврди дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.52/2007
18 април 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи