36/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 32 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004).

2. Диме Мукаетов и Живко Ајтов од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 32 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот член 32 став 4 од Законот предвидувал дека наставник по предметна настава можело да биде лице кое завршило соодветна еднопредметна или двопредметна група на образование на наставници на факултет, висока школа, Факултет за локовна уметност и Факултет за музичка уметност.

Овие услови требале да се исполнат од наставниците по предметната настава најдоцна за две години повеќе од времето што е пропишано за редовно завршување на тој вид образование, ова согласно членот 119 од Законот за основно образование.

Меѓутоа, кога станувало збор за предметот „производно-техничко образование“, немало можности наставниците од овој предмет да го исполнат условот за факултетско или друго високо образование, а другите наставници во предметната настава во основното образование имале можности да го исполнат наведениот услов.

Причините за овој проблем биле што во Република Македонија не постоело високо образование односно факултет за студии по производно-техничко образование каде што наставниците со више образование би можеле да стекнат високо образование.

Поради ваквата остојба на работите, според наводите во иницијативата оспорениот член 32 став 4 од Законот бил во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со членот 9 став 2 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви; членот 44 според кој секој има право на образаование, образованието е достапно до секого под еднакви услови, а основното образование е задолжително и бесплатно; потоа членот 32 став 1 според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место; и членот 52 став 4 со кој е утврдена забрана за повратно дејство на законите и другите прописи, освен кога е тоа поповолно за граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004) во членот 32 предвидел дека членот 66 се менува како што е цитирано, а според ставот 4, од овој член: „Наставник по предметна настава може да биде лице кое завршило соодветна еднопредметна или двопредметна група на образование на наставници на факултет, висока школа, Факултет за ликовна уметност и Факултет за музичка уметност“.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.186/2004 од 3 ноември 2004 година не повел постапка за оценување на уставноста на членот 32 став 3 и 4 и членот 77 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004). Притоа, Судот утврдил дека согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори, и таа е упатна норма која му препушта на законодавецот самостојно да ги определува условите и начинот на спроведување на одделенска и предметна настава во основното образование. Со оглед на тоа Судот оценил дека Законот за основното образование со определувањето на посебните услови (степен на образование) се движел во рамките на Уставот.

Поради тоа што Судот ја ценел уставноста на оспорената одредба од членот 32 став 4 од Законот, а и поради тоа што Судот нема надлежност да одлучува зошто законодавецот не нормирал пошироки рамки на условите за степенот на образованието, односно не пропишал и вишо образование покрај веќе наведеното високо и факултетско образование, за што се однесуваат и наводите во иницијативата, Судот оцени дека согласно цитираните уставни и деловнички одредби се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.36/2007
11 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи