186/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 април 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на уставноста на член член 4 алинеја 1, во делот: „според критериумите и“ од Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 16/2004, 62/2005, 113/2005 и 29/2007).

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноата на членот од Законот означен во точка 2 од ова решение и уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел на членот 4 алинеја 1 кој гласел: „според критериумите и“…, утврден со акт на министерот за труд и социјална политика, немал уставна основа, бидејќи ваквото овластување отстапувало од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија. Таквото законско овластување, според подносителот на иницијативата, не можело да се толкува ниту како разработка на конкретна законска одредба (член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа) и според тоа критериумите можеле да се пропишуваат само со закон, а не со подзакоснки акт.

Од истите причини, подносителот на иницијативата смета дека и Правилникот во оспорените делови и членови не бил во согласност со уставните одредби од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 став 1, 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Имено, употребениот термин „општински“ во членот 4 алинеја 4 од Правилникот не бил во согласност со член 22 од Законот за судовите, затоа што не постоел општински суд, туку основен.

Во оспорените членовите 5, 8 став 2 и член 10 став 1 од Правилникот, се вршело толкување, што можело да го врши само законодавната власт, а не министерот за труд и социјална политика, како орган на државната власт.

Оспорениот член 10 став 2 од Правилникот ги определувал условите за набавка на опрема, кои неможеле да се пропушуваат со подзаконски акт. Во оспорените членови 12 став 2 и 3, 13, 14, 15 став 2 и 3 и 16 од Правилникот се утврдувале права и обврски за граѓаните и другите правни лица, што не било во согласност со одредбите од член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 4 од Законот за вработување на инвалидни лица мерки за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидно лице се:

– доделување на неповратни средства за вработување на неопределено време на невработено инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи инвалидното лице доколку тоа е потребно и набавка на опрема според критериумите и (оспорен дел) на начин утврден со акт на министерот за труд и социјална политика;
– ослободување од даноци и обезбедување на средства за придонеси, и
– финансиска поддршка во работењето.

Оспорениот Правилник за критериумите и начинот на доделување на неповратни средства од посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица содржи 18 члена.

Членот 1 на овој Правилник регулира дека со овој правилник се утврдуваат критериумите и начинот на доделување на средства од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидни лица.

Доделените средства од Посебниот фонд се неповратни.

Според член 4 од Правилникот кон барањето за доделување на неповратни средства од Посебниот фонд, се доставуват следните документи потребни за секој од основите за доделување на средства од член 2 на овој правилник:

– пополнет образец за доделување на неповратни средства од Посебниотфонд (образецот го издава Агенцијата);
– решение за исполнување на мерките, нормативите и стандардите за заштита при работа од Државниот иснпекторат за труд;
– бонитет издаден од Централниот регистар на Република Македонија;
– потврда дека против работодавецот не е покрената постапка за стечај издадена од надлежен општински суд;
– потврда од надлежниот суд дека основачот на барателот на средства од Посебниот фонд досега нема ликвидирано или затворено фирма со стечај;
– известување од Заедницата на заштитни друштва на Македонија дека барателот поседува потребна документација дека самостојно врши дејност како трговец поединец, дека е заштитно друштво и дека за вработените инвалидни лица има документ за утврдена инвалидност;
– месечна пресметка за исплатената плата со пресметаните и уплатени придонеси од плата за здравствено осигурување и вработување за последните 9 месеци пред поднесувањето на барањето – образец ПДД-МП и
– изводи од банка за последните 9 месеци пред поднесувањето на барањето на денот на исплатата на платата односно уплатата на придонесите за здравствено осигурување и вработување.

Според членот 5 од истиот Правилник под вработување во смисла на овој правилник не се смета (нема да се одобрат средства):

– кога работодавецот го намалил бројот на вкупно вработени инвалидни лица на неопределено време од член 2 став 1 од Законот за вработување на инвалидни лица (во натамошниот текст: Законот) сметано од денот на влегувањето во сила на Законот, а за чие вработување се користени средства од Посебниот фонд и на нивно место вработува нови инвалидни лица од член 2 став 1 од Законот, освен ако работниот однос им престанал поради промена на место на живеење, иселување, остварување на право на пензија или во случај на смрт и
– кога работодавецот вработува инвалидно лице на место на друго инвалидно лице од член 2 став 1 од Законот на кое работниот однос му престанал и за кое се користени средства од Посебниот фонд, а при тоа вкупниот број на вработени инвалидни лица на неопределено време од член 2 став 1 од Законот не се зголемува.

Според членот 8 став 2 од Правилникот адаптација на работно место во смисла на овој правилник опфаќа: прилагодување на опремата, орудијата за работа, уредите и другите технички средства за работа со вградување на механички, електрични, електронски, звучни, светлосни и слични уреди со кои се овозможува сигурна, непречена и продуктивна работа на едно или повеќе инвалидни лица.

Според член 10 од Правилникот, пак, набавката на опрема во смисла на овој правилник опфаќа планирана набавка на опрема за производни и услужни дејности, компјутери и компјутерска техника, машини за производство на разни производи, производни линии, машини за сортирање, обликување или пакување, алати и калапи како технолошки целини за обликување или производество на разни форми или производи, транспортни уреди поврзани со процесот на производство или слични облици на орудија за работа како единечни машини или составен дел на соодветна целина од одредена технолошка линија.

За набавка на опрема од став 1 на овој член од Посебниот фонд, барателот на опремата треба да ги исполнува следниве услови:

– деловно да е активен најмалку 3 години сметано од денот на исполнувањето на условите пропишани со закон и почеток на работа како заштитно друштво, односно самостојно врши дејност како трговец поединец (документ издаден од Заедницата на заштитни друштва на Македонија);
– со барањето да достави доказ дека во пресметковната вредност на програмата има обезбедено сопствено учество од најмалку 20% и тоа: сопствени средства на фирмата преку нераспределна или наменета добивка за набавка на опрема искажана во Извештајот за бонитет издаден од Централниот регистар на Република Македонија, кредит од банка или уплата на лични средства на сопственикот на фирмата и
– бараниот износ на средства за опрема може да биде најмногу до висината на имотот и трајниот капитал заведен во книгите на барателот: основачки влог, опрема, градежни и деловни објекти, дуќани, и други основни средства, (пасива на барателот: капитал и резерви искажани во Извештајот за бонитет издаен од Централниот регистар на Република Македонија).

Според член 12 став 2 и 3 од Правилникот доделените средства од Посебниот фонд за адаптација на работно место се дозначуваат на жиро сметката на работодавецот во рок од 8 дена сметано од денот на потпишувањето на договорот за доделување на неповратни средства.

Работодавецот е должен во рок од 60 дена од денот на дозначувањето на средствата на неговата жиро сметка да ја изврши одобрената адаптација на работно место и за тоа писмено да ја извести Агенцијата.

Според член 13 барателот на неповратни средства од Посебниот фонд за набавка на опрема на кој барањето за доделување на средства му е решено негативно и не му се доделени средства, може повторно да поднесе барање за доделување на неповратни средства за опрема по истекот на една година, сметано од денот на одбивањето на барањето.

Според член 14 Агенцијата и центрите за вработување, во функција на поефикасна обработка на поднесените барања за доделување на средства од Посебниот фонд врши непосреден увид кај барателот на средства, соработува со Државниот инспекторат за труд, надлежните државни органи и други заинтересирани субјекти и кај корисниците на средствата го следи текот на нивната реализација.

Агенцијата поднесените барање ги решава во рок определен со Законот за општа управна постапка.

Некомплетни барања нема да се примаат и по нив нема да се одлучува се додека не се усогласат согласно одредбите на Законот и овој правилник.

Според член 15 став 2 и 3 од Правилникот на подносителот на барањето на кој му се одобрени средства за вработување на невработено инвалидно лице на неопределено време од член 2 став 1 од Законот, одобрените средства во целост ќе му се дозначат на неговата жиро сметка ако пред потпишувањето на договорот до Агенцијата достави хипотека или банкарска гаранција со рок на пристигнување до 11 месеци во висина на средствата што ги побарува од Посебниот фонд. Ако подносителот на барањето не достави хипотека или банкарска гаранција во висина на средствата што му се одобрени од Посебниот фонд, ќе му се исплатат половината од одобрените средства, а остатокот ќе му биде исплатен во наредните десет месеца во десет еднакви рати.

Пред склучувањето на договорот од став 1 на овој член подносителот на барањето на кој му се одобрени средства за набавка на опрема е должен до Агенцијата да достави хипотека во однос 2:1 или банкарска гаранција во висина на одобрените средства. Хипотеката или банкарската гаранција треба да гласи на Посебниот фонд при Агенцијата за вработување на Република Македонија и да е со важност од најмалку три години. Ако во рок од 60 дена од денот на донесувањето на решението за доделување на средствата, подносителот на барањето не достави хипотека или банкарска гаранција, ќе се смета дека се откажал од барањето.

Според член 16 при разгледување на доставените барања за доделување на средства од Посебниот фонд на седниците на Управниот одбор на Агенцијата се повикува по еден претставник од Заедницата на инвалидски организации на Македонија.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот законите морат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 96 од Уставот се предвидува дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002) со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од истиот закон со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Законот за вработување на инвалидни лица во членот 1 определил дека предмет на негово уредување се посебните услови за вработување и работење на инвалидните лица: кога самостојно вршат дејност како трговец поединец чиј работодавец има својство на работодавец во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции, како и условите за основање и погодностите за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица.

Како цели на овој закон се определени потребите и обврската при вработување на инвалидно лице да се создадат соодветни услови за работење и адаптација на работното место во зависност од работното место, видот и степенот на образованието и видот и степенот на инвалидноста на инвалидното лице кое се вработува.(член 5 став 2)

Прашањето за финансирањето на работите за создавање на посебни услови за вработување и работење на инвалидно лице е регулирано во Главата IV од Законот за вработување на инвалидни лица со наслов „Посебен фонд за подобрување на услови за вработување и работење на инвалидни лица“. Во оваа глава меѓу другите, е содржан и членот 16, во кој се утврдени износите за средствата кои се доделуваат, како и условите што треба да се исполнат за да може по соодветниот основ средствата да се доделат како неповратни.

Во членот 16-б од овој Закон е предвидено дека ако на вработеното инвалидно лице за кое се користени средства му престане работниот однос по која било основа или работодавецот го намалил бројот на вкупно вработените инвалидни лица од членот 2 став 1 на овој Закон на неопределено време, истиот е должен во рок од осум дена од денот на настанатата промена да ја извести Агенцијата.

Ако на инвалидното лице за кое се користени средства му престане работниот однос пред истекот на рокот од три години од денот на вработувањето, освен по сила на закон или во случај на смрт, корисникот на средства е должен во рок од три месеци на негово место да вработи друго инвалидно лице без право повторно да користи средства за вработување на инвалидното лице.

Работодавец може да користи средства од Посебниот фонд за вработување на невработено инвалидно лице од членот 7 став 1 на овој Закон, ако во евидиенцијата на Агенцијата се води како невработено инвалидно лице. За вработување на инвалидно лице од истиот став 1 на овој Закон за кое се користени средства за вработување од Посебниот фонд, при повторно вработување новиот работодавец не може да користи средства од Посебниот фонд за вработување на иналидно лице поред истекот на пет години сметано од денот на засновањето на новиот работен однос.

За инвалидно лице не кое работниот однос му престанал не по негова вина и за кое работодавецот ги повратил средствата во Посебниот фонд, средства за негово повторно вработување може да се користат и пред истекот на рокот од ставот 3 на овој член.

Корисникот на средства за вработување на инвалидно лице кој нема да вработи друго инвалидно лице на местото на инвалидното лице на кое му престанал работниот однос, во смисла на ставот 2 од овој член, или вакво право остварил врз основа на неточни податоци, должен е средствата да ги врати на Посебниот фонд во рок од 30 дена од денот на утврдувањето на состојбата во цел износ зголемени за банкарска камата на средства по видување.
Ако работодавецот го намалил бројот на вкупно вработените инвалидни лица од членот 2 став 1 на овој Закон на неопределено време од денот на влегување во сила на овој закон, а на нивно место прими нови инвалидни лица, не може да користи средства за вработување на новопримените инвалидни лица.

Корисникот на средства од Посебниот фонд набавената опрема не може да ја изнајмува, дава под закуп или да ја отуѓи во рок од три години од денот на добивањето на средствата.

Тргнувајќи од анализата на наведените законски одредби во контекст на наводите во иницијативата, произлегува дека во Законот за вработување на инвалидни лица се утврдени сите критериуми за доделување на средства од Посебниот фонд, а во сега оспорениот Правилник за критериумите и начинот на доделување на неповратни средства од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување на инвалидни лица само е разработена постапката и потребната документација за доделување на средствата. Имено, законодавецот во оспорениот закон дава рамка, односно општи критериуми врз основа на кои може да се определи висината на средствата кои се доделуваат заради вработување и адаптација на работното место на инвалидното лице. Оттука, министерот со подзаконски акт, односно со оспорениот Правилник само ги разработил овие законски одредби, што значи дека со подзаконскиот акт не се утврдуваат критериуми, како што се тврди во иницијативата, туку се операционализира законската одредба.

Поаѓајќи од тоа дека со Правилникот се разработуваат критериумите и условите за доделување на средства за вработување на инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи, како и за набавка на опрема, кои се веќе определени, утврдени во Законот за вработување на инвалидно лице, според Судот оспорениот дел од насловот, како и членовите 1 став 1, 8 став 2, 10, 12 став 2 и 3, 13, 14, 15 став 2 и 3 и 16 од Правилникот се во согласност со Законот за вработување на инвалидно лице и Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со одредбите од Уставот на Република Македонија, на кои подносителот на иницијативата се повикува, односно нема навлегување на извршната во законодавната власт.

Наводот во иницијативата дека употребениот термин „општински“ (оспорен) не бил во согласност со член 22 од Законот за судовите, затоа што не постои општински туку основен суд, според Судот, во конкретнава правна ситуација, навистина постои терминолошко неусогласување, но не е од суштинско значење. Ова дотолку повеќе што потребата од терминолошко усогласување на актите е вообичаена работа на носителите на актите, што подразбира дополнителна измена на Правилникот, за што всушност и надлежното Министерство за труд и социјална политика во даденото мислење по конкретнава иницијатива прифаќа обврска за усогласување на терминологијата, односно укажува на потребата за измена на употребниот термин и негово усогласување со Законот за судовите.

6. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.102/2006 од 14 јуни 2006 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на целината на членот 4 алинеја 1 од Законот за вработување на инвалидни лица, од што произлегува дека оспорената одредба од Законот била предмет на оценување по однос на нејзината согласност со Уставот.

Притоа, Судот оценил дека „… не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Законот не содржи никакви критериуми за доделување на средства за вработување на инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи и за набавка на опрема, од што произлегува дека оспорената одредба од Законот е во согласност со Уставот“…, поради што и не поведе постапка.

Од причина што по повод сега поднесената иницијатива од истиот подносител, не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесување на наведеното решение, Судот иницијативата во овој дел по однос на оспорената законска одредба, согласно цитираната деловничка одредба ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.186/2006
11 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи