188/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 април 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 181 став 4 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.188/2006 поведе постапка за оценување на уставноста на делот на ставот 4 од членот 181 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на делот на ставот 4 од членот 181 од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 181 став 4 од Законот, против одлуката за отказ на договорот за вработување, работникот може да поднесе жалба во рок од 15 дена од врачувањето од страна на работодавачот, пред надлежниот суд.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 5 од Уставот, правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1 став 1).

Според ставот 2 на членот 1 од Законот, работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во VII глава Остварување и заштита на правата, обврските и одговорностите од работниот однос, во поднасловот „Остварување на правата кај работодавачот и судска заштита“ е поместен членот 181 кој е оспорен со иницијативата само во делот од ставот 4 и тоа зборот: „жалба“.

Според ставот 1 на членот 181 од Законот ако работникот смета дека работодавачот не му ги обезбедува правата од работниот однос или крши кое било од неговите права од работниот однос има право да поднесе писмено барање до работодавачот кршењето да го отстрани, односно да ја исполни својата обврска.

Според ставот 2 на овој член од Законот ако работникот смета дека со писмена одлука на работодавачот е прекршено неговото право, има право во рок од осум дена од врачувањето на одлуката со која било прекршено правото, да бара од работодавачот истото да го отстрани.

Според ставот 3 на овој член од Законот, ако работодавачот во натамошниот рок од осум дена по врачувањето на писменото барање на работникот не ги испони своите обврски од работниот однос, односно не го отстрани кршењето на правото, работникот може во рок од 15 дена да бара судска заштита пред надлежниот суд.

Според оспорениот став 4 на овој член од Законот, против одлуката за отказ на договорот за вработување, работникот може да поднесе жалба во рок од 15 дена од врачувањето од страна на работодавачот, пред надлежниот суд.

Во ставот 5 на овој член од Законот е утврдено дека без оглед на роковите од ставовите (2) и (3) на овој член работникот може паричните побарувања од работниот однос да ги остварува непосредно пред надлежниот суд.

Според ставот 6 на овој член од Законот неизбраниот кандидат за вработување кој смета дека при изборот била прекршена забраната на дискриминација, во рок од 15 дена од приемот на известувањето од страна на работодавачот може да бара надомест на штета пред надлежниот суд.

Постапката во спорови од работните односи е уредена во Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005) и тоа во главата дваесет и шеста. Така, согласно членот 405 став 2 од Законот, во постапката во споровите од работните односи рокот за одговор на тужба е осум дена. Според ставот 3 на овој член од Законот, во споровите од работните односи кои се однесуваат за престанок на работниот однос, рочиштето за главна расправа мора да се одржи во рок од 30 дена од денот на приемот на одговорот на тужбата.

Во членот 175 од Законот е утврдено дека парничната постапка се поведува со тужба.

Од содржината на членот 175 и наведените ставови на членот 405 од Законот за парничната постапка произлегува дека парничната постапка се поведува со тужба, односно во постапката во спорови од работните односи законодавецот оперира со зборот „тужба“, а не „жалба“, што јасно упатува на заклучокот дека зборот „жалба“ во оспорениот член 181 став 4 се употребува „можеби поради техничка грешка“.

Во конкретниот случај со членот 181 став 4 од Законот, а со тоа и со оспорениот дел, не се предвидува поднесување на тужба како што тоа е регулирано во нашиот правен систем, туку поднесување на жалба. Жалбата ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и спроведлива и поради тоа по жалбата одлучува секогаш повисок орган со што се прокламира и двостепеност во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси. Притоа, ова правно средство остава можност за внатрешно решавање на настанатата состојба.

Значи, кога станува збор за заштита на права пред суд, постапката не се поведува со жалба, како што тоа е предвидено во оспорениот дел на членот 181 став 4 од Законот, туку со тужба.

Оттука, самото постоење на зборот „жалба“ во членот 181 став 4 од Законот, создава правна несигурност кај граѓаните што е спротивно на начелото на владеењето на правото кое во себе го содржи начелото на законитост, кое начело го обврзува законодавецот да конципира (формулира) прецизни, недвосмислени и јасни норми. Само јасните и прецизните норми можат да претставуваат солидна основа за законито постапување, во случајов, на судските органи, што тоа не го обезбедува оспорената одредба од Законот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека членот 181 став 4 во делот: „жалба“ од Законот за работните односи не е во согласност со начелото на владеење на правото утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.188/2006
4 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи