Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за определување повластици во јавниот патнички сообраќај („Службен весник на СРМ“ бр.38/1966, 18/1977 и 10/1979).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата во Законот за определување повластици во јавниот патнички сообрќај од 1966 година е утврдено дека слепите лица со способност на видливост до 10% со живеалиште во Социјалистичка Република Македонија имаат право на повластен превоз за 6 патувања годишно, и тоа: 75% од редовната превозна цена во железничкиот, поморскиот, речниот и патниот сообраќај и 50% од редовната превозна цена во воздушниот сообраќај. Придружникот на слепото лице има право на бесплатен превоз во железничкиот, поморскиот, речниот и во патниот сообраќај на повластен превоз од 50% од редовната цена во воздушниот сообраќај. Значи, повластувања во јавниот патнички сообраќај за лица-инвалиди се утврдени само за слепите лица со способност на видливост до 10% и за нивните придружници, а не и за сите други лица-инвалиди и нивните придружници, и оспорениот Закон не се однесувал и за превозот на патници-инвалиди и нивните придружници во градскиот сообраќај, со што смета дека со оспорениот Закон се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста од член 8 став 1 алинеи 3 и 8, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите од член 9, членот 35 и членот 51 од Уставот на Република Македонија. Оспорениот Закон ни суштински ни терминолошки не соодветствувал на новиот правен поредок на Република Македонија, во кој не постои Социјалистичка Република Македонија, поморскиот и речниот сообраќај и слично. За жал, овој Закон, иако бил донесен уште во 1966 година не бил ниту усогласен со одредбите на Уставот на Република Македонија, како што тоа било предвидено во членот 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија.
Според тоа, со оспорениот Закон во целина се повредувал членот 1 став 1, членот 8 став 1 алинеи 3 и 8, членот 9, членот 35 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.
Врз основа на изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за определување повластувања во јавниот патнички сообраќај.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за определување повластици во јавниот патнички сообраќај, (кој уште е во важност), се определуваат лица што имаат право на повластици во превозот на јавниот патнички сообраќај и се утврдуваат условите под кои не можат да се користат. Овој закон не се однесува за превозот на патници во градскиот и воздушниот сообраќај.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува и за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.
Имајќи ја предвид наведената уставна одредба со која е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, содржината на оспорениот закон, како и наводите во иницијативата произлегува дека со неа се бара Судот да ја оцени уставноста на Законот за определување повластици во јавниот патнички сообраќај не затоа што одредбите од Законот не се во согласност со Уставот, туку поради отсуство на одредби за кои подносителот на иницијативата смета дека треба да бидат содржани во Законот.
Судот, исто така, утврди дека наведениот Закон не се однесува за превозот на патници во градскиот и воздушниот сообраќај, како што се наведува во иницијативата која според содржината е многу конфузна и содржи наводи за прашања кои не се предмет на уредување на оспорениот закон.
Оттука, тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд, Судот утврди дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот, па согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата Судот ја отфрли поради процесни пречки за постапување по неа.
Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека оспорениот закон ни суштински ни терминолошки не соодветствува со новиот правен поредок на Република Македонија, меѓутоа тој тоа го наведува само попатно не давајќи подетално образложение.
Според Судот овие наводи не се релевантни за одлучување на Судот дотолку повеќе што подносителот најнапред содржински го напаѓа Законот за да каже на крај дека тој и терминолошки не соодветствува со новиот правен поредок на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.75/2006
21 март 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи