У.бр.27/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 51 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Слободан Бошевски од Битола за заштита на слободите и правата утврдени во членовите 9, 25, 26 и 30 од Уставот на Република Македонија.

2. Слободан Бошевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во членовите 9, 25, 26 и 30 од Уставот на Република Македонија кои биле повредени со конкретни одлуки на надлежните судови и тоа со пресуда П.бр.1183/02 на Основниот суд во Битола и пресуда Гж.бр.3139/05 на Апелациониот суд во Битола.

Според наводите во барањето, во наведените судски одлуки било одлучено други лица, а не подносителот на барањето, да имаат право на градба на поткровје над неговиот стан во станбена зграда, и покрај тоа што од фактите и доказите утврдени во постапката по предметот јасно произлегувало дека правото требало да го добие подносителот на барањето. Ова особено поради тоа што поткровјето било предвидено над станот во кој живеел подносителот на барањето, и сите инсталациони цевки и други поврзувања морале да бидат изведени од неговиот стан. Тоа значело оштетувања на постојниот стан и се доведувала во прашање неговата сигурност и безбедност. Воедно станот во сопственост на подносителот на барањето, не заради јавен интерес туку за индивидуални интереси би бил предмет на ограничување на сопственоста и би била нарушена приватноста и неповредливоста на неговиот дом. Во барањето се наведува дека неправилно било ценето во судските постапки дека материјалната и имотната состојба на странките била еден од аргументите кој да го добие правото, бидејќи судот не бил социјална установа.

Во барањето се наведува дека со пресудите на Основниот суд во Битола и на Апелациониот суд во Битола на подносителот му биле повредени уставните права, и тоа од членот 9 од Уставот со кој се гарантирала еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите независно од имотната положба, членот 25 од Уставот со кој на секој граѓанин му се гарантирало почитувањето и заштитата на приватноста, членот 26 од Уставот со кој се гарантирала неповредливоста на домот, и членот 30 од Уставот со кој се гарантирала сопственоста која можела да биде одземена или ограничена само кога се работело за јавен интерес.

Од овие причини се предлага Судот да ги поништи или укине наведените судски пресуди како неуставни, независно што бил во тек предметот по ревизија во Врховниот суд на Република Македонија.

3. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9 – 60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.

Со Уставот начелно се скицирани и дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.

Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд и тоа не е прашање препуштено на уредување со закон или друг пропис.

Според алинеја 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Значи, посебно уставносудската заштита се однесува не на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се како надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Имено, и со членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Оттука, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на судовите, ниту Уставниот суд има надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на одлуките на надлежните судови за да утврди дали постоеле повреди на членовите 9, 25, 26 и 30 од Уставот, а на што се однесуваат во случајов наводите во иницијативата по овој предмет.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Барањето пред Уставниот суд на Република Македонија конкретно во случајов се однесува на заштита на слободи и права од членовите 9, 25, 26 и 30 од Уставот кои му биле на подносителот повредени со конкретни одлуки на Основниот суд во Битола и Апелациониот суд во Битола, и врз основа на тоа се бара Уставниот суд да ги поништи наведените судски одлуки.

Со оглед на тоа што станува збор за Пресуда П.бр.1183/02-II од 9 јуни 2005 година донесена од Основниот суд во Битола, која била потврдена со Пресуда Гж.бр.3139/2005 од 21 октомври 2005 година донесена од Апелациониот суд во Битола, а странката во тој предмет односно сега подносителот на барањето за заштита на слободи и права, поднел на 21 ноември 2005 година барање за ревизија до Врховниот суд на Република Македонија против наведената пресуда на Апелациониот суд во Битола со која била правосилно окончана постапката, произлегува дека е изминат рокот од 2 месеца од денот на доставувањето на пресудата во кој рок можел согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија да бара заштита на слободи и права пред Уставниот суд на Република Македонија.

Покрај тоа, Судот оцени дека во конкретниов случај подносителот бара од Уставниот суд уставносудска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува и воедно, подносителот на барањето го пропуштил субјективниот рок од два месеца за поднесување на барање за заштита на слободи и права ниту може да се повикува на можноста да го користи објективниот рок од пет години, со оглед на тоа што тој бил во можност да дознае и сознал во тој рок дека пресудата на Апелациониот суд во Битола е донесена, па поради тоа постојат процесни пречки да се одлучува по барањето согласно членот 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.27/2007
21 март 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи