26/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седниците одржани на 21 март, 8 и 9 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 137 став 2 во делот „од областа на медицинските или стоматолошките науки“ и во делот „и положен испит за директор согласно со овој закон“, став 3 во делот „од областа на економските науки или јавно здравствениот менаџмент“ и во делот „и положен испит за директор согласно со овој закон“ и на став 6 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 137 од Законот во деловите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените делови на член 137 ставовите 2 и 3 од Законот оневозможувале достапност на работното место секому под еднакви услови, со тоа создавале нееднаквост меѓу граѓаните, предвидувале ограничувања надвор од ситуациите кога тоа може да се прави определени во член 54 став 1 од Уставот, ги повредувале основните слободи и права, го повредувале владеењето на правото, поради што не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, членот 51, членот 54 став 1 и членот 58 став 2 од Уставот на Република Македонија. Понатаму, се наведува дека оспорениот член 137 став 6 од Законот овозможувал со општ акт на здравствената установа да се утврдуваат условите за именување на директор на другите здравствени установи кои не се јавни, наместо тоа да се уреди со закон или колективен договор, поради што законската одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5, член 34 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Истовремено, побарано е изрекување на времена мерка заради спречување да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека членот 137 од Законот се однесува на прашања поврзани со директор на јавна и приватна здравствена установа. Притоа, во ставот 1 од наведената законска одредба се определува дека „Работоводниот орган на јавна здравствена установа (во натамошниот текст: директор), се состои од две лица кои се подеднакво одговорни за работењето на јавната здравствена установа и за обврските што се преземаат во правниот промет“.

Со оспорениот член 137 став 2 од Законот се определува дека „Едното лице кое се именува за директор треба да има завршено високо образование од областа на медицинските или стоматолошките науки, најмалку пет години работно искуство во здравствена установа и положен испит за директор согласно со овој закон“.

Во оспорениот член 137 став 3 од Законот се определува дека „Друго лице кое се именува за директор треба да има завршено високо образование од областа на економските науки или јавно здравствениот менаџмент, најмалку три години работно искуство од економијата, финансиите или менаџментот или од системот и организацијата на здравствената заштита и здравственото осигурување и положен испит за директор согласно со овој закон“.

Со оспорениот член 137 став 6 од Законот се определува дека „Директорот на другите здравствени установи се именува под услови и на начин утврден со општ акт на здравствената установа“.

4. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека со закон, покрај со колективни договори, може да се уредуваат правата и положбата на вработените, при што дел од таа материја се и условите за именување директор на јавни и други здравствени установи кои не се јавни.

Според тоа, определувањето во член 137 ставовите 2 и 3 од Законот услови за именување директор во јавни здравствени установи, не е несогласно со наведената уставна одредба.

5. Во однос на наводите во иницијативата дека означените законски одредби оневозможувале достапност на ова работно место секому, Судот утврди дека достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, утврдено во член 32 став 2 од Уставот, значи достапност на секое работно место секому што ги исполнува пропишаните услови, а не значи непостоење услови или постоење услови што ги исполнува секој поединец. Поради тоа, не може да се постави прашањето за согласноста на член 137 ставовите 2 и 3 од Законот со наведената уставна одредба.

6. Што се однесува до наводите во иницијативата дека овие законски одредби создавале нееднаквост, ограничувања надвор од Уставот, повреда на основните слободи и права, повреда на владеењето на правото, Судот утврди дека нема нееднаквост меѓу граѓаните (член 9 од Уставот) со оглед дека граѓаните што не ги исполнуваат определените услови не се во еднаква положба со оние што ги исполнуваат, па не може да имаат исти права; нема ниту неуставни ограничувања (член 54 од Уставот), ниту повреда на основните слободи и права (член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот), ниту повреда на владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот), ниту повреда на стручноста и компетентноста во управувањето со јавните установи (член 58 од Уставот) со оглед дека секој што ги исполнува пропишаните услови може да биде именуван за директор на јавна здравствена установа. Поради тоа, не може да се постави прашањето за согласноста на член 137 ставовите 2 и 3 од Законот со означените уставни одредби.

7. Во врска со наводите во иницијативата дека овозможувањето во член 137 став 6 од Законот со општ акт да се утврдат условите за именување директор во приватни здравствени установи не било во согласност со Уставот со оглед дека само со закон и колективен договор може да се уредуваат правата на вработените, Судот смета дека означената законска одредба определува приватните здравствени установи автономно да ги уредат условите за именување на директори во своите установи во зависност од тоа дали и тие пружаат здравствени услуги или не. Поради тоа, Судот утврди дека неможе да се постави прашањето за согласноста на член 137 став 6 од Законот со уставните одредби наведени во иницијативата.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.26/2007
21 март, 8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи