Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации („Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2005).
2. Славчо Јовановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 4 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата во Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1992, 25/1996 и 48/2002), пред донесувањето на последните измени и дополнувања во „Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2005, членот 8 во точката В) предвидувал како стручен кадар во ординациите за општа медицина да се обезбеди „доктор по медицина со положен стручен испит“.
Меѓутоа, со оспорениот член 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот од 2005 година наведената одредба била дополнета и по зборовите „доктор по медицина со положен стручен испит“ биле додадени зборовите „со соодветна лиценца и здравствен работник со средно или вишо образование од областа на медицината со положен стручен испит“. На овој начин со дополнувањето на Правилникот се создале две различни ситуации, и тоа од една страна на здравствени организации кои вршеле дејност од пред измените и дополнувањата на Правилникот со обезбеден кадар на доктор по медицина со положен стручен испит, и од друга страна требале да отпочнат со работа нови здравствени организации после наведените измени и дополнувања на Правилникот кои биле обврзани како стручен кадар да обезбедат доктор по медицина со положен стручен испит со соодветна лиценца и здравствен работник со средно или вишо образование од областа на медицината, со положен стручен испит.
Имено, според наводите во иницијативата со оспорениот член 4 од Правилникот биле создадени двојни услови за вршење на дејноста на здравствена заштита во здравствените организации. За едните тоа биле привилегирани услови кои важеле пред измените на Правилникот бидејќи не морале да го зголемуваат кадарот и покрај тоа што тие веќе обавувале дејност со голем број пациенти, но за другите здравствени организации кои отпочнувале со работа по донесувањето на измените и дополнувањата на Правилникот и покрај тоа што немале пациенти со започнување на вршење на дејноста, сепак требале да обезбедат зголемен кадар односно покрај доктор да имаат и здравствен работник со средно или вишо образование од областа на медицината.
Со оглед на тоа, оспорената одредба од Правилникот била во несогласност со Уставот, и тоа со членот 9 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, и со членот 55 став 1 и 2 кој се однесува на уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Со иницијативата исто така се наведува дека оспорената одредба од Правилникот била во несогласност и со членот 15 од Законот за установи („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2005), според кој установа може да се основа ако се исполнети услови за основање на установа утврдени со овој или друг закон со кој се уредува вршењето на дејноста, меѓутоа во случајов тие услови се уредуваат со правилник а не со закон, па од овој аспект оспорената одредба од Правилникот била незаконита.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 92 став 2 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1996 и 10/2004), министерот за здравство го донел Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации од 2005 година. Според членот 4 од овој Правилник, во членот 8 точка В) по зборот „испит“ точката се брише и се додаваат зборовите: „и со соодветна лиценца и здравствен работник со средно или вишо образование од областа на медицината со положен стручен испит“.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Републиката е владеење на правото.
Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Согласно член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Според ставот 2 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, и Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според ставот 3 на овој член од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007) во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат правата од здравствената заштита на граѓаните и системот на организацијата на здравствената заштита.
Според одредбите од членот 9 и членот 10 од овој закон, здравствената дејност е од јавен интерес и подлежи на надзор над стручната работа.
Со одредбите во Глава VII од Законот, кои се однесуваат на „Здравствени организации“, е уредено дека здравствена организација може да се основа како јавна, задружна, мешовита и приватна, во согласност со закон.
Согласно членот 92 став 1 од овој закон, здравствена организација може да се основа и да врши здравствена дејност ако се обезбедени градежни објекти, стручни кадри, медицинска опрема, средства и други услови за вршење на дејноста, утврдени со закон и прописи донесени врз основа на закон.
Според ставот 2 од овој член од Законот, поблиските услови за основање и почнување со работа, односно проширување на дејноста во однос на просторот, опремата и кадрите ги пропишува Министерството за здравство.
Според членот 93 од Законот, Министерството за здравство оценува дали се исполнети условите од членот 92 на овој закон и донесува решение за дозвола за почнување со работа врз основа на кое се врши упис на здравствената установа, дозволата може да се одземе доколку настанат промени со кои битно се отстапува од условите предвидени во членот 92 на овој закон.
Врз основа на две одредби и тоа на членот 92 и членот 121 став 2 од Законот за здравствена заштита во 1992 година бил донесен Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации, (објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1992).
Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.198/2002 од 26 ноември 2003 година по повод поднесена иницијатива, не повел постапка за оценување на уставноста на членот 92 став 1 во делот „и прописи донесени врз основа на закон“ и на ставот 2 на овој член, како и на членот 121 став 2 од Законот за здравствена заштита, кој важел пред измените во 2004, 2005, 2006 и 2007 година.
Со Решението на Судот, исто така не била поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста во целост на Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1992, 25/1996 и 48/2002), пред неговите последни измени и дополнувања во 2005 година.
Со членот 8 од интегралниот текст на Правилникот, кој се однесува на „Ординација за општа медицина“, е предвидено дека ординација за општа медицина обезбедува најмалку:
А) Просторни услови – ординација 16 м2; чекална 9 м2 и санитарен јазол.
Б) Медицинска опрема – работна маса, легло за пациенти со пластична пресвлака, подвижен параван, две столчиња на навој со и без наслон за доктор, орман – витрина за инструменти и лекови, лекарска торба, антишок терапија, подвижно масиче за инструменти, апарат за притисок, стетоскоп, подвижен рефлектор со лампа, порцелански садови со шпатули, невролошко чеканче, термометар, закачалка, машина за пишување. Шприцевите што се користат во ординацијата се за еднократна употреба.
В) Стручен кадар – Доктор по медицина со положен стручен испит и со соодветна лиценца и здравствен работник со средно или вишо образование од областа на медицината со положен стручен испит.
Од анализата на измените на Правилникот во однос на оспорената одредба, Судот оцени дека тие се во функција на движење на обемот и видот на условите за вршење на дејноста во здравствените организации, заради операционализација на Законот за здравствена заштита соодветно на текот на законската регулатива за предметната материја.
Поаѓајќи од предметот на уредување кој е определен во членот 1 од Правилникот, со него се пропишуваат минималните услови за започнување со работа и за вршење на дејноста на здравствените организации во однос на просторот, опремата и кадрите како и за проширување на дејноста.
Оттука, имајќи го тоа во предвид, Правилникот се однесува на сите здравствени организации – установи кои работат и кои треба да отпочнат со работа односно на сите кои вршат дејност на здравствена заштита, за што и е насловен самиот Правилник.
Имено, условот предвиден со оспорената одредба од Правилникот како дел од системот на измени и дополнувања со кои се менувале и димензионирале условите (за простор, опрема и кадри) по донесувањето на Правилникот во 1992 година, не создава нееднаквост на граѓаните спротивно на членот 9 од Уставот и не ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото спротивно на одредбите од членот 55 од Уставот, за што се однесуваат наводите во иницијативата.
Ова, не само поради тоа што, условите уредени во Правилникот се однесуваат за сите што вршат дејност на здравствена заштита во поглед на кадарот и во поглед на специфичните елементи за просторот и опремата во вршењето на здравствената заштита, туку и поради тоа што Уставниот суд на Република Македонија веќе се произнел со став во погоренаведеното решение дека во целост со Правилникот се врши операционализација на одредби од Законот за здравствена заштита и не станува збор за прашања кои исклучиво треба со закон да се пропишуваат туку тоа се прашања од доменот на уредување со подзаконски акт, за што има законски основ. Во контекст на ова значи и условите уредени со Правилникот имаат за цел да воспостават ред во насока на стручното и квалитетно вршење на дејноста во здравствените организации – установи, а не претставуваат ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото. Притоа треба да се укаже дека уште во членот 1 од Правилникот се утврдува дека со овој Правилник се пропишуваат минималните услови за основање и работење, што значи здравствените организации – установи можат да ги подобруваат условите над овој минимум, кое не е спротивно на законот и Правилникот. Оттука, со оспорената одредба од Правилникот само е определен минимумот на кадар во слободното вршење на оваа дејност од јавен интерес, кој се однесува на тие што вршат дејност и на тие што ќе отпочнат со вршење на дејноста во ординациите за општа медицина.
Од аспект на наводот во иницијативата дека оспорената одредба била во несогласност со членот 15 од Законот за установите, според кој установа може да се основа ако се исполнети услови за основање на установа утврдени со овој или друг закон со кој се утврдува вршење на дејноста, Судот оцени дека не може да се доведе во прашање законитоста на оспорената одредба од Правилникот. Ова особено поради веќе изнесената анализа дека Законот за здравствена заштита во членот 92 дал овластување за донесување на предметниот Правилник и условите определени во Правилникот имаат законски основ да ги уредуваат прашањата кои се во функција на операционализација на правата и обврските определени со Законот, па од тој аспект Правилникот во целина бил предмет на уставносудска анализа.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.194/2006
14 март 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи