23/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 3, член 2 став 2 и член 12 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на член 12 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии.

4. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Тони Ѓуревски, претседател на Партијата Лига за демократија од Скопје и Ванчо Шехтански, претседател на Трајно македонско радикално обединување „ТМРО“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на член 1 став 1 и 3, член 2 став 2 и член 12 став 3 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата Тони Ѓуревски – со оспорениот член 1 став 1 од Законот според кој за основање на политичка партија се потребни 1000 граѓани кои имаат избирачко право наместо 500 граѓани како што било предвидено пред измените на Законот се повредувала слободата на граѓаните да основаат здруженија на граѓаните и политички партии.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека според член 1 став 3 од наведениот Закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007) постојната политичка партија била должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до Основниот суд поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број на потписници потребни за основање на политичка партија.

Меѓутоа на 24 јануари 2007 година била објавена „исправка“ на Законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии која по својот карактер воопшто не личела на исправка туку на ново дополнително поострување на одредбите за основање и пререгистрација на политичката партија. Имено според исправката рокот за пререгистрација не се врши на секои 4 години туку на секои 2 години, а поединечните потписи не се дават пред нотар заверени од него, туку пред службено лице на Министерството за правда.

Оттука, според подносителот Уставниот суд треба да утврди за што всушност гласале пратениците во Собранието, дали за првиот текст на член 1 став 3 и за вториот текст, односно дали преку наводно изведената форма на грешка направена од Законодавно правната комисија на Собранието при објавувањето на текстот на Законот се пооструваат условите за пререгистрација на политичка партија.

Според наводите на подносителот на иницијативата на Ванчо Шехтански со измените и дополнувањата на Законот за политичките партии се повредувале уставните начела утврдени во член 9, член 18 став 1 и 2 и член 20 став 1 и 2 од Уставот и што истите биле контрадикторни и нејасни и ги доведувале во заблуда политичките субјекти што треба да ги применат.

Имено според подносителот на иницијативата, со самиот факт што една политичка партија е „позиција“, а друга „опозиција“ кај граѓаните членови на истите, со новата законска обврска се предизвикувал страв од јавно легитимирање пред службено лице на државен орган и чувство на подреденост и репресија врз нивниот понатамошен статус, поради што тие биле спречени да го остварат правото на слободно здружување утврдено во член 20 став 1 и 2 од Уставот.

Воедно со одредбата со која јавно се изразува политичката припадност се повредува член 18 став 1 и 2 од Уставот со кој се гарантира заштита на личните податоци односно заштита на личниот интегритет. Членувањето во партијата е податок од личен карактер и неговата тајност зависи од волјата на личноста.

Со оспорената одредба според која политичката припадност се евидентира кај државен орган, тоа веќе не претставува тајна, па оттука може да се претпостави што би значело еден јавен службеник, бизнисмен или пак млад човек што очекува вработување да се декларира како член на опозициона партија.

Според подносителот, крајната контрадикторност и нејасност на одредбите од Законот се гледа и во фактот што според член 1 став 3 од Законот, потписите се заверуваат кај нотар, според местото на живеење, а според член 2 став 2 потписите за основање на политичката партија се даваат пред службени лица на Министерството за правда.

Воедно подносителот на иницијативата укажува на фактот дека законодавецот во преодните и завршни одредби односно во член 12 став 3 од Законот предвидел рок од 45 дена од денот на примената на Законот политичките партии се должни да се пререгистрираат, при што повторно останува нејасно пред кој орган се дава потписот.

Од содржината на поднесената иницијатива може да се заклучи дека подносителот иако укажува дека измените на Законот во целина не биле во согласност со Уставот, во суштина го оспорува член 1 став 3 и член 12 став 3.

6. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007) политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до основниот суд поединечно дадени потписи заверени пред нотар, со број на потписи потребни за основање на политичка партија.

Согласно член 13 од Законот, овој Закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето. Законот е објавен на 16 јануари 2007 година, а влегол во сила на 24 јануари 2007 година.

Судот, исто така, утврди дека на 24 јануари 2007 година, односно на денот на влегувањето во сила на Законот, во „Службен весник на Република Македонија“ бр.8/2007 е објавена исправка на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии од Законодавно правната комисија на Собранието на Република Македонија.

Во исправката се наведува дека по извршеното сравнување со изворниот текст е утврдено дека во текстот на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии се направени грешки поради што член 1 став (3) треба да гласи: Политичката партија е должна пред истекот на секои две години од денот на регистрацијата да достави до Основниот суд поединечно дадени потписи пред службено лице на Министерството за правда според местото на живеење на членот на политичката партија, со број на потписи потребни за основање на политичката партија согласно став (1) на овој член.

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуват во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето.

Според член 75 став 1 од Уставот, законите се прогласуваат со указ, а според став 2 на истиот член, указот за прогласување на законите, го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието.

Според член 76 став 1 од Уставот Собранието основа постојани и повремени работни тела.

Според член 115 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија е предвидено дека со одлука на Собранието се основаат постојани работни тела.

Со Одлука за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2002) покрај другото како постојано работно тело на Собранието на Република Македонија е основана Законодавно правната комисија.

Законодавно правната комисија покрај другото, е надлежна да дава исправки на грешки во објавениот текст на закони или на други акти, врз основа на изворниот текст на усвоениот закон или друг акт на Собранието.

Од наведените одредби произлегува дека Законодавно правната комисија на Собранието на Република Македонија како постојано работно тело чии членови се од редот на пратениците во Собранието може да дава исправки на грешки во објавениот текст на Законот, што е направено во конкретниот случај.

Меѓутоа, и покрај ваквата надлежност на ова тело, се поставува прашањето дали Законодавно правната комисија може текстот на законската норма да го замени со исправка која има карактер на измена на нејзината диспозиција, со што се надминува карактерот на исправката, без да се спроведе нова собраниска процедура за изменување на законот, без таквата измена на законската норма да биде прогласена со указ од страна на претседателот на Републиката и без да се предвиди уставно утврдениот рок за влегување во сила на таквата измена по нејзиното објавување.

Имено, фактот што извршената исправка од Законодавно правната комисија е објавена на денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, покажува дека за оваа одредба, како суштински нова, не е предвиден временски рок за влегување во сила по нејзиното објавување.

Воедно, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, произлегува дека во објавениот текст на Законот постои одредба од суштинско значење која не била изгласана во Собранието. Обидот оваа недоследност да се корегира со исправка од страна на Законодавно правната комисија и таа исправка да го замени објавениот текст и да влезе во сила со денот на објавувањето, го поставува прашањето дали законодавец е Собранието на Република Македонија или Законодавно правната комисија.

Исто така, пред Судот се постави прашањето дали ваквиот начин на внесувањето на правна норма во правниот поредок која не била во текстот на Законот кој со Указ го прогласил претседателот на Републиката, ја доведува во прашање положбата на претседателот на Република Македонија утврдена во член 75 од Уставот.

Крајниот ефект од состојбата настаната со објавувањето на исправката на член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии е во тоа што се покажува дека објективно ниту за законодавецот, а уште повеќе за граѓаните, не е јасно која норма е закон во конкретниот случај. Еден од елементите од принципот на владеење на правото е правната сигурност, која што се обезбедува првенствено со јасност и прецизност на правните норми со кои се утврдуваат права и обврски за субјектите во правото. Во овој случај, според мислењето на Судот, таква сигурност за тоа која е вистинската диспозиција на член 1 став 3 е тешко да се препознае.

Оттука, според мислењето на Судот, а имајќи го предвид начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, основано може да се постави прашањето за согласноста на член 1 став 3 од Законот со Уставот.

7. Судот, исто така, утврди дека според член 2 став 2 од Законот, потписите за основање на политичка партија се даваат пред службени лица на Министерството за правда според местото на живеење на основачот на политичката партија.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Според ставот 2 на овој член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Слободата на политичко здружување како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што без сомнение, во рамките на општото уставно овластување на Собранието да донесува закони, е содржано овластувањето со закон да ги уреди прашањата кои се релевантни за остварување на оваа слобода.

Имајќи предвид дека политичките партии претставуваат организирана група на идејни истомисленици кои на демократски начин се борат да ја освојат државната власт, или ако власта е освоена, се борат за нејзино задржување што е можно подолго време, со цел да се обезбеди владеење на идеите и интересите на нејзиното членство, Судот смета дека вметнувањето на обврската за давањето на потписи пред Министерството за правда, ги доведува граѓаните во положба да ја декларираат својата партиската определба пред институциите на извршната власт, што може да има ефект на одвраќање и обесхра-брување на граѓаните јавно да поддржуваат одредена политичка партија.
За Судот не е спорно дека законодавецот има право, ако смета за потребно, да обезбеди проверка на веродостојноста на податоците што ги даваат граѓаните како основачи на политичка партија, но тоа може да го обезбеди преку орган кој е независен од законодавната и извршната власт, на кој начин ќе се избегне какво и да е одвраќање на граѓаните слободно да поддржуваат политичка партија.

Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека утврдениот начин за проверување на веродостојноста на потписите не е во согласност со остварување на слободата на политичко здружување и дејствување, поради што основано се поставува прашањето за согласноста на одредбата од член 2 став 2 од Законот со член 20 од Уставот.

Судот ги имаше предвид и наводите во иницијативите дека со оспорените одредби се повредува принципот на заштита на личните податоци, меѓутоа оцени дека истите се ирелевантни и не се од влијание за исходот во конкретниов случај.

8. Судот, понатаму, утврди дека во преодните и завршните одредби од наведениот закон, односно во член 12 став 3 е предвидено дека политичките партии регистрирани до денот на примената на овој закон, се должни во рок од 45 дена од денот на примената на овој закон, да постапат согласно со член 1 став 3 од овој закон.

Тргнувајќи од одредбите од Уставот, а кои се однесуваат на основните слободи и права, а посебно на гаранциите за остварување на слободата на здружување за остварување на политичките права и уверувања како и политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок, се поставува прашањето дали предвидениот рок од 45 дена е разумен, односно доволно реален и објективен особено во случајот кога условот за пререгистрација во однос на бројот на членови кои се заверуваат како основачи на политичка партија е двојно зголемен од 500 на 1000 граѓани, а последицата е престанок на партијата.

Според мислењето на Судот, определениот рок е прекраток за да се организира масовна пропаганда која би ги заинтригирала широките слоеви на населението за ставовите и идеите содржани во програмата на партиите за да обезбеди доволен број на приврзаници кои ќе застанат зад тие идеи и ставови, а со тоа ќе овозможи понатамошна политичка активност и егзистенција, ако таков одзив постои.

Според мислењето на Судот, целта на кој и да е закон за политички партии во едно демократско општество секогаш е создавање на услови за остварување на слободата на политичко организирање и дејствување, а не за нејзино ограничување. Оттука, целта и на овој закон мора да е пропишување, но и обезбедување на услови за реорганизација на постојните политички партии, а не преку утврдување нереални услови во поглед на рокот за пререгистрација, нивно згаснување, што е недопуштено во едно демократско општество.

Врз основа на наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на 12 став 3 од Законот со Уставот.

9. Судот, исто така, утврди дека во член 1 став 1 од наведениот закон „политичка партија може да основаат најмалку 1000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичика партија“.

Имајќи ги предвид уставните одредби со кои се гарантира слободата на политичко здружување како фундаментално политичко право на граѓаните и овластувањето на Собранието со закон да ги уреди критериумите кои се релевантни за остварување на ова право, Судот смета дека законското утврдување на минималниот број на граѓани како услов за основање на политичка партија не преставува дел од одредбите кои имаат функција на утврдување на основи за ограничување на остварување на слободата на политичкото здружување и дејствување.

Имено, утврдување на минимален број на членови за основање политичка партија, во суштина е поврзано со легитимната цел да се промовираат такви облици на здружување и дејствување кои ќе бидат носители на идеи зад кои стои респектибилно тело со определено влијание на исходот на изборите за претставничките тела.

Според тоа, Судот оцени дека утврдениот минимален број од 1000 граѓани како услов за основање на политичка партија во однос на бројот на граѓаните кои имаат општо избирачко право во Републиката, не е прекумерен и е прифатлив и не може да се смета дека претставува пречка за основање и пререгистрација на политички партии, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на член 1 став 1 од Законот со уставните одредби.

10. Со оглед на фактот што Уставниот суд изрази сомнение во однос на одредбата од член 12 став 3 од Законот во кој е утврден рок од 45 дена во кој политичките партии треба да се пререгистрираат, а после истекот на тој рок се бришат од судскиот регистар, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд и одлучи како во точката 3 од ова решение.

11. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.23/2007
14 март 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи