2/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 76 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004).

2. Ристо Иванов од Стојаково, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 76 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба било предвидено дека постојните директори се должни во рок од една година од почетокот на примената на членот 60 од овој закон да положат испит за директор. Доколку постојните директори не го положат испитот за директор во рокот кој е утврден, им престанува мандатот на директор.

Со оглед на тоа што со членот 52 став 3 од Уставот на Република Македонија било утврдено дека законите и другите прописи неможат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, а спротивно на оваа уставна определба наведените одредби од оспорениот член 76 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование имале ретроактивно неповолно дејство и за оние случаи кои биле со веќе уредени односи во минатото пред донесување на Законот, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 76 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, во ставот 1 е предвидено дека постојните директори се должни во рок од една година од почетокот на примената на членот 60 од овој закон да положат испит за директор, а според ставот 2 од овој член од Законот е предвидено доколку постојните директори не го положат испитот за директор во рокот утврден во ставот 1 на овој член, им престанува мандатот на директор.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.222/2005 од 12 април 2006 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 59 став 2 и на член 76 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004). При тоа, Судот утврдил дека уставноста на оспорените одредби не може да се доведе во прашање бидејќи право на законодавецот е со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува секој кандидат за избор на директор на основно училиште и врз основа на тоа биле определени правата и обврските кои подеднакво се однесувале на сите граѓани без да издвојува како привилегирани едни во однос на други со законското решение за полагање на испит за директор на основно училиште.

Во уставносудската анализа на оспорените одредби и посебно на членот 76 од Законот, аспектот на повратното дејство на нормата, кое со иницијативата во овој предмет се наведува како причина за оспорување и за несогласност со членот 52 став 4 од Уставот, е опсервирано прашање од Судот, и немало елементи на несогласност со наведената одредба од Уставот.

Оттука, со оглед на тоа што Судот ја ценел уставноста на оспорениот член 76 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование и имал во предвид дека се однесува за идни односи во кои условот за полагање на испит за директор се однесува на сите подеднакво, па поради тоа не е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот, Судот оцени дека согласно цитираните уставни и деловнички одредби постојат услови за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.2/2007
14 март 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи