162/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 48 став 1 во делот „и кој не е постар од 60 години“ и член 80 став 1 точка 5 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006)

2. Стамен Филипов, од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, оспорените законски одредби со кои се утврдувало дека возраста е еден од условите за извршување на функцијата судија поротник, во смисла дека услов за избор на судија поротник бил лицето да не биде постаро од 60 години, како и престанокот на функцијата судија поротник се врзувала со навршување 60 години старост, не биле во согласност со Уставот на Република Македонија. Имено, во ниту една одредба од Уставот не било предвидено дека граѓаните со закон можат да се ограничуваат во вршењето на функцијата судија-поротник во однос на нивните години на живот. Напротив, во член 23 од Уставот било загарантирано дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, без никакви ограничувања.

Според тоа, со оспорените законски одредби се повредувал член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 11, член 9, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, поради што се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на нивната уставност.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 48 став 1 од Законот за судовите, за судија-поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години.

Согласно член 80 став 1 точка 5 од Законот за судовите, на судијата-поротник му престанува функцијата со навршување на 60 години старост.

4. Според член 8 став 1 али­неја 1, 3, 4 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, вла­де­ењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно Амандманот XXV на Уставот со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 103 од Уставот, судот суди во совет. Со закон се утврдува кога суди судија поединец. Во судењето учествуваат и судии поротници кога тоа е утврдено со закон. Судиите поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесување на судските одлуки.

Согласно ставот 1 на Амандманот XXVIII на Уставот со кој се заменува членот 104 од Уставот, судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Според ставот 1 алинеја 1 од Амандманот XXIX на Уставот со кој се заменува членот 105 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија, ги избира и разрешува судиите и судиите поротници. Согласно ставот 2 на овој амандман, при изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Со Законот за судовите, се уредуваат основните начела врз основа на кои судовите ги остваруваат целите и функциите на судството; организацијата и надлежноста на судовите; изборот на судиите, претседателите на судовите и судиите-поротници; нивните права, обврски и имунитет; престанокот и разрешувањето од судиската функција; работите од областа на правосудната управа, судската управа, судскиот информатички систем; се уредува судската стручна служба; средствата за работа на судовите; поставеноста на судската полиција и други прашања поврзани со функционирањето на судовите и судскиот систем. Примената на овој закон беше одложена од 1 јануари 2007 година.

Согласно член 38 став 1 на овој закон, судиската функција ја вршат судии. Судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот. Според став 3 на истиот член, во судењето учествуваат и судии-поротници кога тоа е утврдено со закон.

Според член 42 од овој закон, судиите-поротници ги избира и разрешува Судскиот совет на Република Македонија, под услови и во постапка определени со закон.

Согласно член 43 на истиот закон, при изборот на судии и судии-поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. При изборот на судии и судии-поротници без да се нарушат критериумите пропишани со закон, ќе се обезбеди соодветна и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници. За судија или судија-поротник не може да биде избрано лице кое со судијата или судијата-поротник во истиот суд е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.

Според член 44 став 2 и 3 на овој закон, Судскиот совет на Република Македонија по предлог на седниците на основните и апелационите судови со одлука го определува бројот на судиите-поротници во секој суд. Одлуката се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Условите за избор на судија – поротник се утврдени со член 48 на овој закон, според кој за судија-поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години. Судијата-поротник за судење на малолетници се избира од редот на лица со искуство во воспитанието и образованието на младите.

Мандатот на судија -поротник, согласно член 49 од овој закон, трае четири години и истиот може повторно да биде избран.

Пред стапувањето на должност, судијата -поротник, согласно член 50 од овој закон, дава свечена изјава пред претседателот на судот во кој е избран.

Според член 64 став 1 од истиот закон, судиите-поротници имаат право на надоместок за вршење на работите на судија-поротник.

Согласно член 66 од овој закон, судијата-поротник не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Против судија или судија – поротник, согласно член 69 на истиот закон, не може да се води постапка за надоместок на штета или друга постапка од страна на странка која е незадоволна од одлуката на судијата. За штета што судијата или судијата – поротник во вршењето на функцијата ќе им ја причини на граѓани или на правни лица со незаконита работа, одговорна е Република Македонија, согласно член 70 став 1 на овој закон.

Случаите кога на судија – поротник му престанува функцијата, се утврдени со член 80 од Законот. Тоа се случаите кога судијата поротник: 1) тоа сам го побара; 2) ако трајно ја загуби способноста за вршење на должноста судија-поротник; 3) ако е осуден за кривично дело на казна затвор од најмалку шест месеци; 4) ако неуредно и несовесно ја врши должноста на судија-поротник и 5) со навршување на 60 години старост. Постапката за престанок на функцијата на судијата поротник ја води Судскиот совет на Република Македонија по предлог на претседателот на судот.

Согласно член 81 од истиот закон, кога против судија-поротник се спроведува истрага или е поведена постапка за престанок на функцијата, претседателот на судот нема да го повика да ја врши функцијата судија-поротник.

5. Од основните начела на Уставот и од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија судската власт ја конституирал како одвоена и независна од законодавната и извршната власт. Судската власт ја вршат судовите.

Тргнувајќи од уставната положба на судовите како посебни, самостојни органи кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, несомнено произлегува дека вршењето на судиската функција е условено со поседување на посебни стручни способности од страна на судиите кои учествуваат во судењето, во која смисла, со Законот за судовите, законодавецот ги утврдил условите потребни за вршење на судиската функција.

Имајќи ја предвид уставната определба дека во судењето учествуваат и судии-поротници кога тоа е утврдено со закон, како и фактот дека функцијата судија – поротник има карактер на јавна функција, Судот оцени дека законодавецот, исто така, има овластување да ги пропише посебните услови кои треба да ги исполни граѓанинот за вршење на оваа функција.

Пропишувањето на ваквите посебни услови е во согласност со одредбата од член 23 од Уставот, од причина што Уставот не ги пропишува условите за здобивање на јавна функција, од каде произлегува дека ваквата функција може да се добие само под услови пропишани со закон, на кој начин се операционализира уставната опеделба дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Во случајов, законодавецот како посебни услови за вршење на функцијата судија-поротник, ги утврдил: лицето да е државјанин на Република Македонија, да е полнолетен, да има завршено најмалку средно образование, активно да го владее македонскиот јазик како службен јазик на кој се води постапката пред судот, да ужива углед за вршење на оваа јавна функција и да не биде постар од 60 години. Навршувањето на 60 години старост е утврдено како основ за престанок на функцијата.

Во однос на пропишувањето на потребен минимум на образование како услов за извршување на оваа јавна функција, Уставниот суд на Република Македонија веќе утврдил став дека пропишувањето на ваков посебен услов за вршење на оваа функција произлегува од спецификата на функцијата, поради што оценил дека таквиот посебен услов не ја загрозува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите гарантирана со членот 9 од Уставот.

Во однос на возраста како посебен услов за вршење на јавната функција судија-поротник, законодавецот ја утврдил долната и горната старосна граница на лицата кои можат да ја вршат оваа функција. Имено, услов е лицата да бидат полнолетни, но не постари од 60 години.

Полнолетноста, согласно Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ број 80/1992, 9/1996 и 38/2004), се стекнува со наполнување на 18 години живот, кога полнолетното лице се здобива со деловна способност.

Во однос на прашањето за определување на горната старосна граница како услов за вршење на функцијата судија – поротник, според Судот, треба да се има предвид дека согласно Амандманот XXVI на Уставот со кој се заменува ставот 3 на членот 99 од Уставот, на судијата му престанува судиската функција ако ги исполни условите за старосна пензија.

Согласно член 17 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, произлегува дека на судијата му престанува судиската функција со наполнување на 64 (за маж), односно 62 години живот (за жена), додека пак на судијата поротник му престанува функцијата со навршување на 60 години живот.

Ваквата разлика во регулативата, според Судот, е резултат на различниот статус, права и обврски на судијата и судијата поротник при вршењето на судиската функција. Имено, судијата ја врши судиската функција професионално, со заснован работен однос, што подразбира дека истиот има права и обврски од работен однос, какво што е правото на остварување на старосна пензија.

Функцијата судијата поротник, пак, не се остварува со заснован работен однос, што значи дека вршењето на оваа функција не влијае врз остварувањето на правото на старосна пензија на лицето кое ја врши оваа јавна функција. Имено, тоа лице може да оствари право на старосна пензија под услови утврдени за сите граѓани во системот на пензиското и инвалидското осигурување, односно со навршување на минимален пензиски стаж кој подразбира заснован работен однос и навршена старост од 64 за маж, односно 62 години за жена. За вршењето на функцијата судија поротник, лицето остварува право на надомест и времето поминато на извршување на оваа функција не се засметува во работен стаж потребен за остварување на старосна пензија

Утврдувањето дека исполнувањето на условите за старосна пензија, односно навршувањето на 64, односно 62 години живот на судијата претставува основ за престанување на судиската функција утврден со Уставот, подразбира дека старосната доба како легитимен критериум од кој зависи човечката работна активност, е принцип кој генерално е прифатен во нашиот правен систем и кој има одраз и во остварувањето на судиската функција.

Со оглед дека старосната доба на луѓето претставува природен и објективен факт од кој зависат работните способности и за кој се врзува траењето на работниот век, Судот оцени дека е право на законодавецот, при пропишувањето на условите за вршење на функцијата судија-поротник, а имајќи ги предвид спецификите и значењето на функцијата, да ја цени старосната доба како природен и објективен факт од кој зависи успешноста на вршењето на функцијата, па покрај државјанството, образованието, владеењето на македонскиот јазик и угледот за вршење на функцијата, да ја определи и возраста како критериум за вршење на оваа функција.

Оцената, пак, на целисходноста на решението во Законот дали возраста од 60 години, а не некоја друга возраст е оптимален лимит за вршење на функцијата судија поротник, не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Со пропишувањето на возраста како услов за вршење на функцијата судија-поротник, Судот оцени дека граѓаните не се доведени во нееднаква положба пред Уставот и законите, како што се наведува во иницијативата. Ова затоа што функцијата судија-поротник има карактер на јавна функција која се врши без засновање на работен однос и законодавецот е овластен да ги пропише посебните услови за вршење на оваа функција, вклучувајќи ја и определената возраст на лицата, а се со цел обезбедување оптимални можности за постигнување поголем квалитет во вршењето на функцијата.

Вака пропишаниот услов подеднаково се однесува на сите граѓани и не ја повредува еднаквоста на граѓаните во остварувањето на нивните слободи и права зависно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, гарантирани со член 9 од Уставот на Република Македонија. Поради тоа, со ваквата регулатива, според Судот не се повредуваат ниту основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, ниту начелото на владеење на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени со член 8 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, на што се повикува подносителот на иницијативата.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеја 1, 3, 4 и 11, член 9, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.162/2006
14 март 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи