Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 март 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 41 и член 51 од Статутот на Јавно претпријатие „Македонска радиотелевизија“-Скопје, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.89/2006).
2. Синдикатот за графичка, информативна, филмска, издавачка дејност и производство на хартија на Република Македонија – Скопје на Уставниот суд на Република Макиедонија му поднесе инцијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата членовите 41 и 51 од Статутот биле во спротивност со членовите 133 и 138 од Законот за радиодифузијата и со Амандман XXI на Уставот, затоа што во нив не се предвидувало право на жалба против одлуката на Советот на МРТ за избор на членови на Управниот одбор и за избор на извршен директор и заменик извршен директор на Јавното претпријатие „Македонска радиотелевизија“.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 41 од Статутот, изборот се врши со гласање за секој поединечно пријавен кандидат на конкурсот.
Секој член на Советот може да даде само онолку гласови колку што кандидати се избираат по објавениот конкурс.
За избрани се сметаат кандидатите кои добиле најголем број гласови од вкупниот број членови на Советот, во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
За неизбраниот број членови на Управниот одбор јавниот конкурс се повторува.
Според оспорениот член 51 од Статутот секој член на Управниот одбор гласа само за еден од кандидатите за извршен директор и за еден од кандидатите за заменик извршен директор.
За избран се смета кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Управниот одбор.
До колку по извршеното гласање ниту еден од кандидатите не го добил мнозинството гласови од став 2 на овој член, гласањето се повторува при што се гласа за двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови.
Судот, исто така, утврди дека Статутот на Јавното претпријатие „Македонска радиотелевизија“е донесен врз основа на член 133 став 1 алинеја 4 од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005), во кој член се утврдени надлежностите на Советот на МРТ, меѓу кои, е и надлежноста за донесување на Статутот.
Согласно член 142 од наведениот закон со Статутот на МРТ се уредува организацијата, управувањето и раководењето во МРТ, потоа актите и постапката за нивно донесување, како и други прашања од значење за работењето со МРТ.
Од увидот во содржината на Статутот, Судот утврди дека со него се уредуваат токму прашањата на кои се упатува во членот 142 од Законот за радиодифузната дејност или поконкретно, според член 1 од Статутот, со овој статут се уредуваат прашањата од значење за работењето на јавното претпријатие Македонска радиотелевизија (во натамошниот текст МРТ), а особено: – фирмата и седиштето на МРТ, дејноста на МРТ, застапувањето и претставувањето на МРТ; организацијата на МРТ; планирање на работата и развојот; управувањето и раководењето на МРТ; составот, начинот на изборот и отповикувањето и надлежноста на органите на МРТ; финансирањето на МРТ; актите на МРТ и постапката за нивно донесување и други прашања значајни за работењето на МРТ.
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по инницијативата.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи го предвид законскиот основ за донесување на Статутот на МРТ, како и неговата содржина, односно прашањата што се уредуваат во него, Судот утврди дека Статутот не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, туку е интерен акт со кој во согласност со закон се уредуваат прашања од значење за организацијата и работењето на ова Јавно претпријатие, поради што Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорените одредби од Статутот со Уставот и со закон.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.196/2006
7 март 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи