235/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Правилникот за поништување на Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места на Националниот конзерваторски центар – Скопје, бр. 01-259/6 од 5.12.2006 година, и

– Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места на Националниот конзерваторски центар – Скопје, бр. 01-562/1 од 12.12.2006 година.

2. Ѓорѓи Дапчев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, немал законска надлежност да ја цени законитоста на донесен Правилник за организација на работата и систематизација на работните места на Националниот конзерваторски центар – Скопје, бр. 01-259/2 од 29.05.2006 година, поради што немал законско право да го поништи овој правилник. Со поништувањето на Правилникот, според подносителот на иницијативата, се повредувал членот 110 од Уставот на Република Македонија.

Исто така, подносителот на иницијативата смета дека директорот на Националниот конзерваторски центар – Скопје, со членовите 28, 29, 30 и 31 од Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места на Националниот конзерваторски центар – Скопје, бр. 01-562/1 од 12.12.2006 година, ја утврдил соодветноста на стручната спрема, односно видот на образованието и описот на заедничките и посебните стручни звања од член 162 на Законот за заштита на културното наследство, спротивно на член 166 од овој закон. Посебно, во членот 31 точка 11 од Правилникот што се оспорува, спротивно на членовите 144 и 146 од Законот за заштита на културното наследство, утврдил дејност во врска со правната заштита на споменичкото, односно културното наследство која не била во надлежност на Националниот конзерваторски центар.

3. Судот на седницата утврди дека вршителот на должноста директор на Националниот конзерваторски центар, врз основа на член 28 став 2 точка 5 од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2003 – пречистен текст) и член 14 став 1 точка 5 од Статутот на Националниот конзерваторски центар, донел Правилник број 01-259/6 од 05 декември 2006 година, со кој се поништува Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места на Националниот конзерваторски центар – Скопје, бр. 01-259/2 од 29 мај 2006 година.

Управниот одбор на Националниот конзерваторски центар, на седницата одржана на 6 декември 2006 година, врз основа на член 36 став 1 точка 5 од Законот за културата, донел Одлука за давање согласност на Правилникот за поништување на Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места на Националниот конзерваторски центар – Скопје, бр. 01-259/6 од 5 декември 2006 година, донесен од вршителот на должноста директор на Центарот.

Истиот вршител на должноста директор на Националниот конзерваторски центар, повторно врз основа на член 28 став 2 точка 5 од Законот за културата и член 14 став 1 точка 5 од Статутот на Националниот конзерваторски центар, донел нов Правилник за организација на работата и систематизација на работните места на Националниот конзерваторски центар – Скопје, бр. 01-562/1 од 12 декември 2006 година.

Овој правилник содржи 36 члена, распоредени во следниве тематски целини: основни одредби; организациони облици и нивен делокруг; раководење со организационите облици; начин на работа; степени на сложеност на стручните работи и соодветност на стручната спрема и звањата; систематизација на работните места и преодни и завршни одредби.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспорените правилници, произлегува дека со истите се уредуваат прашања за организацијата на работата на Националниот конзерваторски центар, како матична национална установа за заштита на недвижното културно наследство, како и прашања поврзани со систематизацијата на работните места во оваа установа што е во функција на извршување на работите од надлежноста на установата, што на овие правилници им дава карактер на интерни акти на Националниот конзерваторски центар. Со оглед дека овие акти не содржат општи норми на однесување, не уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека истите немаат карактер на пропис подобен за уставносудска оцена.
Со оглед на фактот што оспорените правилници немаат карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставуваат интерни акти, Судот оцени дека не е надлежен за оценување на нивната согласност со Уставот и со Законот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.235/2006
24 јануари 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи