Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 јануари 2007 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА членот 36-а став 1 во делот
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Бесник Селмани од Скопје, со Решение У.бр.160/2006 од 8 ноември 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 36-а став 1 во делот: „и проценетата пазарна вредност на имот“ од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 36-а став 1 од Законот, ако во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат, односно зголемен како резултат на редовни примања, што се пријавени и оданочени, Управата ќе донесе решение за оданочување земајќи ја како основица за оданочување разликата меѓу утврдените редовни, пријавени и оданочени примања на лицето и членовите на неговото семејство и проценетата пазарна вредност на имотот. Така утврдената основица се оданочува со стапка од 70% од разликата меѓу оданочените и пријавените примања, односно пазарната вредност на имотот.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 68 од Уставот на Република Македонија, едно од најзначајните надлежности на Собранието е донесување на закони во сите области на општествениот живот и уредување на тие односи.
Поаѓајќи од вака утврдената надлежност на Собранието како законодавно тело, а во насока на остварување на темелните вредности на уставниот поредок меѓу кои е владеењето на правото и почитување на основните начела како што е начелото на еднаквост кои вредности и начела можат да бидат доведени во прашање со појавата на корупцијата како општествено зло донесен е Законот за спречување на корупцијата.
Со Законот за спречување на корупцијата се уредуваат мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес на правните лица сврзана со остварувањето на јавните овластувања, како и мерките и активностите за спречување на корупцијата во трговските друштва (член 1 став 1).
Според ставот 2 на членот 1 од Законот, за примена на мерките и активностите од став 1 на овој член се основа Државна комисија за спречување на корупцијата.
Согласно членот 1-а од Законот, под корупција, во смисла на овој закон се подразбира искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква и да било корист за себе или за друг.
Според членот 2 став 1 од Законот, секој е должен во вршењето на функцијата, јавните овластувања, службената должност и положба, да постапува во согласност со Уставот и законите.
Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека никој не смее да ја користи функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за извршување или пропуштање на дејствија што според закон не смее, односно мора да го изврши, ниту да го подреди извршувањето на законито дејствие на својот личен интерес, ниту на интересот на друго лице.
Според ставот 3 од овој член од Законот, никој не може да биде повикан на одговорност за корупција освен во случаите и условите предвидени со овој закон, со Кривичниот законик и друг закон и во постапка пропишана со закон.
Во членот 7 од Законот е утврдено значењето на изаразите употребени во овој Закон.
Така, според ставот 1 на овој член од Законот, за определување на значењето на изразите избран или именуван функционер, како и друго службено лице, правно лице, одговорно лице во правно лице и лице кое врши работи од јавен интерес, се применуваат одредбите за значење на изразите од Кривичниот законик.
Според ставот 2 на членот 7 од Законот, под поимот корист се подразбира остварување на секој вид корист, погодност или предност за себе или за друг.
Според ставот 3 на членот 7 од Законот, под терминот семејство се подразбира брачниот другар, децата, родителите, браќата и сестрите, посвоителот или посвоеникот со кој лицето од став 1 на овој член живее во семејна заедница.
Според членот 34 став 1 од Законот избран или именуван функционер, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал е должно да го пријави секое зголемување на неговиот имот, односно на имотот на член на неговото семејство, како што е изградба на куќа или други објекти, купување на недвижности, хартии од вредност, автомобил или други подвижни предмети во вредност што надминува износ од дваесет просечни плати остварени во претходниот тримесечен период.
Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека кон пријавата што се доставува до Државната комисија и Управата за јавни приходи се приложува и договор или друг документ што е основа за располагање со имотот, како и документ за начинот на извршеното плаќање.
Согласно член 35, пак, од Законот, анкетниот лист, изјавата и пријавата од членовите 33 и 34 се сметаат за службени исправи и се чуваат како службена тајна, освен ако Државната комисија не одлучи поинаку.
Според оспорениот член 36-а став 1 од Законот, ако во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат, односно зголемен како резултат на редовни примања, што се пријавени и оданочени, Управата ќе донесе решение за оданочување земајќи ја како основица за оданочување разликата меѓу утврдените редовни, пријавени и оданочени примања на лицето и членовите на неговото семејство и проценетата пазарна вредност на имотот. Така утврдената основица се оданочува со стапка од 70% од разликата меѓу оданочените и пријавените примања, односно пазарната вредност на имотот.
Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека доколку се утврди дека имотот е зголемен во големи размери, Управата за јавни приходи поднесува кривична пријава против лицето до надлежното јавно обвинителство, а според ставот 3 на овој член, за преземените дејствија од ставовите 1 и 2 на овој член Управата за јавни приходи ја известува Државната комисија.
Со наведениот закон се создаваат услови од исклучување или ограничување на можноста од злоупотреба на службената положба на лицата за лични цели, односно општествениот статус што го има одредено лице во определен период да не претставува основа која ќе му овозможи уживање на разни погодности за себе или за други.
Поточно, со наведениот закон во основа се утврдени мерки и активности со кои треба да се спречи искористувањето на функцијата, односно вршењето на власта и доверените јавни овластувања. За реализирање на овие цели во членовите 33 и 34 од Законот е предвидена обврска за пријавување на имотната состојба на избран и именуван функционер, службени и одговорни лица како и обврска за пријавување на промени во имотната состојба на овие лица во текот на траење на мандатот и на членовите на нивните семејства.
Пријавувањето на имотната состојба се врши во рок од 30 дена од денот на изборот, именувањето односно по престанок на функцијата со пополнување на анкетните листови кои се доставуваат до Државната комисија за спречување на корупцијата и Управата за јавни приходи.
Доколку во текот на траењето на јавната функција настанало зголемување на неговиот имот или имотот на членовите на неговото семејство со кои живее во семејна заедница избраниот или именуваниот функционер, односно лицата утврдени со закон должни се да ги пријават промените.
Од наведените законски одредби произлегува и дека една од основните обврски на избран или именуван функционер, службено или одговорно лице што располага со државен капитал е обврската да го пријават својот имот и имотот на членовите на нивното семејство со кои живеат во семејна заедница со цел да се утврди имотната состојба на овие лица на денот на стапување на должноста и се овозможува нејзино следење до моментот на престанок на должноста.
Врз основа на така утврдената состојба односно, пресек на имотната состојба можат натаму да се извлекуваат релевантни сознанија по однос на тоа дали во текот на траењето, односно вршењето на должноста, имотот на одредено лице несразмерно е зголемен.
Доколку избраниот или именуваниот функционер и други лица таксативно утврдени во Законот не постапат согласно законот, односно не ги почитуваат точно утврдените законски обврски Управата за јавни приходи може да поведе постапка за испитување на имотната состојба на овие лица со цел да се утврди дали постојат основи да се донесе решение за оданочување на имотот кој не е пријавен или несразмерно зголемен во однос на редовните примања во вид на плати, дивиденди и други приходи.
Доколку, пак, Управата за јавни приходи утврди дека имотот е зголемен во големи размери, поднесува кривична пријава до надлежното обвинителство за што ја известува Државната комисија за спречување на корупцијата.
Начинот на оданочување на доходот од граѓаните се уредува со Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 70/1994, 44/2002, 96/2004 и 120/2005).
Во членот 3 од овој закон е утврдено дека доходот што подлежи на оданочување го сочинуваат следниве видови приходи остварени во земјата и во странство: 1) лични примања; 2) приходи од земјоделска дејност; 3) приходи од самостојна дејност; 4) приходи од имот и имотни права; 5) приходи од авторски права и права од индустриска сопственост; 6) приходи од капитал; 7) капитални добивки; 8) добивки од игри на среќа и други наградни игри; и 9) други приходи.
Во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека на оданочување подлежат сите приходи од став 1 на овој член што се остварнеи во пари, хартии од вредност, во натура или во некој друг вид.
Од суштината на наведените одредби од Законот произлегува дека органот за јавни приходи (Управата за јавни приходи) во постапката за испитување на имотот ако утврди дека едно лице располага со имот или средства поголеми од оданочените, или тие потекнуваат од приход на кои не е утврден данок или не е доволно утврден, во тој случај, донесува решение за утврдување на данок земајќи ја како основица разликата помеѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за нејзино стекнување.
Тргнувајќи од суштината на членот 94-г од Законот за персоналниот данок на доход, истовремено споредувајќи ја оспорената одредба на дел од членот 36-а од Законот за спречување на корупцијата, произлегува дека во Законот за персоналниот данок на имот како основица за пресметување на данокот се зема разликата меѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за нејзино стекнување, додека во оспорената одредба од Законот за спречување на корупцијата како основица за оданочување се зема разликата помеѓу утврдените редовни пријавени и даночени примања на лицето и членовите на неговото семејство и проценетата пазарна вредност на имотот.
Од наведеното произлегува дека решенијата по однос на оданочувањето на непријавениот или несразмерно зголемен имот предвидени во Законот за спречување на корупцијата, основата ја имаат во Законот за персоналниот данок со исклучок на одредбите од членот 94-г од Законот за персоналниот данок на доход и оспорениот член 36-а од Законот за спречување на корупцијата.
Анализирајќи го оспорениот дел од членот 36-а од Законот, Судот утврди дека оваа законска одредба во оспорениот дел „и проценетата пазарна вредност на имотот“ создава несигурност кај граѓаните што е спротивно на начелото на владеењето на правото, како и начелата на еднаквоста на граѓаните.
Оттука, произлегува дека вредноста на имотот не се утврдува според вредноста на времето на неговото стекнување, туку според вредноста на имотот кој што го има во моментот кога се испитува имотната состојба на лицата од членот 34 од Законот и тоа според правилата на пазарната вредност, имено проценката на имотот зависи од времето кога се испитува имотната состојба на лицата од членот 34 од Законот.
Поаѓајќи од изнесеното, одреден имот ќе има различна вредност зависно од времето кога се утврдува вредноста на неговото стекнување, односно вредноста на имотот од времето на стекнувањето ќе се разликува од пазарната вредност во моментот на проценувањето на тој имот.
Кога станува збор за случај кој е наведен во иницијативата за изградба на објект во различни делови на градот, согласно оспорената одредба од Законот неговата вредност би била различна што ќе зависи од тоа во кој дел од градот се наоѓа објектот и неговата вредност ќе се утврди според правилата на пазарот, а не според на пример градежната, односно реалната вредност на објектот, во време на неговото создавање.
Со оглед на наведеното, Судот утврди дека формулацијата на оспорената одредба во делот: „и проценетата пазарна вредност“ не е во согласност со начелото на правната сигурност на граѓаните, и затоа што граѓаните ги доведува во меѓусебна нерамноправност, односно нерамноправност на лицата наведени во членот 34 од Законот, кои се доведуваат во ситуација да платат данок, во смисла на оспорениот член 36-а од Законот, што делот на оспорената одредба ја прави несогласна со начелото на владеењето на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и членот 9 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.160/2006
10 јануари 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи