Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВААТ членовите 3, 4 и 5 од Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот бр.07-3588, донесена од Советот на општина Аеродром на 31 јули 2006 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.10/2006).
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението за запирање од извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на член 3, 4 и 5 од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Кирил Тодоровски градоначалник на општина Аеродром со Решение У.бр.147/2006 поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3, 4 и 5 од актот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивнста согласност со Уставот, Законот за локална самоуправа, Законот за државните службеници и Законот за извршување на Буџетот за 2006 година.
5. Доносителот на оспорениот акт го извести Судот дека Советот на општина Аеродром на седницата одржана на 6 декември 2006 година ја укинал Одлуката за која Уставниот суд на Република Македонија повел постапка.
Меѓутоа и покрај фактот што оспорената одлука е укината од доносителот на актот, Судот оцени дека тоа не е од влијание Судот да ја продолжи постапката и да донесе одлука со која истата ќе ја поништи.
6. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром на седницата одржана на 19 јули 2006 година, донел Одлука за утврдување на месечни трошоци и надоместоци на членовите на советот на општина Аеродром за седница на советот.
Градоначалникот на општина Аеродром имајќи ги предвид одредбите од Законот за локалната самоуправа, Законот за државните службеници како и Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година донел Решение за запирање на објавување на наведената одлука („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.9/2006).
Советот на општина Аеродром на 31 јули 2006 година донел Одлука за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместо на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот.
Во оспорениот член 3 од Одлуката е предвидено дека на членовите на Советот им се исплатувал надоместк во износ од 900,00 денари месечно.
Во оспорениот член 4 од Одлуката е предвидено дека на членовите на Советот им се исплатувале дневни трошоци во износ од 900,00 денари за присуство на седница.
Во оспорениот член 5 од Одлуката е предвидено дека одлуката стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1 јули 2006 година и ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.
7. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдни со закон.
Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Според член 52 став 2 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004 и 81/2005) државните службеници имаат право, покрај другото и на надоместоци за патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и во странство, како и трошоци за превоз до и од работа (над 2,5 км.).
Висината на надоместоците од став 2 на овој член за секоја година се утврдуваат со Законот за ивршување на Буџетот на Република Македонија, со Одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на Градот Скопје.
Владата на Република Макеоднија поблиску ја утврдува постапката и начинот на распоредување на надоместоците.
Според член 12 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2005) надоместокот за превоз до и од работно место, по претходно дадена писмена изјава се исплатува на вработените и избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници од централната власт и единиците корисници чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место, но не повеќе од 900,00 денари.
Според член 15 од наведениот закон надоместокот за дневница за службено патување во Републиката без трошоци за ноќевање изнесува 800,00 денари.
Доколку патувањето траело повеќе од 12 часа се исплатува цела дневница.
За патување во траење од 8 до 12 часа се исплатува 50% од утврдениот износ во став 1 на овој член.
Доколку на вработениот му се обезбедени ноќевање и исхрана му следува 20% од утврдениот износ во ставот 1 на овој член.
Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот за членовите на советот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.
Притоа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Во Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година утврдена е висината на патните и дневните трошоци на државните службеници, како и трошоци за превоз до и од работа, под услов ако местото на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од членовите 3 и 4 од Одлуката со кои Советот на единицата на локалната самоуправа ја утврдил висината на дневните трошоци на членовите на советот за присутво на седница, како и висината на надоместокот кој се исплатува месечно без да се утврди за што се однесува тој надоместок (дали се работи за патен трошок или нешто друго) Судот оцени дека тие не се во согласност со Уставот и со наведените закони.
Воедно, Судот оцени дека оспорениот член 5 не е во согласност со член 52 од Уставот имајќи предвид дека одлуката влегла во сила со денот на донесувањето (31 јули 2006 година), а не по објавувањето, а ќе се применувала од 1 јули 2006 година, со што се утврдува повратно дејство на нејзината примена.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.147/2006
27 декември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи