Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 185 став 1 точка 1 во делот „или на општ акт на Министерството за здравство“ од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005 и 111/2005).
2. Стамен Филипов, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба со која се пропишувало дека ќе се казни за прекршок здравствена и друга организација ако спротивно на одредбите на општ акт на Министерството за здравство ги скуси или ограничи правата што му припаѓаат на осигуреникот, немала уставна основа, затоа што согласно член 51 став 2 од Уставот на Република Македонија, секој бил должен да ги почитува Уставот и законите, а не и општите акти на органите на државната власт.
Според член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со актите кои ги донесува министерот не можеле за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Исто така, согласно член 5 од Законот за прекршоците, прекршокот бил противправно дело што со закон било определено како прекршок и чии обележја биле утврдени со закон. За разлика од претходниот Закон за прекршоци, кој прекршокот го дефинирал како повреда на јавниот поредок утврден со закон или друг пропис за кој е пропишана казна и заштитна мерка, овде дефиницијата била идентична со новата дефиниција за кривично дело. Радикално решение било и тоа што прекршокот не смеел да биде определен со друг пропис, освен со закон.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.
3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 29 март 2000 година го донесе Законот за здравственото осигурување кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000.
Во член 94 став 1 од Законот за здравственото осигурување се утврдува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат одредбите на член 1 зборовите: „односите и правата од здравственото осигурување, постапката на користењето на здравствената заштита“, членовите 3, 4, 5, 11 до 31, 33, 34 до 45, 58 до 75, 76-б, 76-в, 77, 78, 82 до 89, 182 став 1 точка 1, 183 став 1 точка 1, 184, 185 и 189 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 38/1991, 46/1993 и 55/1995).
Законот влезе во сила на 7 април 2000 година, што значи дека на овој датум престанале да важат наведените членови од Законот за здравствената заштита, меѓу кои и оспорениот член 185.
Судот исто така утврди дека според член 185 став 1 точка 1 од Законот за здравствената заштита, во време на неговото важење, било пропишано дека со парична казна од четири до десет плати ќе се казни за прекршок здравствената и друга организација ако спротивно на одредбите на овој закон или на општ акт на Министерството за здравство, ги скуси или ги ограничи правата што му припаѓаат на осигуреникот.
4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи предвид дека со влегување во сила на Законот за здравственото осигурување, престанал да важи оспорениот член 185 од Законот за здравствената заштита, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.212/2006
27 декември 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи