Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за утврдување на основите и коефициентите на платите, додатоците и надоместоците на воените претставници на Република Македонија во странство и на други воени и цивилни лица на служба во странство, број 01-4135/1 од 21.06.2002 година, број 01-2761/1 од 14.04.2003 година, број 01-2761/3 од 27.05.2003 година, број 01-2761/4 од 24.07.2003 година, број 01-5114/1 од 13.10.21005 година, број 01-4069/1 од 25.07.2006 година и број 01-4069/3 од 22.08.2006 година, донесен од министерот за одбрана на Република Македонија.
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, министерот за одбрана немал законско овластување да го донесе оспорениот правилник.
Имено, Правилникот бил донесен врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 9 од Уредбата за утврдување на платите и другите надоместоци на вработените во дипломатско-конзуларните и други претставништва на Република Македонија во странство, и покрај определбата утврдена во член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, дека министерот донесува правилници и други видови акти за извршување на законите и другите прописи само кога за тоа изречно е овластен со закон.
Дека не постоел правен основ за донесување на овој правилник од страна на министерот за одбрана, можело да се утврди и од член 188 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, според кој професионален војник и воен старешина кој учествува во хуманитарни операции и мировни мисии надвор од територијата на Републиката има право на плата согласно со прописите за плата и надоместоци на плата на вработените во дипломатско-конзуларните и други претставништва на Републиката во странство и право на бесплатно сместување и исхрана. Па, според член 76 став 2 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ број 46/2006), само со акт на Владата се уредувал начинот и постапката за утврдување на платите, додатоците на плати и надоместоците на определени трошоци во дипломатско-конзуларно претставништво, а не со акт на министерот, како во случајов.
Со оспорениот правилник, покрај изворно утврдување на права и обврски на воените претставници на Република Македонија во странство и на други воени и цивилни лица на служба во странство, изворно се утврдувале и посебни (специјални) права, како што била репрезентацијата, ангажирањето на послуга, режиски трошоци и уредување соба за дневен престој, што било спротивно на член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Оспорениот правилник, согласно член 33, влегувал во сила со денот на донесувањето, што не било во согласност со член 52 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, според кои законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ пред да влезат во сила, и тоа најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот првилник се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 52 став 1 и 2, член 91 алинеите 1 и 5 и член 96 од Уставот, член 188 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на устваноста и законитоста на Правилникот.
3. Судот на седницата утврди дека министерот за одбрана, врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 9 од Уредбата за утврдување на платите и другите надоместоци на вработените во дипломатско-конзуларните и други претставништва на Република Македонија во странство, донел Правилник за утврдување на основите и коефициентите на платите, додатоците и надоместоците на воените претставници на Република Македонија во странство и на други воени и цивилни лица на служба во странство, број 01-4135/1 од 21.06.2002 година, број 01-2761/1 од 14.04.2003 година, број 01-2761/3 од 27.05.2003 година, број 01-2761/4 од 24.07.2003 година, број 01-5114/1 од 13.10.21005 година, број 01-4069/1 од 25.07.2006 година и број 01-4069/3 од 22.08.2006 година.
Правилникот содржи 33 члена, распоредени во следниве тематски целини: основни одредби; плати; додатоци на плата; надоместоци; посебни права; аконтација; право на привремено сместување и завршни одредби.
Во делот на Основните одредби (член 1 до член 3) се определува кругот на лица на кој се однесува овој правилник, а тоа се воените претставници на Република Македонија во странство и другите воени и цивилни лица од Министерството за одбрана упатени на служба во странство, како и се определува дека правото на плата, додатоци и надоместоци на овие лица се остварува под услови и критериуми утврдени со закон, Уредбата за утврдување на платите и другите надоместоци на вработените во дипломатско-конзуларните и други претставништва на Република Македонија во странство и овој правилник.
Во делот – Плати (член 5 до член 7) се определуваат коефициентите за секоја должност, односно звање на кои се упатуваат воените претставници на Република Македонија во странство и другите воени и цивилни лица од Министерството за одбрана на служба во странство, како елемент од кој зависи утврдувањето на платата.
Во делот – Додатоци на плата (член 8 и 9) се определува висината на додатокот за плата кој се остварува за придружба на невработен брачен другар и додатокот за посебни услови на престој и работа.
Во делот – Надоместоци (член 11 до 22) се определуваат условите за остварување на посебните надоместоци ( за превоз до и од работа; за изнајмување, уредување и користење на стан; за школување на деца и за други трошоци кои се однесуваат на патни и дневни трошоци, селидби и друго), како и се определува нивната висина.
Во делот – Посебни права (член 23 до 27) се утврдуваат посебните права (репрезентација, ангажирање на послуга, режиски трошоци и уредување на соба за дневен престој), се определуваат лицата кои имаат право на овие погодности и висината на надоместокот.
Во делот – Аконтација (член 28 до 30) се определува правото на аконтација на плата при стапување на должност во претставништво во странство, а во делот – Право на привремено сместување (член 31) се определуваат условите под кои се остварува привременото сместување на лицето упатено на служба во странство, до обезбедување услови за сместување.
Во завршните одредби (член 32 и 33) се определува влегувањето во сила на овој правилник, односно дека овој правилник влегува во сила со денот на донесувањето.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобен за уставносудска оцена.
Имено, оспорениот правилник има карактер на интерен акт со кој се определуваат платите, додатоците и надоместоците на една категорија вработени во Министерството за одбрана, односно на воените претставници на Република Македонија во странство и другите воени и цивилни лица од Министерството за одбрана за времето додека се упатени на служба во странство.
Согласно член 186 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003 и 112/2005), воени претставници на Република Македонија во странство се воените аташеа и членовите на воените мисии во странство со чин мајор и повисок. Овие воени претставници имаат дипломатски статус. Министерот за одбрана може со решение да упати воен старешина и цивилно лице на служба во Армијата да врши должност во воени претставништва и воени мисии на Републиката во странство, во меѓународни организации или во меѓународни воени единици. Поблиски прописи за работата на воените претставништва на Републиката во странство донесува министерот за одбрана.
Согласно член 187 од истиот закон, воените претставници во странство и воените и цивилните лица од член 186 на овој закон, имаат право на плата и надоместоци на плата согласно со прописите за плата и надоместоците на плата на вработените во дипломатско-конзуларните и другите претставништва на Републиката во странство.
Според член 188 став 2 на овој закон, професионален војник и воен старешина кој учествува во хуманитарни операции и мировни мисии надвор од територијата на Републиката има право на плата согласно со пропшисите за плата и надоместоците на плата на вработените во дипломатско-конзукларните и други претставништва на Републиката во странство и право на бесплатно сместување и исхрана.
Вработените во дипломатско – конзуларните и други претставништва на Република Македонија во странство остваруваат право на плата согласно Уредбата за начинот на утврдување на платите и другите надоместоци на вработените во дипломатско-конзуларните и другите претставништва на Република Македонија во странство („Службен весник на Република Македонија“, број 52/1993, 34/1996, 62/1996, 97/2000 и 54/2006).
Согласно член 9 од оваа уредба, со посебен акт министерот за односи со странство, министерот за одбрана, министерот за внатрешни работи и министерот за култура ги утврдуваат основите и коефициентите за платите посебно за сите работи и задачи (дипломатски и административни), додатоците и надоместоците изразени во проценти.
Согласно член 76 став 2 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ број 46/2006), чија примена е одложена од 1 јануари 2007 година, со акт на Владата се уредува начинот и постапката за утврдување на платите, додатоците на плата и надоместоците на определени трошоци во дипломатско-конзуларните претставништва.
Наведената регулатива претставува правен основ за донесување на оспорениот правилник.
Тргнувајки од содржината на оспорениот правилник во целина, Судот оцени дека со овој правилник само се доуредуваат одредени прашања кои се однесуваат на вработените во Министерството за одбрана додека извршуваат служба во странство, што на овој правилник му дава карактер на интерен акт на Министерството за одбрана и не претставува пропис донесен од министерот за одбрана за вршење на јавни овластувања утврдени со закон.
Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на неговата согласност со Уставот и со закон, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.198/2006
27 декември 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи