100/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 61 став 3 и членот 64 став став 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот за судовите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби немале уставна основа затоа што утврдувањето – пропишувањето на висината и начинот на исплата на надоместоците од ставот 1 и 2 од членот 61 и ставот 1 од членот 64 од Законот можеле да се утврдуваат, пропишуваат исклучиво со закон, а не со подзаконски акт. Исто така,од членот 64 став 4 од Законот можело да се заклучи дека платите и другите надоместоци на судиите се уредувале со закон.

Со вака даденото овластување, според подносителот на иницијативата се одстапувало од владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во оспорените одредби, а и во целината на Законот немало поблиски критериуми за определување на висината на ваквиот вид надоместоци, ниту пак имало критериуми за тоа што се подразбирало под зголемени трошоци за домување на судијата, селидбените трошоци и надоместокот за случај кога судијата е избран или распореден во друг суд.

Оттаму, според подносителот на иницијативата, вака утврдените законски овластувања за министерот за правда да донесува подзаконски прописи со кои се утврдувале права за граѓаните-судии, без критериуми и рамка утврдена во закон, преставувале навлегување на извршната во законодавната власт, односно преставувале повреда на уставното начело на владеење на правото.

Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека покрај наведените уставни одредби, во овој случај се повредувале и член 51, член 91алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 61 од Законот, кога судијата, по потреба на службата, времено е упатен судиската функција да ја врши надвор од местото на живеење, има право на надоместок за зголемени трошоци за неговото домување или надоместок на трошоци за превоз (став 1).

Судијата има право на надоместок за селидбени трошоци во случај од ставот (1) на овој член за него или за неговото семејство, како и на надоместок во случаите кога е избран или распореден во друг суд (став 2).

Министерот за правда со подзаконски акт ја утврдува висината и начинот на исплата на надоместоците од ставовите (1) и (2) на овој член (оспорениот став 3).

Според член 64 од Законот, судиите- поротници имаат право на надоместок за вршење на работите на судија-поротник (став 1).

Министерот за правда донесува поблиски прописи за надоместоците на судиите–поротници (оспорениот став 2).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и правните лица д а се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Заради целосно согледување на прашањето покренато со иницијативата Судот направи анализа и на други одредби од Законот за судовите и утврди дека:

Според член 39 став 9 од Законот за судовите, по исклучок, судија на апелационен и на основен суд може да биде времено упатен, но најдолго за време од една година да суди во друг суд од ист степен или во понизок суд или од еден во друг специјализиран оддел, кога поради спреченост и изземање на судија или поради значително зголемен обем на работа, намалена ажурност или поради сложеност на предметите е доведено во прашање тековното работење на судот. Според став 10 од истиот член од Законот, временото упатување на суди јата од ставот 9 на овој член го врши Судски буџетски совет на Република Македонија и за тоа веднаш го известува претседателот на судот од кој се упатува и претседателот на судот во кој времено се упатува судијата.

Според член 59 од Законот, судиите ги уживаат сите права од работен однос што им припаѓаат според закон.

Според член 60 од Законот, платите и другите надоместоци на судиите се уредуваат со закон.

Според член 63 од Законот, за правата од членовите 61 (во него спаѓа оспорениот став 3) и 62 на овој закон по барање на судијата, одлучува Судскиот буџетски совет.

Тргнувајќи од содржината на член 61 став 1 и 2 од Законот за судовите произлегува дека во нив е утврдено правото на надоместокот на судиите за зголемени трошоци за нивното домување или на доместок на трошоци за превоз, кога функцијата времено ја вршат надвор од местото на живеење, односно правото за исплата на надоместок за селидбени трошоци за судиите или за нивните семејства во случаите кога се избрани или распоредени во друг суд.

Понатаму, од содржината на членот 64 став 1 од Законот, произлегува дека во него е утврдено правото на надоместок за вршење на работите на судиите-поротници.

Поконкретно, од содржината на целината на цитираните одредби од Законот за судовите произлегува дека станува збор за право на надоместок кое е предвидено во закон, потреба за негова исплата се појавува во исклучителни ситуации, за него одлучува Судскиот буџетски совет, на претходно барање од судијата, а висината и начинот на исплата на надоместокот, според оспорениот член 61 став 3 од Законот се утврдува со подзаконски акт од страна на министерот за правда. Овој надоместок се обезбедува од средствата Буџетот на Република Македонија означен со „Судска власт“.

Исто така, од содржината на членовите 55, 56 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, произлегува дека министерот може со закон да биде овластен да донесува акти за нивно извршување и дека за таквото негово овластување се пропишани посебни рамки во кои тој може да се движи, со тоа што со актите за чие донесување е овластен со закон може само да се разработуваат одделни законски одредби за нивно извршување, како и да се пропишува начинот на постапувањето во извршувањето на одделни одредби од законите.

И мајќи ја предвид содржината на наведените уставни и законски одредби, и посебно содржината на оспорените одредби од Законот, Судот оцени дека овластувањето на министерот за правда со подзаконски акт да ја утврди висината и начинот на исплата на наведените надоместоци на судиите и судиите-поротници не може да се доведе под сомнение по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

Имено, во конкретниот случај со оспорените законски одредби министерот се овластува со подзаконски акт, а во функција на извршување, разработка на законски определени права да донесе конкретни подзаконски акти, со што воедно ја остварува уставно утврдената положба на органите на државната управа, како дел од извршната власт, чија организација и работа се уредува со закон. Според тоа со оспорените одредби не се навлегува во законодавната власт и не се повредува независноста и самостојноста на судската власт, како дел од државната власт.

Во однос на прашањето, пак, дали министерот за правда се движел или излегол од рамките утврдени во членот 56 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и во рамките на членовите 61 став 1 и 2 и член 64 став 1 од Законот за судовите, Судот оцени дека тоа прашање може да биде предмет на оценување само во случај кога би се работело за оспорување на конкретен пропис и акт што е донесен во смисла на овластувањето утврдено во оспорените одредби.

Иако пред Судот не се постави прашањето за навлегување на извршната во законодавната влас т, за него остана дилемата дали законодавецот при креирањето на нормите во Законот за судскиот буџет („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003 и 37/ 2006), што не се предмет на оспорување, останал доследен во почитувањето на определбите на Уставот, вградени во Амандманот XXV и XXVIII на Уставот кои прокламираат самостојност и независнот на судиската власт, вкучувајќи го тука и материјалниот аспект на самостојноста и независнота.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.100/2006
27 декември 2006 година
С к о п ј е
мл/ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи