142/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ – Скопје, донесена од Советот на општина Центар – Скопје под бр.07-1322/1 од 15 јули 2003 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/2003).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлука за донесување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“-Скопје, донесена од Советот на општина Центар-Скопје под бр.07-1965/1 од 12 ноември 2003 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.13/2003).

3. Мино Јакимовски од Скопје на Уставниот суд на Репу блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената Одлука за донесување на урбанистички план се предвидувала изградба на катна гаража-урбанистичка парцела 1.1 со маркица поголема од 2000 м 2 и висина поголема од 20м на аголот помеѓу улиците „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Водњанска“, а наспроти објектот на „Нова Македонија“. Притоа, градењето на катна гаража било спротивно на намената во Генералниот урбанистички план за град Скопје, кој на ова место предвидел парковско зеленило, што преставувало тешка повреда на одредбите на Генералниот урбанистички план за град Скопје и Законот за просторнот и урбанистичко планирање. На вака предвидениот Детален урбанистички план, Министерството за транспорт и врски издало согласност, иако по својата надлежност требало да ја провери и потврди законитоста на постапката за донесување на планот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека повредата на законската регулатива при донесување на деталниот план не застанала тука, бидејќи по само четири месеци Советот на општината Центар донел Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на дел од деталниот урбанистички план, со која измена и дополнување не само што не била одстранета катната гаража, туку било предвидено нејзино проширување на 3000 м2 и висина од 21 м со поинаква намена „катна гаража со деловен простор“. Според тоа, Советот на општината Центар по втор пат во соработка со Министерството за транспорт и врски донел детален урбанистички план во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Врз основа на изнесеното во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на наведените одлуки, а потоа истите да ги укине.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Центар на седницата одржана на 15 јули 2003 година донел Одлука за донесување на детален урбанистички план „Стара железничка станица“ – Скопје.

Во членот 1 од Одлуката е определено дека деталниот урбанистички план ги почитува определбите на генералниот урбанистички план на Град Скопје бр.8/2002, Законот за просторното и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичката обработка на плановите и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, со наведување на соодветните службени гласила.

Во членот 2 од Одлуката се определени границите на деталниот урбанистички план и тоа на следниот начин: на северозапад по осовината на бул. „Водњанска“, на југозапад по осовината на ул. „Железничка“, на североисток по осовината на ул. „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и на југоисток по осовината на новопроектираната улица „Бихачка“. Просторот опфаќа површина од 14,28 ха. Потоа, во став 2 од овој член се дава приказ на видовите на објекти што се предвидуваат и нивната површина. Во истиот став, меѓу другото во точката 3 е определено дека се планираат катни гаражи со површина од 0,80 ха.

Во членот 3 од Одлуката е определено дека деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички прилози и се определува што се од останата документација е составен дел од Одлуката.

Во членот 4 од Одлуката е определен начинот на заверка на Деталниот урбанистички план.

Во членот 5 е определено дека Одделението за урбанизам на Општината во рок од 60 дена ќе обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ.

Во членот 6 е определено дека Планот со сите негови делови ќе се чува и за неговата реализација ќе се грижи Одделението за урбанизам на Општината.

Во членот 7 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службениот гласник на град Скопје”.

Одлуката е заверена под број 07-1322/1 од 15 јули 2003 година и е објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.10/2003 година.

Советот на општина Центар на седницата одржана на 21 ноември 2003 година, донел Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“-Скопје.

Во членот 1 од Одлуката е наведено дека Одлука за донесување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ -Скопје, бр.07-1322/1 од 15 јули 2003 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/2003), во членот 2 се менува и гласи:

– Просторот со кој е опфатен Деталниот урбанистички план е со 3,58 ха и е во рамките на следните граници: на северозапад по осовината на бул. „Водњанска“, на југозапад по осовината на ул. „Македонија“, на југоисток по осовината на новопроектираната пешачка пасарела и на североисток по осовината на ул. „Мито Хаџивасилев Јасмин“.

Во ставот 2 на овој член е определено како се предвидуваат утврдените граници на зафатот од ставот 1 на истиот член и притоа по однос на урбаниот модул 1 во алинејата 2 се определува како вид на објект катни гаражи со деловни простории со површина од 0,7 ха.

Во членот 2 од Одлуката е определено што содржат измените и дополнувањата (текстуален дел, графички дел и останата документација).

Во членот 3 од Одлуката е о пределен начинот на заверка на деталниот урбанистички план.

Во членот 4 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службениот гласник на град Скопје”.

Одлуката е заверена под број 07-1965/1 од 21 ноември 2003 година и е објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.13/ 2003 година. Оваа одлука била предмет на оценка по однос на нејзината законитост во постапката по предметот У.бр.204/2003.

Од доставената целокупна документација Судот, исто така, утврди дека Стручната ревизија на Нацрт-Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“, општина Центар-Скопје, заведена под тех.бр.18/2003 од мај 2003 година изготвило ЈП „Штип-Проект“ од Штип.

Одговор на извршената ревизија е даден од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ заведен по тех.бр.52/2003 од мај 2003 година.

По повод бараното стручно мислење за Нацрт-Планот, Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот во Скопје, дало стручно мислење бр.13-5150/3 од 28 мај 2003 година.

Главниот архитект на град Скопје по Нацрт-Деталниот урбанистички план дал стручно мислење бр.18а-1519/1 од 11 јуни 2003 година.

Со Заклучок бр.18-982/4 од 16 јуни 2003 година Одделението за урбанизам при Општината го утврдило Нацрт-Планот и определило доставување на Заклучокот до Градоначалникот на Општината, заради организирање на јавна анкета.

Градоначалникот на општината Центар со Одлука бр.08-982/5 од 16 јуни 2003 година определил организирање на јавна анкета на Нацрто т на Деталниот урбанистички план и тоа во траење од 10 дена.

Соопштението за организирање на јавната анкета е објавено во весникот „Дневник“ на 17 јуни 2003 година.

Поканата за организирање на стручна консултација по Нацрт – Планот носи бр.18-982/6 од 23 јуни 2003 година и од неа произлегува дека стручна консултација била закажана за 25 јуни 2003 година.

Од М.З. Мито Хаџивасилев“- Скопје изготвен е список бр. 03-69 од 30 јуни 2003 година на поднесени анкетни листови и тоа 22 на број.

Освртот од стручната консултација носи бр.18-982/7 од 2 јули 2003 година.

Стручна комисија, оформена од градоначалникот на општината, по повод спроведената јавна анкета и поднесените анкетни листови изготвила извештајот бр.16-982/8 од 4 јули 2003 година. Од известувањето бр.18-982/9 од 4 јули 2003 година на Одделението за урбанизам произлегува дека од доставените 22 забелешки, две се прифатени и вградени во Планот.

Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог-Планот, заведена под бр.13-7425 од 10 јули 2003 година, по што Советот на општината ја донел и објавил оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ – Скопје.

Стручната ревизија на Нацрт-измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за дел од „Стара железничка станица“, општина Центар-Скопје, заведена под тех.бр.50/2003 од октомври 2003 година изготвило ЈП „Штип-Проект“ од Штип.

Одговор на извршената ревизија е даден од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ заведен по тех.бр.52а/2003 од октомври 2003 година.

По повод бараното стручно мислење за Нацрт-Планот, Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот во Скопје, дало стручно мислење бр.13-1174 од 21 октомври 2003 година.

Главниот архитект на град Скопје по Нацрт измената и дополнувањето на деталниот урбанистички план дал стручно мислење бр.18а-3087/1 од 22 октомври 2003 година, без забелешки.

Со Заклучок бр.18-1769/3 од 21 октомври 2003 година Одделението за урбанизам при Општината ја утврдило Нацрт измената и дополнувањето на Планот и определило доставување на Заклучокот до градоначалникот на Општината, заради организирање на јавна анкета.

Градоначалникот на општината Центар со Одлука бр.08-1769/4 од 21 октомври 2003 година определил организирање на јавна анкета на Нацрт измената и дополнување на Деталниот урбанистички план и тоа во траење од 10 дена.

Соопштението за организирање на јавната анкета е објавено во весникот „Дневник“ на 23 октомври 2003 година, а исправката на соопштението е објавена наредниот ден.

Поканата за организирање на стручна консултација по Нацрт – Планот носи бр.1769/5 од 5 ноември 2003 година и од неа произлегува дека стручна консултација била закажана за 7 ноември 2003 година.

Од М.З. Мито Хаџивасилев“- Скопје изготвен е список бр. 03-74 од 3 ноември 2003 година на поднесени анкетни листови и тоа 2 на број.

Освртот од стручната консултација носи бр.18-1769/5 од 10 ноември 2003 година.

Стручна комисија, оформена од Градоначалнико т на општината, по повод спроведената јавна анкета и поднесените анкетни листови изготвила извештајот бр.18-1769/7 од 10 ноември 2003 година. Од известувањето бр.18-1769/8 од 11 ноември 2003 година на Одделението за урбанизам произлегува дека доставените 2 забелешки, не се прифатени.

Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог изменувањето и дополнувањето на Планот, заведена под бр. 13-12530 од 13 ноември 2003 година, по што Советот на општината ја донел и објавил оспорената Одлука за изменување и дополнување на Одлука за донесување на Детален урбанистички план.

5. Според член 2 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/ 1996, 28/1997, 18/1999, 53/ 2001 и 45/2002), кој бил во сила во време на донесување на оспорените одлуки, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и генерален и детален урбанистички план.

Според член 10 став 1 од Законот, генералните урбанистички планови се донесуваат за подрачја на населено место, стопански комплекс и за други подрачја предвидени за градба.

Според став 2 од истиот член од Законот, генералниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границите на урбаното подрачје со билансни пока затели за урбаните единици и блокови и за инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница за урбано подрачје, намена на земјиштето на урбаните блокови, решенија на генералните водови и објекти на сообраќајна и друга инфраструктура. Билансните показатели содржат: податоци за површините и намените, показатели за инфраструктурата и параметри за уредување на просторот на урбаните блокови, согласно наведените стандарди и нормативи. Генералниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со просторниот план.

Според член 11 став 1 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.

Според став 2 од истиот член од Законот, опфатот на урбаниот блок за кој се изработува детален урбанистички план може да изнесува максимум 30 хектари, а минималниот опфат зависи од големината на урбаниот модул определен со сообраќајници, водотеци и слично, со максимално почитување на постојната состојба, доколку е во согласност со генералниот урбанистички план.

Според член 11 став 3 од Законот, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ содржи: граница за урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули со градежни парцели, површина за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина, со обраќајна мрежа со нивелманско решение, решенија на секундарни водови и објекти на инфраструктура. Билансните показатели содржат: податоци за површините, показатели за инфраструктурата и параметри за уередување на просторот на урбаните модули, согласно со соодветните стандарди и нормативи. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Според член 11 став 4 од Законот, документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Според член 17 став 1 од Законот, плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а според став 3 од истиот член по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соо пштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

Според член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 од овој Закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Согласно член 22 став 4 од Законот, Градот Скопје донесува генерален урбанистички план на Град Скопје, додека согласно став 5 од истиот член од Законот, општината од подрачјето на Град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината.

Според член 22 став 6 од овој Закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од Министерството надлежно за работите на уредување на просторот. Според член 23 став 1 од Законот, со согласноста од став 6 на член 22 од овј закон, се потврдува дека планот е изработен согласно со: одредбите од овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон.

6. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Поаѓајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија согласно наведената уставна одредба, произлегува дека Судот нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на деталите урбанистички планови како планови од пониско ниво со генералниот урбанистички план, што воедно во случајов произлегува од наводите во иницијативата во однос на предметниот план за кој се однесува оспорената одлука.

Со оглед на тоа што, од приложената документација при утврдувањето на фактичката состојба за спроведувањето на постапката за донесувањето на предметниот план, Судот утврди дека Министерството за транспорт и врски дало согласност за донесување на деталниот план, и во тие рамки е третирано прашањето на усогласеноста на содржините на деталниот урбанистички план како план од пониско ниво со генералниот урбанистички план. Од аспект на уставносудската анализа на законитоста на предметниот план за кој се однесува оспорената одлука, релевантно е дека сите фази и дејствија на донесување на планот се запазени и спроведени согласно со закон.

7. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имено, со Решение У.бр.204/2003 од 21 април 2004 година, Судот не повел постапка за оценување на законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од “Стара железничка станица”, донесена од Советот на општина Центар под бр.07-1965/1 од 21 ноември 2003 година.

Во таа постапка пред Судот не се поставило прашањето за законитоста на постапката за донесување на одлуката за изменување и дополнување на одлуката за донесување на деталниот урбанистички план по однос на спроведените фази од постапката, а според оценка на Судот прашањето што сега се покренува со иницијативата не би можело да преставува основ за поинакво одлучување.

Оттаму, Судот оцени дека станува збор за работа за која веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 142/2006
27 декември 2006 год.
С к о п ј е
м.л/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи