Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за „Влае 1 урбан модул 5.2“ бр.07-5042/2 од 16 октомври 2006 година, донесена од Советот на општина Карпош, објавена во „Службен гласник на општина Карпош“ бр. 12 од 18 октомври 2006 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука по однос на член 17 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и за согласноста на оспорената одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003).
3. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
4. Ѓорѓи Митевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 17 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), од причина што и покрај тоа што и во Статутот на општината било предвидено формирање на партиципативно тело, како што бара Законот во наведениот член, Советот на општина Карпош сé уште не го формирал тоа тело, со што на граѓаните им било оневозможено да ги пренсуваат своите ставови, предлози и мислења пред членовите на Советот на општината, кои донесувале одлука за усвојување на детален урбанистички план.
Според подносителот на иницијативата при донесување на оспорената одлука не бил почитуван ниту членот 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи стручната комисија ниту едно лице кое поднело анкетен лист писмено не го известила за прифаќање, односно неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
При донесување на оспорената одлука не бил почитуван ниту членот 24 став 9 од Законот, од причина што според иницијативата и покрај тоа што нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени, градоначалникот на општината не спровел повторно јавна презентација и јавна анкета, со што на граѓаните им била скратена можноста и правото да ги дадат своите збелешки и предлози, според подносителот на иницијативата, на значајно изменет предлог на деталниот урбанистички план.
Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека оспорената одлука не била во согласност со член 44 став 5 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
Поради наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истовремено да донесе решение за изрекување на времена мерка со кои ќе се забрани примената на Одлуката.
5. Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2. Општина Карпош-Скопје бр.07-5042/2 од 16 октомври 2006 година, донесена од Советот на општина Карпош содржи 9 (девет) члена. Според член 1 од одлуката со оваа одлука се донесува Деталниот урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2 Општина Карпош – Скопје.
Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, барањата во Програмата за содржината на планот, Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови.
Според член 2 од оваа одлука просторот за кој се донесува Деталниот урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2 општина Карпош – Скопје, е со површина на урбаниот опфат од П = 2,15 ха.
Овој локалитет е дефиниран со следните граници:
– на Југ – границата оди по осовината на ул. „Франц Прешерн“ и по јужните ивици на КП 74,25 и 74,29.
– на Исток – границата оди по кејот на реката Вардар.
– на Север – гграницата оди по осовината на предвидениот Бул. „Илинден“ и
– на Запад – границата оди по осовината на ул. „Пролетерска“.
Во член 3 се предвидува донесувањето на Деталниот урбанистички план за локалитет Влае 1 УМ 5.2 општина Карпош – Скопје, е изготвен во две фази:
– документациона основа за урбан опфат од 2,15 ха, и
– планиран развој за урбан опфат од 2,15 ха.
Подрачјето на опфатот претставува еден урбан модул и во истиот се дефинирани 27 урбанистички парцели.
Во рамките на овој локалитет предвидени се намени, согласно со намените на Генералниот урбанистички план на град Скопје од 2002 година.
Во рамките на планот се предвидени следните намени:
СК – семејни куќи – домување
ЗЗ – заштитно зеленило
Максималната висина на објектите (висина до горен венец) се определува од нивото на тротоар, односно сообраќајницата или пристапна патека и истата изнесува Н мах. 8,80 м. а на веќе изградените постојни семејни куќи се задржува Н мах 10.20 м.
Со Планот се одредени:
– облик и големина на градежна парцела (м2);
– регулациона линија;
– градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради;
– максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот (м2);
– процент на изграденост (%);
– максимална развиена површина на објект (м2);
– коефициент на искористеност (К);
-намена на објектот;
– максимална висина на објектот (до завршниот венец) од ниво на тротоар, сообраќајница или пристапна патека;
– паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.
Според член 4 од одлуката Деталниот урбанистички план содржи: планиран развој со графички дел, а според член 5 од оваа одлука составен дел на оваа одлука се и текстуалниот дел, графичкиот приказ на планските решенија и билансните показатели за планскиот опфат.
Во член 6 се предвидени Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општината Карпош и потпис на претседателот на Советот на општината.
Според член 7 од Одлуката Советот на општината, во рок од 30 дена од завршувањето на целосната законска постпака за донесување на Деталниот урбанистички план, ќе обезбеди комплетна документација за реализација на Планот.
Според член 8 од Одлуката Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува во Секторот за урбанизам – Одделение за просторно и урбанистичко планирање на општината.
Според член 9 оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Карпош“.
6. Во текот на претходната постапка, Судот утврди дека Постапката за донесување на Детален урбанистички план за локалитетот Влае 1 – УМ 5.2 (северен дел спрема бул. Илинденска) е покрената во 2002 година. Градоначалникот на општината Карпош-Скопје поднел барање до главниот архитект на град Скопје под број 08-1716/1 од 9 декември 2002 година за поднесување иницијатива за донесување на Детален урбанистички план за локалитетот Влае 1 (северен дел спрема бул. Илинденска) каде согласно Генералниот план на град Скопје се предвидува домување.
Главниот ахитект на град Скопје со Известие број 18-А-3306/1 од 17 јануари 2003 година го известил Советникот за урбанизам на градоначалникот на општината Карпош-Скопје, дека барањето за поведување постапка за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за н. Влае 1 УМ 5.2 (северен дел спрема Бул. Илинденска) е потребно истото да се дополни со граница на урбаниот опфат по катастарски парцели или сообраќајници.
Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА изготвил Нацрт-план за детален урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2 (северен дел спрема Бул. Илинденска), од месец ноември 2004 година.
Главниот архитект на град Скопје дал стручно мислење на Нацрт-планот за детален урбанистички план под број 18-А-139/1 од 17 февруари 2005 година.
Министерството за транспорт и врски дал стручно мислење на Нацрт-планот под број 13-3294 од 14 април 2005 година.
Советот на општината Карпош-Скопје во септември 2005 година донел Нацрт-одлука за донесување на детален урбанистички план.
Советот на општината Карпош-Скопје донел Заклучок под број 08-1880/3 од 5 септември 2005 година со кој е утврден текстот на Нацрт-одлуката за донесување на детален урбанистички план.
Градоначалникот на општината Карпош-Скопје донел Одлука број 08-4094/1 од 21 ноември 2005 година за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацртот на одлуката за донесување на детален урбанистички план. Градоначалникот на општината Карпош-Скопје со писмо број 08-4094/2 од 22 ноември 2005 година доставил барање до редакцијата на весникот „Дневник“ за објавување на текст на соопштение за организирање јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-одлуката за донесување на детален урбанистички план.
Соопштението за организирањето на јавната презентација и јавната анкета е објавено во весникот „Дневник“ на 24 ноември 2005 година.
Целокупниот материјал за спроведување на јавната анкета (текстуален дел на Одлуката, графички прилог, анкетни листови и соопштенија за организирање на јавната анкета), е доставен од градоначалникот на општината Карпош-Скопје до месната заедница Влае-1 со писмо број 08-4094/3 од 24 ноември 2005 година. Јавната анкета траела од 24 ноември 2005 година до 10 декември 2005 година.
Со писмо на градоначалникот под број 08-3905/4, 08-4093/4 и 4094/4 од 24 ноември 2005 година известени се комуналните и јавните претпријатија ЈП Водовод и канализација, АД Електростопанство на Македонија, АД Телекомуникации и АД Топлификација за денот на одржувањето на стручната консултација по Нацрт-одлуката за донесување на детален урбанистички план. Организирана е стручна консултација по Нацрт-одлуката за донесување на детален урбанистички план во општината Карпош-Скопје на 30 ноември 2005 година и е составен Записник под број 08-1880/4 од 1 декември 2005 година.
За време на Јавната презентација и Јавната анкета по Нацрт-одлуката доставени се 53 писмени забелешки на анкетни листови, за што од Месната заедница Влае-1 е составен и Записник од 10 декември 2005 година.
Месната заедница Влае-1 целокупниот материјал од јавната презентација и јавната анкета го има доставено до градоначалникот на општината Карпош-Скопје со писмо број 03-31 од 11 декември 2005 година.
Градоначалникот на општината Карпош-Скопје со одлука број 08-1091/1 од 27 февруари 2006 година повторно организира јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-одлуката за донесување на детален урбанистички план, бидејќи се прифатени повеќе од забелешките на анкетните листови, со што Нацрт-планот претрпе значајни промени.
Врз основа на Одлуката за повторно организирање на јавна презентација и јавна анкета, изготвено е соопштение за повторно организирање на јавна презентација и јавна анкета. Соопштението е доставено на објавување до редакцијата на весникот „Дневник“ со писмо број 08-1091/2 од 27 февруари 2006 година, кое е објавено во весникот „Дневник“ на 28 февруари 2006 година. Врз основа на оваа Одлука изготвен е Нацрт-план во месец февруари 2006 година од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА.
Со писмо на градоначалникот на општината Карпош-Скопје број 08-1091/3 од 28 февруари 2006 година целокупнииот материјал за повторната јавна презентација и јавна анкета (текстуален дел на Одлуката, графички прилог, анкетни листови и соопштенија), го достави до месната заедница Влае-1. Рокот за давање на забелешки по Одлуката за повторно организирање на јавна презентација и јавна анкета, траеше од 28 февруари 2006 година до 20 март 2006 година. За време на траењето на јавната презентација и јавната анкета доставени се 7 писмени забелешки, кои се констатирани на Записник од месната заедница Влае-1 од 20 март 2006 година.
По завршувањето на повторната јавна презентација и јавна анкета, месната заедница Влае-1 со писмо број 03-21 од 21 март 2006 година целокупниот материјал го достави до градоначалникот на општината Карпош-Скопје.
Нацрт деталниот урбанистички план е разгледан од Комисијата за урбанистичко планирање на Советот на општината Карпош-Скопје на седница одржана на 26 април 2006 година и е составен Записник број 13-2224/1 од 26 април 2006 година.
По спроведената јавна презентација и јавна анкета изготвен е Извештај од Комисија потпишан и од градоначалникот на општината Карпош-Скопје под број 08-1091/4 од 28 април 2006 година. Градоначалникот на општината Карпош дал Известување по извештајот за спроведената јавна презентација и јавна анкета под број 08-1091/5 од 28 јули 2006 година. Советот на општината Карпош-Скопје во месец јули 2006 година донел Одлука за донесување на детален урбанистички план за Влае-1 УМ 5.2.
Министерството за транспорт и врски дало Согласност на предлогот на деталниот урбанистички план под број 18-14415 од 18 август 2006 година. Секторот за планирање и уредување на просторот на град Скопје дал Мислење по предлог деталниот урбанистички план под број 13-2041/1 од 4 септември 2006 година.
Комисијата за урбанистичко планирање на Советот на општината Карпош – Скопје дала Мислење по предлог одлуката за деталниот урбанистички план, за што е составен и Записник број 13-4531/3 од 25 септември 2006 година.
7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005). Во Глава VI „Преодни и завршни одредби“ на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година) ќе продолжи според одредбата на законот кој бил во сила на денот на неговото отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.
Со оглед на то ашто во претходна постапка Судот утврди дека урбанистичкиот план сé уште не ја поминал фазата на јавна анкета и јавна презентација, согласно член 8 од Законот, анализата на правната и фактичката состојба во врска со постапката за донесување на оспорената одлука се врши во однос на новиот Закон кој е во примена од 1 јули 2005 година.
Со член 7 од овој Закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.
Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбедување на стручност и јавнот во процесот на просторното и урбанистичко планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партицитативното тело се состои од претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.
Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
Согласно член 24 став 6, пак, од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
Согласно член 24 став 8 од истиот Закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите збелешки или предлози.
Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Макекдонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2 – Општина Карпош, според Судот општината Карпош како надлежен орган за донесување на наведената одлука, во еден дел ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата, и тоа:
Нацрт-деталниот урбанистички план за Влае 1 – УМ 5.2. е изработен од Институот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА со тех.бр.239/2003 од месец ноември 2004 година.
Согласно член 21 став 2 од Законот, стручно мислење на Нацрт-планот има дадено Министерството за транспорт и врски.
Советот на општина Карпош донел Заклучок бр.08-1880/3 од 5 септември 2005 година со кој е утврден текстот на Нацрт-одлуката за донесување на деталниот урбанистички план.
На 21 ноември 2005 година градоначалникот на општина Карпош донел Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по нацрт планот која била јавно објавена во весникот „Дневник“ на 24 ноември 2005 година.
Јавната анкета и јавната презентација траеле од 24 ноември 2005 до 10 декември 2005 година и во тој период биле доставени 53 писмени забелешки од анкетни листови, по кои збелешки биле направени значајни промени во Нацрт-планот, поради што Градоначалникот на општина Карпош со Одлука бр.08-1091/1 од 27 февруари 2006 година повторно организира јавна анкета и јавна презентација по изменетиот Нацрт план изработен од ИН-ПУМА во месец февруари 2006 година. Соопштението за повторно организирање на јавна презентација и јавна анкета било објавено во весникот „Дневник“ на 28 февруари 2006 година. Јавната презентација и јавната анкета биле одржани во периодот од 28 февруари до 20 март 2006 година и кога биле доставени 7 писмени забелешки.
Согласно член 24 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, стручна комисија ги разгледала анкетните листови и даден е извештај во ко поодделно се има произнесено по однос на поднесените 7 анкетни листови, односно децидно е наведено во кој дел од истите се прифаќаат одредени забелешки, а во кој не. Меѓу нив, тој реден број 3 е накетниот лист на сега подносителот на иницијативата Ѓорѓи Митевски кој анкетен лист делумно е прифатен.
По завршувањето на повторната јавна презентација и јавна анкета, месната заедница Влае 1, целокупниот материјал го доставила до градоначалникот на општина Карпош, и по кое е изготвен извештај од Комисијата. Градоначалникот на општината Карпош дал известување по Извештајот за спроведената јавна презентација и јавна анкета. Советот на општина Карпош во месец јули 2006 година донел Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план Влае 1 УМ 5.2.
Согласно член 25 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање Министерството за транспорт и врски дало Согласност на предлогот на деталниот урбанистички план под бр.18-14415 од 18 август 2006 година, а Секторот за планирање и уредување на просторот на град Скопје дал Мислење по предлог деталниот урбанистички план под бр.13-2041/1 од 4 септември 2006 година.
Но, видно од целокупната документација што во текот на претходната постапка беше прибавена од страна на Судот, се констатира дека при донесување на сега оспорената одлука, односно во постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за „Влае 1 – урбан модул 5.2“ – општина Карпош – Скопје, не е докрај испочитувана законската регулатива. Имено, во конкретниов случај видно од приложените докази не прозилегува дека е постапено во смисла на член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што стручната комисија не ја исполнила законската обврска писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање односно неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Оттука, според Судот, основано може да се доведе под сомнение согласноста на оспорената одлука со член 24 став 8 од Законот, на што основано се укажува во поднесената иницијатива.
8. Што се однесува до наводите во иницијативата дека Советот на општина Карпош не го формирал партиципативното тело како што предвидува член 17 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и тоа дека оспорената одлука не била согласна со Правилникот за стандарди и номративи за уредување на просторот, сметаме дека Судот не е надлежен за примената на законите и за оценување на согласноста на оспорената Одлука со наведениот Правилник, поради следното:
Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот, Уставниот суд не е надлежен за примената на законите, ниту пак да одлучува за меѓусебната согласност на прописите од ист правен ранг.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Имајќи го во вид фактот дека со иницијативата подносителот на иницијативата наведува дека Советот на општина Карпош не постапувал по член 17 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, не формирал партиципативно тело, како што предвидува овој член од Законот, како и тоа дека оспорената Одлука е од ист правен ранг со наведениот правилник и имаат карактер на прописи и подзаконски акти со иста правна сила, Судот утврди дека се исполнети условите иницијативата во овој дел да се отфрли.
9. Наводот истакнат во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со член 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според Судот не е основан. Ова од причина што од приложената писмена документација неспорно произлегува дека спроведувањето на повторна јавна анкета и јавна презентација е оставена на проценка на стручната комисија, а дотолку повеќе што и по истата оцениле дека еднаш изложениот нацрт-план претрпел значајни промени и поради што градоначалникот на општината за нацртот на планот се вградени забелешки во планот повторно спровел јавна презентација и јавна анкета, по која всушност е донесена и сега оспорената одлука.
10. Што се однесува до предлогот истакнат во иницијативата, за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1, 2 и 3 од ова решение.
12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.208/2006
27 декември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи