Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 декември 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ точките 3, 4 и 5 од Тарифата за висината на трошоците за присилна наплата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2006), донесена од Владата на Република Македонија.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.92/2005 од 18 октомври 2006 година поведе постапка за оценување на законитоста на точките 3, 4 и 5 од актот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со член 131 став 4 од Законот за даночна постапка.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 131 став 1 од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2006), во постапката за присилна наплата се наплатуваат трошоци. Според став 2 на истиот член, побарувањето кое треба да биде наплатено во присилната наплата се зголемува за еднократна посебна такса во висина од 5% од износот кој треба да биде наплатен во присилната наплата. Согласно ставот 3, трошоците за присилна наплата наведени во ставот 1 на овој член и посебната такса наведена во ставот 2 на овој член, паѓаат на товар на должникот во присилната наплата, а според ставот 4 на истиот член, висината на трошоците за присилна наплата со тарифа ја определува Владата на Република Македонија.
Судот, исто така, утврди дека согласно точка 1 од Тарифата за висината на трошоците за присилна наплата, донесена од Владата на Република Македонија, со оваа тарифа се определува висината на трошоците во постапката на присилна наплата на пристигнат даночен долг, кои паѓаат на товар на должникот во присилната наплата.
Според точката 2 од оваа тарифа, висината на трошоците во постапката на присилна наплата се плаќаат во висина на износи за: 1) секое излегување на даночен извршител заради пописи и процена на движни предмети или на недвижности на должникот, во постапка на обезбедување на даночно побарување во присилна наплата (залог) и во постапка на присилна наплата на даночен долг…2.000,00 денари; 2) секое излегување на даночен извршител заради заплена на попишани движни предмети, односно недвижности на должникот, во постапка на обезбедување на даночно побарување во присилна наплата од движни предмети и во постапка на присилна наплата на даночен долг…2.000,00 денари; 3) секоја одржана постапка на продажба на движни предмети, односно недвижности по пат на аукција…3.000,00 денари; 4) присуство на сведок при преземање на дејствија на даночен извршител во постапка на обезбедување на даночно побарување во присилна наплата и во постапка на присилна наплата на даночен долг – по ден…1.500,00 денари
Согласно точката 3 од Тарифата, трошоците за процена на попишани движни предмети на должникот и за утврдување на почетна цена на недвижности од страна на друго стручно лице се определуваат земајќи го предвид барањето на тоа лице во поглед на висината на наградата за извршена проценка.
Според точката 4 од истата тарифа, трошоците за чување и продажба на запленети хартии од вредност на должникот во постапка на присилна наплата се определуваат со договор за депонирање, чување и продажба на хартиите од вредност.
Согласно точката 5 од оваа тарифа, трошоците за превоз, складирање и чување на одземени движни предмети од даночниот обврзник во постапката на присилна наплата на даночен долг, како и трошоците за огласување на продажба на движни предмети, односно на недвижности која се врши по пат на усна јавна аукција, се утврдуваат во висина на вистинските износи.
Според точката 6 од Тарифата, трошоците за присилна наплата на даночен долг, должникот во присилна наплата ги уплатува на посебна сметка на Управата за јавни приходи, а согласно точката 7, оваа тарифа влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 од истиот член, Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Согласно член 1 од Законот за даночна постапка, со овој закон особено се уредува општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка. Овој закон е единствена основа на општото даночно право и на даночната постапка.
Според член 23 од истиот закон, даночниот долг престанува со: плаќање на даночниот износ; пребивање на даночни побарувања и даночни долгови на ист даночен обврзник; присилна наплата на даночен долг и застарување на даночен долг.
Во Законот за даночна постапка се уредува присилната наплата, како еден од начините за престанување на даночниот долг. Трошоците што даночните извршители и другите лица ги имаат во постапката за присилна наплата (излегување на лице место, трошоци за чување, превоз и сл.), согласно член 131 став 3 од Законот паѓаат на товар на должникот во присилната наплата, а нивната висина, согласно став 4 на истиот член, ја определува Владата на Република Македонија со тарифа.
Од анализата на содржината на Тарифата за висината на трошоците за присилна наплата, донесена од Владата на Република Македонија, Судот констатира дека одделни одредби – точки од Тарифата немаат карактер на одредби на тарифа, туку имаат карактер на одредби на тарифен систем, што не произлегува од членот 131 од Законот за даночна постапка.
Имено, со точките 3, 4 и 5 од Тарифата не се утврдува конкретна висина на трошокот за присилна наплата (како што е случај во точката 2 од Тарифата) и на што упатува законската одредба, туку претставуваат одредби на тарифен систем со кој се пропишува начинот на утврдување на висината на одделни трошоци, а не и самата висина на трошоците, со што се надминати законските рамки на овластувањето на Владата на Република Македонија.
Со оглед на наведеното, Судот утврди дека точките 3, 4 и 5 од Тарифата не се во согласност со член 131 став 4 од Законот за даночната постапка.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.92/2006
27 декември 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи